Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 27 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 16 декември 2009 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување на надоместок на членовите на Советот на општина Неготино за работа на седниците на работните тела на советот, бр.07-402/14 од 26.05.2009 година.
2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени, односно преземени врз основа на одлуката означена во точката 1 од ова решение.
3. Пане Трајков – градоначалник на општина Неготино на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката на Советот на општина Неготино означена во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата, оспорената Одлука била незаконита затоа што истата не била во согласност со темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, принципите на Уставот на Република Македонија, Законот за локална самоуправа и Законот за дополнување на Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македoнија и другите избрани и именувани лица.
Подносителот на иницијативата бара да се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката како и да се запрат од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на истата одлука.
4. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Неготино на седницата одржана на 26 мај 2009 година донел: Одлука за утврдување на надоместок на членовите на Советот на општина Неготино за работа на седниците на работните тела на советот, бр.07-402/14.
Според член 1 од ова одлука, на членовите на Советот на општина Неготино за работа на седниците на работните тела-комисиите на советот им припаѓа надоместокот во висина од 3.000,00 месечно.
Со член 2 од Одлуката се утврдува дека оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Неготино“.
5. Согласно член 8 став 1 алинеите 3 и 9 од Уставот, владеењето на правото и локалната самоуправа се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно член 52 став 1 од Уставот, законите и сите други прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Според став 4 од истата одредба, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Според член 45 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) членовите на Советот имаат право на надоместок за присуство на седница и надоместоци на патни и дневни трошоци во рамки утврдeни со закон.
Согласно членот 100 кој е поместен во Глава XV „Преодни и завршни одредби“ до донесувањето на законот од членот 45 на овој закон членовите на советот ќе примаат надоместок за присуство на седница на советот без оглед на нејзиното времетраење, најмногу до 30% од просечната месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а надоместоците за патните и дневните трошоци ќе им се исплатуват според прописите кои се однесуваат на државните службеници.
Според член 1 од Законот за дополнување на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката („Службен весник на Република Македонија“ бр. 121/2007) во Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката („Службен весник на СРМ“ број 36/90 и „Службен весник на Република Македонија“ број 38/91, 23/97, 37/2005 и 84/2005), по Дел “V. Надоместок на определени материјални трошоци и други примања“ се додава дел V-a со пет нови членови 29-а, 29-б, 29-в, 29-г и 29-д.
Во Делот V-a, се предвидени надоместоците на членовите на советите на општините и на членовите на Советот на градот Скопје.
Според член 29-а, од наведениот закон на членовите на советите на општините и на членовите на Советот на градот Скопје им припаѓа месечен надоместок за присуство на седниците на советот и надоместок на патните и дневните трошоци. Според ставот 2 на истиот член, средствата за исплата на надоместоците од ставот 1 на овој член се обезбедуват во буџетот на општината и во Буџетот на градот Скопје.
Според член 29-б од наведениот закон месечниот надоместок за присуство на седници на советот се утврдува во процентуален износ од просечната месечна нето плата во Републиката исплатена за претходната година, но не повеќе од 84%. Според став 2 од истиот член, висината на месечниот надоместок за присуство на седниците се утврдува со одлуката за извршување на буџетот на општината и Буџетот на градот Скопје.
Според член 29-в од истиот закон, на претседателите на советите на општините и на претседателот на Советот на градот Скопје, за раководењето и организирањето на работата на советот, надоместокот од членот 29-б се зголемува за 30%.
Според член 29-г од законот, месечниот надоместок за присуство на седниците на советот се исплатува за присуство на сите седници на советот во тековниот месец. Според став 2 од истиот член, месечниот надоместок за присуство на седниците на советот се намалува за 30% за секое отсуство од седница на советот. Според став 3, месечниот надоместок за присуство на седниците на советот не се исплатува, доколку членот на советот не присуствувал на ниту една седница на месецот во тековниот месец. Според став 4, месечниот надоместок за присуство на седниците не се исплатува, доколку советот во тековниот месец не одржал седница.
Според член 29-д од законот, на членовите на советите на општините и на членовите на Советот на градот Скопје им се исплатуваат надоместоци за патни и дневни трошоци за службени патувања во земјата и странство според прописите кои се однесуваат на државните службеници вработени во општинската администрација и во администрацијата на градот Скопје.
Имајќи ја предвид одредбата од членот 45 од Законот за локалната самоуправа и делот V-a од Законот за дополнување на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, произлегува дека законодавецот го утврдил правото на надоместок за присуство на седница и правото на надоместок на патни и дневни трошоци за членовите на советот.
Со оглед на тоа што со оспорената Одлука правото на надоместок на членовите на работните тела – комисиите на советот кои извршуваат работи за Советот на општина Неготино за нивниот ангажман во општината, не е утврденo во согласност со членот 29-а од Законот за дополнување на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, Судот утврди дека може да се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и Законот за дополнување на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката.
Оспорената Одлука е проблематична и од аспект на наведените одредби од Законот за локалната самоуправа и Законот за дополнување на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката. Ова од причина што во цитираните законски одредби се предвидува надоместок за присуство на седница на советот без оглед на нејзиното времетраење, како и надоместок за дневни трошоци врз основа на прописите кои се однесуват на државните службеници, но не се предвидува надоместок за работа на седница на членови на работните тела без оглед на одржана седница за секоја седница поодделно, односно не се предвидува фиксен износ на надоместокот за дневни трошоци без оглед на одржана седница за секоја комисија поодделно, како што предвидува оспорената Одлука.
Врз основа на изнесеното, Судот утврди дека основано се поставува прашањето на согласноста на оспорената одлука со Уставот на Република Македонија, Законот за локалната самоуправа и Законот за дополнување на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката.
6. Според Судот, со извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената одлука, можат да настанат тешко отстранливи последици, поради што Судот оцени дека се исполнети условите од член 27 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, до донесување на конечна одлука, да го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оваа одлука.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер–Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.189/2009
16 декември 2009 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски