190/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 2 декември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за ограничување на пловидбата за пловни објекти (скутери) на Охридското, Преспанското и Дојранското езеро („Службен весник на Република Македонија“ бр. 99/2009) донесена од Владата на Република Македонија.

2. Јолаковски Митко и други од Охрид, застапувани од полномошникот Гоце Јакшовски, адвокат од Охрид на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката наведена во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, со донесената одлука граѓаните на Република Македонија кои поседуваат пловен објект – скутер кој го користат за сопствени потреби, а дел од нив и како дејност – издавање на скутерот за надоместок, биле ставени во нееднаква положба со другите граѓани кои можат непречено да пловат со своите скутери помали од 45 Кw. Овие граѓани исто така биле ставени во нееднаква положба пред Уставот и законот со другите граѓани кои поседуваат бродови, чамци, јахти и други пловни објекти кои можат да пловат непречено. Подносителите на иницијативата сметаат дека ова ограничување не може да важи само за скутерите со јачина поголема од 45 Кw, кои само се лизгаат по површината на водата, и само за периодот од 11.00 до 18.00 часот, бидејќи и другите пловни објекти ја загрозувале животната средина на езерата, независно дали се помали или поголеми од 45Кw.

Во иницијативата понатаму се наведува дека цената на еден скутер изнесува 15.000 евра и дека на граѓаните кои ги купиле или ги земале во закуп скутерите за да вршат дејност, поради ограничувањето на пловидбата, им се нанесувала ненадоместлива штета, особено поради тоа што одлуката била донесена во екот на туристичката сезона.

Подносителите на иницијативата го цитираат членот 60 од Законот за внатрешна пловидба, според кој пловниот објект е способен за употреба по претходно добиено одобрение за локација и за определена намена доколку го исполнува, помеѓу другите, и условот за заштита на животната средина и природата.

Подносителите сметаат дека целта на оспорената одлука била да се дискриминираат само одредена група на граѓани и правни субјекти кои поседуваат во сопственост скутери со јачина поголема од 45Кw. Во повластена положба биле ставени пловните објекти скутери наменети за службени потреби за вршење на инспекциски, царински и полициски надзор, како и другите пловни објекти бродови, глисери, јахти чамци со пента и др.

Со оглед на фактот дека со одлуката се нанесувала ненадоместлива штета на граѓаните, со иницијативата се предлага Судот да изрече и привремена мерка, како и да поведе постапка за оценување на законитоста на донесената одлука и истата да ја укине или поништи.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука е донесена врз основа на член 23 став 1 од Законот за внатрешна полвидба („Службен весник на Република Македонија“ бр. 55/07 и 26/09) на седницата на Владата на Република Македонија, одржана на 1 август 2009 година.

Согласно членот 1 од Одлуката, со оваа одлука се ограничува пловидбата за пловните објекти во категоријата чамец со механички двигател со јачина поголема од 45Кw, што му овозможува лизгање по површината на водата и може да превезува максимум три лица (скутери) на целата водена површина на Охридското, Преспанското и Дојранското езеро, заради заштита на животната и/или природната средина на езерата.

Во членот 2 од Одлуката е определено дека ограничувањето од член 1 на оваа одлука се однесува за периодот од 20 јули до 20 август во времетраење од 11.00 до 18.00 часот секој ден.

Според членот 3 од Одлуката, ограничувањето за пловидба на пловни објекти (скутери) не се однесува на скутерите наменети за службени потреби за вршење на инспекциски, царински и полициски надзор.

Во членот 4 од Одлуката е предвидено дека оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 10 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 43 од Уставот, секој човек има право на здрава животна средина. Секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата.

Според член 56 став 1 од Уставот, сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра во општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.

Според член 1 од Законот за внатрешната пловидба, со овој закон се уредува внатрешната пловидба и безбедноста на пловидбата на внатрешните води на територијата на Република Македонија; услови и начин на користењето, одржувањето и заштитата на пловните патишта, пристаништата, зимовниците, сидриштата и капалиштата; државна припадност, идентификација, упис и бришење на пловните објекти; екипаж на пловните објекти; постапување во случај на пловидбена незгода; вадење на потонати предмети; надлежност на Капетанијата на пристаништата; надзор и други прашања во врска со внатрешната пловидба.

Согласно значењето на одделните изрази употребени во Законот, во членот 3 точка 13 е дефинирано дека “Скутер” (yet-ski) е пловен објект во категоријата чамец со механички двигател со јачина поголема од 45 Kw, што му овозможува лизгање по површината на водата и може да превезува максимум три лица.

Согласно членот 4 од Законот, вршењето на внатрешната пловидба е дејност од јавен интерес.

Согласно членот 6 од Законот, безбедност во внатрешната пловидба подразбира збир на услови и мерки кои мораат да се обезбедат на внатрешните пловни патишта во Република Македонија, пристаништата, зимовниците, сидриштата, капалиштата, пловидбата, пловните објекти и екипажот на пловните објекти. Забрането е вршење работи кои ги доведуваат во опасност човечките животи и здравјето на луѓето, загадувањето на внатрешните води, како и нанесување штети на пристаништата, зимовниците, сидриштата, капалиштата и пловните објекти.

Согласно членот 23 од Законот за внатрешната пловидба,
Владата на Република Македонија може да ја ограничи пловидбата за пловни објекти на одделни внатрешни води, ако е загрозена животната и/или природната средина. Владата на Република Македонија може да забрани или ограничи пловидба на одделни реони, ако е во интерес на безбедноста на Република Македонија.

Со Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското езеро („Службен весник на СРМ“ бр. 45/1977, 8/1980, 51/1988, 10/1990 и 62/1993), наведените езера, нивните води, крајбрежја, извори и водотеци, поради карактеристичните одлики и природни убавини и научни вредности, културно, естетско, образовно-воспитно, здравствено, рекреативно, туристичко и друго стопанско значење се прогласени за споменици на природата од особено значење за општествената заедница и се ставени под посебна заштита.

Согласно членот 3 од овој закон, целта на заштитата на езерата е: зачувување на езерата во природна состојба; создавање на што поповолни услови за одржување и развој на живиот свет во езерата; спречување на дејствија со кои можат да се нарушат природните убавини на езерата и регулирање на односот на човекот кон езерата заради нивно трајно и рационално користење.

Според членот 5 од Законот, заштитата на езерата се остварува со преземање превентивни и други мерки, со примена на технички, технолошки, хемиски, биолошки, статистички и други научни методи, со посебен режим на користењето на водите на езерата, користењето на живиот свет и уредувањето и користењето на крајбрежјата, како и со преземање мерки за уредување на сливовите, подобрување на режимот на водите и регулација на водотеците.

Од цитираните одредби од Уставот како и од одредбите на наведените закони, произлегува дека Охридското, Преспанското и Дојранското езеро како природни богатства претставуваат добра од општ интерес за Републиката кои уживаат посебна заштита. Посебната заштита на овие езера е предмет на уредување на посебниот Закон за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското езеро, како и на други закони како што се Законот за заштита на природата, Законот за животната средина и Законот за внатрешната пловидба. Основна цел на заштитата на овие езера како природни богатства и споменици на природата е зачувување на нивните природни карактеристики и спречување на дејствија и активности кои негативно влијаат врз неговите природни карактеристики и стопанско значење. Меѓу тие мерки спаѓа и посебниот режим за користење на водите во овие езера, вклучувајќи го и посебниот режим на пловидба.

Имајќи предвид дека заштитата на животната средина и природата и вршењето на внатрешната пловидба се дејности од јавен интерес, законодавецот во членот 23 од Законот за внатрешна пловидба ја овластил Владата на Република Македонија да може да ја ограничи пловидбата за пловни објекти на одделни внатрешни води, ако е загрозена животната и/или природната средина. Токму врз основа на оваа одредба е донесена оспорената Одлука за ограничување на пловидбата за пловни објекти (скутери) на Охридското, Преспанското и Дојранското езеро.

За уставно-судската оценка на оспорената одредба, поточно за оценката на нејзината законитост, на што се повикуваат подносителите на иницијативата, од значење е тоа дека таа е донесена врз основа на законско овластување (она од членот 23 од Законот за внатрешната пловидба) и дека ограничувањето на пловидбата се однесува еднакво за сите пловни објекти од истата категорија (во конкретниот случај скутери дефинирани согласно горенаведената дефиниција). Зошто пак овој посебен режим за пловидба се однесува само на скутерите, а не и на другите пловни објекти, (бродови, глисери, чамци и сл.) како и прашањето зошто ова ограничување се однесува само на определен период од годината и во определено време во текот на денот, се прашања на целисходност кои ги оценува доносителот на актот, а не се прашања од уставно значење што би ги ценел Уставниот суд.

Иако подносителите со иницијативата бараат оценка на законитоста, тие всушност не даваат ниту еден аргумент зошто оспорената одлука е во спротивност со Законот за внатрешната пловидба. Повикувањето на одредбата од членот 60 од Законот е несоодветно од причина што оваа одредба се однесува на т.н. пливачки објект, а не на пловен објект (како што се наведува во иницијативата), кој согласно член 3 став 1 точка 10 е дефиниран како постројка која постојано е приврзан, засидрен на вода или поставен на дно, а не е предвиден за пловидба (ресторан, понтонски мост, пристан, склад, работилница, пливачки хангар, платформа), значи тука не станува збор за пловен објект како што се скутерите. Оттука имајќи предвид дека оспорената одлука Владата ја донела врз основа и во рамките на законското овластување од членот 23 од Законот за внатрешната пловидба, и дека таа е донесена заради остварување на легитимни цели утврдени со Уставот и со законите од областа на заштитата на природата – трајно зачувување на езерата како споменици на природата и добра од општ интерес и заштита од дејствија со кои можат да се нарушат нивните природни карактеристики, Судот оцени дека не постојат основи за поведување постапка за оценување на законитоста на оспорената одлука.

Наводите дека со ограничувањето за пловидбата на скутерите, нивните сопственици се ставени во дискриминаторска положба во однос на сопствениците на другите пловни објекти, Судот ги оцени како неприфатливи, од причина што не може да се прави паралела помеѓу различните видови на пловни објекти за кои постои различен режим на пловидба. Или со други зборови кажано, ограничувањето се однесува подеднакво на сите пловни објекти кои ги имаат карактеристиките од дефиницијата за скутери согласно член 3 став 1 точка 13 од Законот.

Предвидениот исклучок во членот 3 од Одлуката, според кој ограничувањето за пловидба не се однесува на скутерите наменети за службени потреби за вршење на инспекциски, царински и полициски надзор сметаме дека е легитимен и дека не претставува ставање во повластена положба на овие пловни објекти, од причина што истите се наменети за службени потреби за вршење на инспекциски, царински и полициски надзор, што претставува вршење на службени обврски за потребите на Републиката и нејзината безбедност. Оттука и не може да се прави споредба помеѓу пловните објекти (скутери) наменети за службени потреби и приватните пловни објекти (скутери) наменети за лични потреби, спорт и рекреација.

Според Судот, исто така, оспорената одлука не се коси ниту со принципите на безбедноста на луѓето и зачувувањето на нивниот живот и здравје и истата претставува операционализација на законите што ги уредуваат овие прашања.

Поради наведените причини, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со член 9 на Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение во Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Гзиме Старова.

У.бр. 190/2009
2 декември 2009 година
Скопје
тјт
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски