186/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 1 и 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 декември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 46 став 1 точка 1 и член 126 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006 и 35/2008).

2. Здружението на судска администрација на Република Македонија – Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, со оспорените законски решенија на советниците и стручните соработници кои остварувале работен стаж во судовите како услов за избор на судии, им се ускратувало уставно гарантираното право дека како кандидати за избор на судии кои немаат положено обука во Академијата за обука на судии и јавни обвинители, го губеле правото и статусот на кандидат за избор на идни судии. Дотолку повеќе, иако со измените на Законот за судовите бил дозволен рок од три години во кој затечените советници и стручни соработници во судовите можат да конкурираат за избор на судии и јавни обвинители, со одлуки на Судскиот совет на Република Македонија за избор на судии во основните судови (четири одлуки), не се почитувала законската одредба од член 126 на Законот за судовите, од причина што во огласите стоело дека изборот ќе се врши исклучиво од редот на кандидатите кои се стекнале со својство на кандидат за судија од Академијата. Понатаму, се наведува дека согласно член 34 од Законот за обука на судии и јавни обвинители, како услов за прием во Академијата, не бил потребен работен стаж, туку кандидатот требало да има најмалку една година работно искуство на правни работи по полагањето на правосудниот испит, кое не морало да се остварува во судовите или обвинителствата. Тоа значело дека на таков начин се ограничувале правата на одредена група стручни лица во Република Македонија кои имале општествен статус советник и стручен соработник во судовите и јавните обвинителства и кои имале завршено високо образование и положен правосуден испит, што според подносителите на иницијативата, било во спротивност со член 9 од Уставот.

При оценувањето на уставноста на оспорените одредби, подносителите на иницијативата бараат од Уставниот суд да им го врати еднаш законски стекнатото право на кандидати за избор на судии и обвинители, стекнато врз основа на исполнување на општите и посебни услови со стекнато стручно искуство и стаж во судовите и обвинителствата низ Републиката.

3. Судот на седницата утврди дека со член 46 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006), се утврдуваат условите за избор на судии, при што според алинејата 1 од овој член, за избор за судија на основен суд може да биде избрано лице кое ја завршило обуката во Академијата за обука на судии и јавни обвинители.

Според член 126 став 1 на истиот закон, до првото стекнување на својство на кандидати за судии согласно со Законот за Академијата за обука на судии и јавни обвинители, судиите на основните судови ќе се избираат согласно со условите од членот 43 ставовите 1 и 2 на Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија” број 36/95, 45/95 и 64/2003). Според став 2 на истиот член, во период од три години по денот на првото стекнување на својство на кандидати за судии согласно со Законот за Академијата за обука на судии и јавни обвинители, Судскиот совет 50 проценти од утврдените слободни судиски места за основните судови ќе ги пополнува со лица кои ги исполнуваат условите за судија на основен суд согласно со членот 43 ставовите 1 и 2 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија” број 36/95, 45/95 и 64/2003) и кои не ја посетувале почетната обука во Академијата за обука на судии и јавни обвинители.

Судот, исто така, утврди дека со Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 35/2008), оспорените одредби претрпеле одредени измени. По извршената измена, според член 46 став 1 алинеја 1 од Законот, за судија на основен суд може да биде избрано лице кое ја завршило обуката во Академијата за обука на судии и јавни обвинители.

Според изменетиот член 126 став 1 од Законот, до првото стекнување на својство на кандидати за судии согласно со Законот за Академијата за обука на судии и јавни обвинители, судиите на основните судови ќе се избираат согласно со условите од членот 43 став 1 на Законот за судовите (“Службен весник на Република Македонија” број 36/95, 45/95 и 64/2003) и да имаат работно искуство со потврдени резултати на правни работи по полагањето на правосудниот испит над три години. Според став 2 на истиот член, во период од три години по денот на првото стекнување на својство на кандидати за судии согласно со Законот за Академијата за обука на судии и јавни обвинители, Судскиот совет 50 проценти од утврдените слободни судиски места за основните судови ќе ги пополнува со лица кои ги исполнуваат условите за судија на основен суд согласно ставот 1 на овој член и кои не ја посетувале почетната обука во Академијата за обука на судии и јавни обвинители.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеите 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако за истата работа одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

При анализата на оспорените одредби, Судот имаше предвид дека со Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 35/2008), оспорените одредби претрпеле одредени измени, кое нешто не се наведува во иницијативата.

По извршената анализа на овие измени, Судот утврди дека и по извршената измена на членот 46 од Законот, оспорениот став 1 алинеја 1 од овој член останал во иста содржина како и пред измената, односно дека за судија на основен суд може да биде избрано лице кое ја завршило обуката во Академијата за обука на судии и јавни обвинители.

Измената на член 126 став 1 од Законот всушност значи допрецизирање на условите за избор на судии во основните судови, до првото стекнување на својство на кандидати за судии согласно со Законот за Академијата за обука на судии и јавни обвинители. Така, се утврдува дека во наведениот период, судиите на основните судови ќе се избираат согласно со условите од членот 43 став 1 на Законот за судовите (“Службен весник на Република Македонија” број 36/95, 45/95 и 64/2003), кое решение беше присутно и пред измената, но измената практично значи дополнување на потребните услови, во смисла дека истите треба да имаат работно искуство со потврдени резултати на правни работи по полагањето на правосудниот испит над три години. Измената во ставот 2 на овој член е само во функција на подобрување на текстот, без никаква суштинска измена, односно наместо повторно да ги цитира условите утврдени во ставот 1 на истиот член, законодавецот само се повикува на истите.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека наведените законски измени не го менуваат текстот на оспорените одредби од значење за прашањето кое се покренува со иницијативата, односно не се работи за одредби кои поради претрпените измени повеќе не се во правниот поредок, поради што пристапи кон оцена на уставноста на одредбите во нивниот интегрален текст.

При анализата на оспорените одредби, Судот утврди дека член 46 став 1 алинеја 1 и член 126 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006) биле оценувани од страна на Уставниот суд на Република Македонија, при што со Решенија У.бр. 98/2008, У.бр. 110/2007 и У. бр. 66/2007 не била поведена постапка за оцена на нивната уставност. Според образложенијата на наведените решенија, Судот утврдил дека тргнувајќи од содржината на оспорената одредба од член 46 во корелација со членовите 126 и 127 од Законот, условите за избор на судиите утврдени со овој закон еднакво се однесуваат за сите кандидати, а исклучиво во однос на периодот на воспоставувањето на овој правен режим, се уредува за време од три години по денот на првото стекнување на својството на кандидат за судии согласно Законот за Академијата за обука на судии и јавни обвинители (за што секако е потребен период на обука), Судскиот совет 50 проценти од утврдените слободни судиски места за основни судови да ги пополнува со лица кои немаат почетна обука во Академијата и ги исполнуваат законските услови кои важеле пред донесување на новиот Закон за судовите. Понатаму, Судот утврдил дека право на законодавецот е да го уреди воспоставувањето на правниот режим уреден со Законот кој важи по, а не пред неговото донесување и влегување во сила еднакво за сите кои ќе конкурираат за избор на судии во идните односи на вршењето на судиската функција и во тие рамки законодавецот има право да го уреди и преодниот режим кој исто така го опфаќа периодот не пред туку по влегување во сила на Законот и тој период го определил на 3 години заради процесот на почетната обука во Академијата уреден со посебен закон.

Судот, според тоа, оценил дека со оспорената одредба од Законот преодно со темпорален карактер се воспоставувал новиот правен режим за условите за избор на судии во основните судови кој не смеел да ја доведе во прашање правната сигурност на граѓаните од страна на вршителите на судиската функција која мора непречено да се остварува со текот на создавањето на кандидати за избор на судии по новопредвидените услови со Законот за судовите кои воедно опфаќаат и обука во посебна Академија.

Судот, исто така, оценил дека не може да се доведе во прашање правното дејство на оспорената одредба од Законот, бидејќи таа нема повратно дејство и не задира во настанати односи од минатото пред донесувањето и влегувањето во сила на Законот, туку се однесува на идни односи.

Со оглед дека наведените законски решенија повторно се оспоруваат со сега доставената иницијатива, од истите причини, односно поради промената на режимот за избор на судии во основните судови, кој режим ги опфаќа и подносителите на иницијативата кои ги исполнувале условите за избор на судија по претходно важечкиот режим, а за кои сега се пропишува обврска, по истекот на преодниот рок од три години, како и за сите други кандидати, да завршат Акедемија за обука за судии и јавни обвинители, Судот оцени дека нема основи за поинакво одлучување од она што е веќе одлучено од страна на Судот по ова прашање и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на оваа иницијатива.

Во однос на барањето во иницијативата, Уставниот суд да им го врати на подносителите на иницијативата еднаш законски стекнатото право на кандидати за избор на судии и обвинители, стекнато врз основа на исполнување на општите и посебни услови со стекнато стручно искуство и стаж во судовите и обвинителствата низ Републиката, Судот утврди дека нема надлежност да враќа во правна сила правен режим кој законодавецот го изменил, па следствено на тоа да утврдува статус на физички и правни лица врз основа на тој правен режим. Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата во овој дел.

Во однос на наводите во иницијативата за тоа дека со цитираните одлуки на Судскиот совет на Република Македонија за избор на судии и јавни обвинители не се почитувала одредбата од член 126 од Законот за судовите, Судот оцени дека тоа претставува прашање во врска со извршувањето на законите и не е прашање од уставносудска надлежност, а заштитата во тој случај се обезбедува пред редовното судство. Поради наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата во овој дел.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.186/2009
9 декември 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски