232/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 9 декември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 51 став 2 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 на ова решение. Според наводите во иницијативата, условите за запишување на учениците со посебни потреби во основното училиште требало да се утврдат со закон, бидејќи тоа било законска материја, а не со подзаконски пропис на министерот како што предвидувала оспорената одредба. Поради наведеното, подносителот смета дека оспорената одредба била спротивна на член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 44 и член 51 од Уставот на Република Македонија и предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата.
3. Судот на седницата утврди дека според член 51 став 1 од Законот, родителот има право детето со посебни образовни потреби да го запише во основно училиште, освен во случаите кога посебните образовни потреби на детето се такви што тоа треба да следи настава во посебно основно училиште. Согласно ставот 2 на истиот член, начинот и условите за запишување на учениците со посебни образовни потреби во основните училишта го утврдува министерот, по предлог на Бирото.

4. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 44 од Уставот, секој има право на образование. Образованието е достапно на секого под еднакви услови. Основното образование е задолжително и бесплатно.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Во членот 96 од Уставот се предвидува дека органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Според член 56 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000 и 44/2002) со правилник се утврдуваат и разработуваат одделни одредби на законите и другите прописи заради нивно извршување, а според член 61 став 1 од истиот закон со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Основното образование е регулирано со Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр. 103/2008). Во членот 1 на овој закон е определено дека со овој закон се уредува задолжителното основно образование што се остварува во основните училишта (во натамошниот текст: основно училиште), како и дејноста на основното образование како дел од единствениот воспитно-образовен систем.

Во членот 2 од Законот е утврден принципот на недискриминација во сферата на образованието, според кој секое дете има право на основно образование. Се забранува дискриминација по основ на пол, раса, боја на кожата, национална, социјална, политичка, верска, имотна и општествена припадност во остварување на правата од основното воспитание и образование, утврдени со овој закон.

Меѓу целите на основното образование утврдени во членот 3 од Законот, како посебна цел е наведена и вклучување и водење грижа за развојот на учениците со посебни образовни потреби.

Во членот 10 од Законот е определено дека основното образование се организира и остварува во основно училиште (став 1). Основно образование се организира и остварува и во здравствени установи, социјални установи, казнено-поправни и воспитно-поправни установи, согласно со овој закон (став 2). Согласно ставот 3 на овој член од Законот, основното образование за учениците со посебни образовни потреби се организира и остварува во посебни основни училишта и во посебни паралелки при редовните основни училишта.

Во членот 16 од Законот кој го уредува основањето на основно училиште, е предвидено дека основното училиште може да биде општинско или државно и дека општинското основно училиште се основа од општината, а државното основно училиште се основа од Владата на Република Македонија. Согласно ставот 5 на овој член, државните основни училишта кои ги основа Владата, се основаат само за остварување на наставен план и програми за основно образование на одредени ученици за кои државата има посебен интерес (училишта за ученици со посебни образовни потреби).

Согласно членот 30 од Законот, наставниот план и програми за основно образование на ученици со посебни образовни потреби во посебните училишта и посебните паралелки во основните училишта ги утврдува министерот, на предлог на Бирото. За учениците со посебни образовни потреби задолжителните и изборните предмети се реализираат со прилагодените програми според нивните посебни образовни потреби.

Во поглед на организацијата на наставата во основното училиште, Законот во членот 37 предвидел дека наставниот план и програми во основното училиште се изработуваат според трите воспитно-образовни периоди (во натамошниот текст: периоди), и тоа: – од прво до трето одделение; од четврто до шесто одделение и од седмо до деветто одделение. Меѓутоа, во ставот 2 на истиот член, е предвидено дека со прилагодените или посебните програми за основното воспитание и образование за учениците со посебни образовни потреби во посебните училишта и посебните паралелки во основните училишта, периодите можат да се одредат и поинаку од оние утврдени во ставот 1 на овој член.

Во поглед на траењето на часот, законодавецот во членот 39 од Законот предвидел дека наставниот час трае 40 минути (став 1). Согласно ставот 2 на овој член од Законот, наставниот час за учениците со посебни образовни потреби може да трае пократко од наставниот час од ставот 1 на овој член, доколку тоа е утврдено со наставниот план и програмите.

Согласно член 42 став 9 од Законот, во паралелките во кои има ученици со посебни образовни потреби може да се ангажира и дефектолог за работа со учениците со посебни образовни потреби.

Согласно членот 50 ставови 1 и 2 од Законот, родителот има право да го запише детето во основното училиште во реонот во кој живее или каде што постојано престојува. Родителот може да го запише детето во друго основно училиште во истиот или друг реон ако за тоа има согласност од училиштето во кое се запишува. Согласно ставот 6 на овој член од Законот, одредбите од ставовите 1 и 2 на овој член не се однесуваат на децата со посебни образовни потреби.

Согласно членот 51 од Законот, родителот има право детето со посебни образовни потреби да го запише во основно училиште, освен во случаите кога посебните образовни потреби на детето се такви што тоа треба да следи настава во посебно основно училиште. Согласно оспорениот став 2 на овој член, начинот и условите за запишувањето на учениците со посебни образовни потреби во основните училишта го утврдува министерот, по предлог на Бирото.

Согласно членот 58 став 1 од Законот, на ученикот кој наполнил 16 години му престанува обврската за редовно основно образование со истекот на учебната година. По исклучок, од ставот 1 на овој член, по барање на родителот или ученикот, а по мислење на училишниот педагог или психолог, ученикот кој наполнил 16 години може да го продолжи образованието до навршување на 17 години (став 2). Согласно ставот 4 на овој член, на ученикот со посебни образовни потреби кој наполнил 20 години му престанува обврската за редовно основно образование со истекот на учебната година.

Согласно членот 61 од Законот, ученикот има право на бесплатен превоз ако местото на живеење е оддалечено најмалку два километри од најблиското основно училиште. Учениците со посебни образовни потреби имаат право на бесплатен превоз без оглед на оддалеченоста на нивното место на живеење до основното училиште.

Согласно членот 68 од Законот, во првиот период, знаењето на ученикот кој наставата ја следи во посебните основни училишта се оценува описно. Во вториот и третиот период, знаењето на ученикот кој наставата ја следи во посебните основни училишта може да се оценува описно и бројчано во зависност од видот на попреченоста на ученикот.

Во членот од Законот е предвидено дека воспитно-образовната работа во посебните училишта и посебните паралелки во основните училишта ја остваруваат наставници, дефектолози, библиотекари, воспитувачи, училишни педагози и психолози со соодветно високо образование. Видот на стручната подготовка на лицата кои остваруваат воспитно-образовна работа во посебните училишта и посебните паралелки во основните училишта се уредува со норматив за наставен кадар во посебните училишта и посебните паралелки во основните училишта, што го утврдува министерот.

Од наведените одредби од Законот за основното образование произлегува дека Законот за основното образование ја дава нормативната основа за воспитувањето и образованието на децата со посебни образовни потреби, при што тој поаѓа од тоа дека образованието на децата со посебни образовни потреби претставува интегрален дел на единствениот образовен систем и се планира врз идентични или слични определби и генерални принципи и се темели на принципите на рамноправност и недискриминација како и интеграција на децата со посебни потреби во редовниот систем на основно образование.

Имајќи ги предвид специфичните потреби на децата со посебни образовни потреби, Законот во повеќе членови предвидел одредби кои се однесуваат посебно на децата со посебни образовни потреби. Тоа се одредбите кои се однесуваат на видот на училиштата во кои се одвива образованието на децата со посебни потреби, основањето на училишта за децата со посебни образовни потреби, специфичноста на наставните планови и програми кои се прилагодени на нивните потреби, профилот на стручните кадри кои се ангажирани во наставата со овие деца, траењето на наставниот час, старосната граница кога престанува обврската за редовно основно образование на децата со посебни потреби, правото на бесплатен превоз без оглед на оддалеченоста на училиштето до домот, начинот на оценувањето на децата со посебни потреби и слично.

Од анализата на целината на Законот за основното образование, во контекст на наводите во иницијативата, Судот оцени дека законодавецот во Законот утврдил солидна нормативна поставеност на воспитанието и образованието на децата со посебни образовни потреби, како основа за негово понатамошно доградување и операционализација. Имено, Законот ги утврдил основните критериуми, услови и цели за остварување на овој вид на образование и воспитание и истите ги поставил во јасни законски рамки за начинот и условите за остварување на правото на образование и воспитание на децата од оваа категорија. Оттука според оценката на Судот, даденото овластување на министерот за образование да го определи начинот и условите за запишување на учениците со посебни образовни потреби во основните училишта, е во функција на остварување на правото на образование на овие деца, токму врз основа на принципите на недискриминација и нивна интеграција во рамките на редовниот систем на образование. Ваквото овластување на министерот, според мислењето на Судот, не претставува повреда на една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска, од причина што во Законот се дадени рамките, односно општите критериуми, за остварување на воспитно-образовниот процес на децата со посебни потреби, кои, со овластувањето на министерот содржано во оспорената одредби, само ќе се доразработат и операционализираат во функција на имплементација на Законот.

Судот оцени дека законодавецот направил пропуст со тоа што не го дефинирал, во самиот Закон, поимот „дете со посебни образовни потреби“. Меѓутоа, од целината на Законот, наведените одредби и особено од одредбата од членот 186 од преодните и завршните одредби на Законот, која го уредува правниот режим на поименично наведените посебни училишта, може да се заклучи индиректно дека деца со посебни образовни потреби се децата со оштетен вид, оштетен слух, деца со телесен инвалидитет, со пречки во психичкиот развој, деца со проблеми во поведението, со што на определен начин терминот „деца со посебни образовни потреби“ добива пошироко значење од терминот ученици со пречки во психичкиот и физичкиот развој што го користеше претходно важечкиот Закон за основно образование.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение во Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов .

У.бр. 232/2009
9 декември 2009 година
Скопје
тјт

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски