У.бр.267/2009

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 декември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Наташа Анѓелеска од Скопје, за заштита на слободите и правата повредени со дискриминација по основ на социјална припадност.

2. Наташа Анѓелеска од Скопје, преку полномошници – адвокат Жарко Хаџи-Зафиров и адвокат Иван Штерјоски, двајцата од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата повредени со Решение на Фондот за здравствено осигурување, Подрачна служба Скопје, бр. 10/1-532/09 од 28.01.2008 година и со Решение на министерот за здравство, бр. 13-425/2009 од 07.04.2009 година.

Според наводите во барањето, со наведените решенија со кои се одбива барањето на барателката за рефундирање на трошоците за набавка на лек кој не се наоѓал на позитивната листа на лекови, а кој барателката го набавила за своето малолетно дете врз основа на препорака на стручен конзилиум, била сторена повреда на материјалното право – на барателката, спротивно на начелата на сеопфатност и еднаквост и бил оневозможен пристап до паричен надомест за трошоци за набавен лек неопходен за лекување на болеста на нејзиното дете, со што истата и воопшто лицата кои боледуваат од хередитиран ангионедем, биле ставени во нерамноправна положба со другите осигуреници во задолжителното здравствено осигурување.

Со предметното решение била направена погрешна примена на законот, затоа што, спротивно на член 32 став 1 од Законот за здравствено осигурување, според кој осигурените лица учествуваат со лични средства при користењето на здравствените услуги најмногу до 20% од просечниот износ на вкупно направените трошоци на здравствената услуга односно лековите, на осигуреното лице воопшто не му бил доделен паричен надоместок за трошоци за лекот.

Со предметното решение, исто така, се повредувале членот 9 во врска со член 34, член 35 и член 39 од Уставот, затоа што граѓаните кои не биле во финансиска состојба да ги платат трошоците за лекот, биле ставени во нерамноправна положба со другите граѓани и на истите им се ограничувало правото и должноста од член 39 од Уставот, да го чуваат и унапредуваат сопственото здравје и здравјето на другите.

Според дополнувањето на барањето за заштита на слободите и правата, Фондот за здравствено осигурување правел дискриминација на барателката врз основа на припадност на социјална група – истата како родител на дете заболено од херадитиран ангинедем (припадност на социјална група) била дискриминирана во однос на другите осигуреници во задолжителното здравствено осигурување – односно истата била ставена во понеповолна положба со другите осигуреници врз основа на типот на болеста на нејзиното малолетно дете за која немало лек на позитивната листа и на тој начин не остварувала право на паричен надомест за трошоци за осигуреник-член на семејство.

Со оглед на наведеното, подносителката бара заштита на правото согласно член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот во делот забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност, бидејќи со конечното решение на Министерот за здравство, осигуреникот се ставал во дискриминаторска положба поради тоа што доколку осигуреникот немал средства да плати за потребните лекарства, бил ставен во позиција да не може да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите, односно се ставал во дискриминаторска позиција во однос на другите осигуреници кои користат лекови од Листата утврдена од страна на Фондот без притоа да дадат било каков паричен надомест за истите.

Поради наведеното, се бара Уставниот суд да утврди дека постои повреда на правото на еднаквост во остварувањето на здравствената заштита и да го поништи Решението на министерот за здравство со кое се потврдува првостепеното решение на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Подрачна служба Скопје.

3. Судот на седницата утврди дека Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Подрачна служба Скопје, врз основа на член 31 од Законот за здравствено осигурување и член 205 од Законот за општата управна постапка, решавајќи по барањето на осигуреникот Наташа Ангелеска од Скопје за повраток на средства за набавени лекови во вредност од 190.902,00 денари, донел Решение Бр. 10/1-532/09 од 28.01.2009 година, со кое на осигуреникот не му се признава право на надомест на трошоци за набавени лекови Amp. Berinert P 500 IE бидејќи истите не се на позитивната листа на лекови кои паѓаат на товар на средствата на Фондот за здравствено осигурување.

Врз основа на член 31 од Законот за здравствено осигурување и член 240 став 1 од Законот за општата управна постапка, министерот за здравство, решавајќи по жалбата од Наташа Ангелеска од Скопје, донел Решение број 13-425/2009 од 07.04.2009 година, со кое жалбата на осигуреникот Ангелеска Наташа, изјавена против Решението на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Подрачна служба Скопје, бр. 10/1-532/09 од 28.01.2009 година, се одбива како неоснована. Во образложението на Решението се наведува дека министерот за здравство, по разгледувањето на списите во предметот, жалбените наводи и приложените докази, утврдил дека првостепениот орган правилно постапил кога на жалителот за набавените лекови не му признал право на надоместок на трошоци, бидејќи лекот ампули BERINERT R не се наоѓал на Листата на лекови кои паѓаат на товар на средствата на Фондот за здравствено осигурување, која листа ја донесува Фондот, а согласност дава министерот за здравство. Против ова решение може да се покрене управен спор пред Управниот суд во Скопје, во рок од 30 дена од доставувањето на решението.

4. Според член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), Уставниот суд ќе го отфрли барањето ако не е надлежен да одлучува по него.

Со оглед дека решенијата за кои подносителот на барањето тврди дека со нивното донесување се повредени неговите слободи и права по основ на социјална припадност, се донесени согласно член 9 став 1 под а) точка 8 и под в) точка 2 од Законот за здравствено осигурување („Службен весник на Република Македонија“бр. 25/2000, 34/2000, 96/2000, 50/2001, 11/2002, 31/2003, 84/2005, 37/2006, 18/2007, 36/2007, 82/2008, 98/2008 и 6/2009), според кои со задолжително здравствено осигурување во рамките на примарната и болничката здравствена заштита не се опфатени здравствените услуги – лекови кои не се опфатени со листата на лекови што со општ акт ја утврдува Фондот за здравствено осигурување на која министерот за здравство дава согласност, произлегува дека во конкретниот случај всушност се оспорува наведената листа на лекови затоа што истата не го опфаќа лекот Amp. Berinere P (C1 ESTERASE INHIBITOR), поради што не се признава правото за надомест на трошоците за набавка на овој лек.

Тргнувајќи од наведеното, произлегува дека наведените решенија не се засноваат на дискриминација по основ на социјална припадност во смисла на член 110 алинеја 3 од Уставот, при што Уставниот суд нема надлежност да ја цени содржината на листата на лекови од аспект на тоа што истата не опфаќа одреден лек за кој подносителот на барањето смета дека треба да биде опфатен со листата, поради што Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на барањето.

5. Имајќи го предвид наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.267/2009
9 декември 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски