123/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 25 ноември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уста-вноста и законитоста на Одлуката за донесување Детален урбани-стички план „Голем Ринг-Јужен дел-Исток“ Општина Центар, донесена под бр.07-386/14 од 9 февруари 2009 година од Советот на општина Центар („Службен гласник на општина Центар“ бр.2/2009).

2. Душко Јакасановски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката, означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената одлука била донесена во постапка во која биле повредени член 117 став 1 од Уставот и Амандман XVII точка 2 на Уставот, член 10 став 1 точка 1 алинеи 2 и 3, член 15 став 1 точка 1 алинеи 1 и 2 и член 15 став 2 од Законот за градот Скопје („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2004), како и член 10 ставови 1, 2 и 3, член 11 ставови 1 и 7 и член 26 ставови 3 и 9 од Законот за просторното и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2008-пречистен текст).

Врз основа на означените одредби произлегувало дека градот Скопје е посебна единица на локалната самоуправа, во која граѓаните непосредно и преку преставници учествуваат во одлучувањето за прашања од значење за градот Скопје, особено од областа на урбанизмот (Амандман XVII точка 2 на Уставот). Негова надлежност во областа на урабнизмот била донесување на генерален урбанистички план што го носи Советот на град Скопје со кој се определувале границите на планскиот опфат и границите на зони според намената на земјиштето. Општините во градот Скопје, пак, во однос на генералниот урбанистички план на Градот биле надлежни да покренуваат иницијативи за донесување, изменување и дополнување на генералниот урбанистички план, како и за давање мислење по нацртите на генералните урбанистички планови, а во однос на деталниот урбанистички план биле надлежни да го донесуваат, при што истиот се носел за плански опфат за кој бил донесен генерален урбанистички план и морал да биде усогласен со генералниот план, а општината го донесувала по претходно добиено позитивно мислење од градот Скопје, што го давал градоначалникот на градот Скопје преку стручно лице-дипломиран инженер архитект со најмалку три години работно искуство во областа на урбанистичкото планирање. Оттаму, посебниот уставно-правен и законски статус на градот Скопје, како единица на локалната самоуправа, во областа на урбанизмот се состоела во тоа, преку заштита на генералниот урбанистички план за градот Скопје, да ја обезбеди целовитоста на главниот град на државата.

Според подносителот на иницијативата оспорената одлука била донесена во постапка без да се почитува Генералниот урбанистички план на градот Скопје така што намената на парцелите 8.1, 8.5 и 9.10 од Генералниот план-сервисни дејности била изменета во колективно домување, намената на парцелите 8.16-парковско зеленило била изменета во спортско-рекреативни објекти, а намената на парцелата 9.11-трговски објекти била изменета во деловни објекти. Промена на намените била констатирана од градот Скопје, поради што било дадено негативно мислење по Предлогот на Деталниот урбанистички план, но и покрај тоа со оспорената одлука Планот бил донесен. Таквата постапка на донесување на Деталниот план го изме-стувала уставниот и законски статус на градот Скопје во областа на урбанизмот како посебна единица на локалната самоуправа, односно посебна целина.

3. Судот на седницата утврди дека, врз основа на член 15 став 1 точка 1 алинеа 3 и член 26 од Статутот на Општина Центар-Скопје, како и член 26 од Законот за просторното и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Накедонија“ бр.51/2005 и 137/2007) Советот на општина Центар-Скопје на 104-та седница одржана на 9 февруари 2009 година ја донел оспорената одлука за донесување Детален урбанистички план „Голем Ринг-Јужен дел-Исток“ Општина Центар.

Во членот 1 од Одлуката е предвидено дека со истата се донесува Детален урбанистички план „Голем Ринг-Јужен дел-Исток“ Општина Центар-Скопје, согласно Генералниот урбанистички план на Град Скопје („Службен гласник на Град Скопје“ бр.8/2002), Законот за просторното и урбанистичко планирање, Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и Правилникот за поблиската содржина, размер и начин на графичка обработка на урбанистичките планови.

Во членот 2 од Одлуката е определена границата на планскиот опфат (16,20 ха) кој е дефиниран на север по осовината на улицата „Мирче Ацев“, на северо-запад по осовината на Булеварот „Даме Груев“ и осовината на улицата “Војвода Васил Аџиларски“, на југо-исток по осовината на булеварот “Кочо Рацин“ и на југо-запад по осовината на улицата „Мито Хаџивасилев Јасмин“.

Во членот 3 од Одлуката се наведува дека во утврдените граници на опфатот од член 2, е содржана воведна документација, планска документација, нумерички дел, услови за градба, докуме-нтациона основа и планска документација.

Во член 4 од Одлука, е содржан детален опис на актите што се нејзин составен дел.

Во член 5 од Одлуката, се предвидува дека Деталниот урбанистички план се заверува со печат на општина Центар-Скопје и потпис на Претседателот на Советот на општина Центар во седум примероци, со означување каде се чува секој поединечен примерок.

Согласно член 6 од Одлуката, Секторот за урбанизам, комунални работи и заштита на животната средина во општина Центар во рок од 30 дена од донесување на планот е должен да обезбеди картирање на планот на хамер или астралон. Картираните подлоги се предаваат на Државниот завод за геодетски работи на чување и користење.

Согласно член 7 од истата одлука, Одлуката за донесување на измени и дополнување на Деталниот урбанистички план со сите нејзини делови се чува и за нејзина реализација се грижи Секторот за урбанизам, комунални работи и заштита на животната средина во општина Центар-Скопје.

Во член 8 од оваа одлука е предвидено дека истата влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Центар“-Скопје.

Судот, исто така, врз основа на приложената докуме-нтација, во текот на претходната постапка ја утврди следната фактичка состојба:

Владата на Република Македонија донела Програма за приоритетна изработка на урбанистички планови во Република Македонија во 2008 година („Службен весник на РМ” бр.21/2008), во која во точката 1.2 е предвидена изработка на изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план „Голен Ринг“-Јужен дел-Исток и Запад.

Министерството за култура-Управа за заштита на култу-рното наследство донело Решението бр. 08-420/2 од 26 февруари 2008 година, за одобрување на заштитно-конзерваторски основи за културното наследство во границите на опфатот на Деталниот план „Голен Ринг“-Јужен дел-Исток.

Стручна ревизија на изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план е изработена од Друштвото за планирање, проектирање и инжинеринг „Простор” ДОО – Куманово во месец јули 2008 година.

Одговор на Ревизија е даден од Институтот за урбанизам, сообраќај и екологија „ИН-ПУМА” –Скопје во јули 2008 година.

Градоначалникот на општина Центар донел Решение за јавна презентација и Јавна анкета за Предлог план за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план бр.08-2069/1 од 28 јули 2008 година, врз основа на кое е издадено соопштение бр.08-2069/2 од истиот датум до граѓаните и правните лица за организирање на јавна презентација и јавна анкета во просториите на урбаната заедница „Роберт Гајдиќ“-Скопје и тоа во траење од 10 работни дена.

Соопштение за Јавна презентација и Јавна анкета на 30 јули 2008 година е објавено во дневните весници „Време” и „Дневник“.

Градоначалникот на Општината донел Решение бр.08-2069/3 од 18 август 2008 година за формирање на стручна комисија од областа на урбанизмот и градежништвото чија задача била да ги разгледа забелешките по Предлог-Планот.

Според извештајот по спроведената јавна презентација по Предлог план за изменување и дополнување на Деталниот урбани-стички план бр.26-639/5 од 20 август 2008 година, во периодот на спроведување на јавната анкета биле доставени 100 анкетни листови од граѓани и правни лица.

Стручната комисија составила Известување бр.26-639/6 од 20 август 2008 година за постапување по Извештајот за спрове-дената Јавна анкета по Предлог-Деталниот убранистички план.

Општината Центар со писмо бр.26-639/10 од 4 декември 2008 година го доставила Предлог-Планот до Градот Скопје-Сектор за планирање и уредување на просторот со барање за добивање на стручно мислење. Според приемниот печат, истото е примено во Градот Скопје на 5 декември 2008 година.

По повод допис бр.26-639/9 од 2 декември 2008 година на општината Центар, Министерството за култура дало мислење бр.О8-420/5 од 22 декември 2008 година (промено во Општината на 25 декември 2008 година) за заштита на културното наследство според кое дадените забелешки треба да се вградат пред усвојувањето на Планот.

Градот Скопје со допис бр.08/13-3406/1 од 16 декември 2008 година до општината Центар дал известување по Предлог-Планот заедно со мислење од Секторот за сообраќај, според кое намените на просторот во основа се почитувани освен за просторот Б8, 8.4 наменет според Генералниот план за сервисни дејности (931) кој во Предлог-Планот е претставен како Г5-катна гаража и во блок Б9, 9.12 за Работничкиот универзитет Кочо Рацин кој во Генералниот план е со намена 251-објекти од култура и наука, а во Предлог-Планот е со намена Б-4, деловни простории. Потоа, да се преиспита и да се корегира формата на новопланираната катна гаража Г5, 9.13, лоцирана на аголот на улицата „Војвода Васил Аџиларски“ и улицата „Мирче Ацев“ од аспект на ослободување на аголот; Во блокот Б8, за новопланираната површина на градба 8.1а (со дел залепен за 8.1) да се даде комплетна анализа за оправданоста и потребата од ваков објект; да се преиспита оправданоста на сите планирани колско-пешачки патеки, посебно за двете околу детската градинка означена со 9.5 во блок Б9 и за колско-пешачката патека помеѓу објектот 8.14 и објектот 8.19 и да се коментира ширината на патеката. Заради вака изнесените забелешки Градот Скопје, преку раководителот на секторот Аљоша Шопар, дипломиран инженер архитект дал негативно мислење по Предлог-Планот. Овој допис е примен во општина Центар на 31 декември 2008 година и е заведен под бр.26 639/13 видно од приемниот печат на Општината.

Институтот за урбанизам, сообраќај и екологија ИН-ПУМА во декември 2008 година изготвил одговор на мислењето на Градот Скопје, од кој произлегува дека забелешките по однос на градежните парцели 8.4, 9.12, Б-9 и Блок 8, во целост се прифатени, а исто така се прифатени и дел од забелешките по однос на сообраќајните решенија.
До граѓаните и правните лица кои поднеле анкетни листови известување со образложение за прифаќање или неприфа-ќање на нивните забелешки или предлози е доставено на 18 јануари 2009 година, со препорачани пратки, видно од приложената фотоко-пија од приемна книга (лист) од Македонска пошта.

Согласноста на Предлог-план за изменување и дополну-вање на Деталниот урбанистички план бр.16-1428/2 од 30 јануари 2009 година е издадена од Министерството за транспорт и врски- Сектор за уредување на просторот.

Одлука за донесување на Деталниот урбанистички план Советот на Општината ја донел на 9 февруари 2009 година и ја објавил во „Службениот гласник на општина Центар“ на истиот датум.

4. Во членот 117 став 1 од Уставот на Република Македо-нија е утврдено дека градот Скопје е посебна единица на локалната самоуправа чија организација се уредува со закон.

Според точка 2 на Амандман XVII со кој се заменува став 2 на членот 117 од Уставот во градот Скопје граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од значење за градот Скопје, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Според член 117 став 4 од Уставот, градот Скопје е самостоен во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на неговата работа ја врши Републиката.

Според член 1 од Законот за просторно и убранистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005 и 137/2007), со овој закон се уредуваат условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реали-зацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање.

Според член 7 од Законот, во зависност од просторот кој е предмет на планирањето се донесуваат следниве планови:
1) Просторен план на Република Македонија и
2) урбанистички планови:
– генерален урбанистички план,
– детален урбанистички план,
– урбанистички план за село и
– урбанистички план вон населено место.

Во членот 10 од Законот е предвидено дека, Генерален урбанистички план се донесува за градот Скопје и за градовите кои се седишта на општини утврдени со закон.
Генералниот урбанистички план од ставот 1 на овој член содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија, како и нумерички дел со билансни показатели.
Графичките прикази од ставот 2 на овој член содржат: граница на планскиот опфат која претставува граница на градот, граници на зони според намената на земјиштето и општиот режим на градење и употреба, примарна сообраќајна мрежа со нивелманско решение, примарни водови и градби од сите градски инфраструктури, граници на урбани подрачја за детално планирање на просторот, граници на споменички целини и други заштитени подрачја и други податоци потребни за планските решенија.
Текстуалниот дел од ставот 2 на овој член содржи: цел и средства на планските решенија, општи и посебни услови за просторен развој, параметри за спроведување на планот, плански услови за детално планирање на просторот, стратешка процена на влијание врз животната средина, мерки за заштита на културното наследство, природата и животната средина, мерки за заштита од разурнувања и други податоци за планските решенија.
Нумеричкиот дел од ставот 2 на овој член содржи: нумерички податоци за површините на градежното земјиште, наменска употреба на земјиштето во рамките на регулациона линија, густината и површината на планираната изградба, податоци за инфраструктурните водови и градби и други податоци за планските решенија.
Генералниот урбанистички план, се донесува врз основа на издадени услови за планирање на просторот согласно со закон.
Податоците за постојната состојба, можностите за просторен развој и програмските проекции за просторниот развој претставуваат документациона основа на генералниот урбанистички план, која е прилог на планот.
Генералните урбанистички планови во чиј плански опфат постојат споменици, споменички целини, културни предели и други заштитени добра со статус на културно наследство, треба да содржат детални параметри за заштита на недвижното културно наследство.

Според член 11 од Законот, детален урбанистички план се донесува за плански опфат, за кој е донесен генерален урбанистички план.
Деталниот урбанистички план содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфрастру-ктурата.
Графичките прикази на планот од ставот 2 на овој член содржат: граница на планскиот опфат, регулациони линии, парце-лација на градежното земјиште, површини за градење на градби определени со градежни линии, максимална висина на градбата изразена во метри до венец, намена на земјиштето и градбите, планско решение на секундарната сообраќајна мрежа со нивелманско решение и плански решенија на сите секундарни комунални и телекомуникациски инфраструктури.
Текстуалниот дел на планот од ставот 2 на овој член содржи: општи услови за изградба, развој и користење на земјиштето и градбите, посебни услови за изградба за поединечни градежни парцели, податоци за сообраќајните, комуналните и телекомуни-кациските инфраструктури, други параметри за спроведување на планот, мерки за заштита на културното наследство, природата и животната средина, мерки за заштита од разурнувања и друго.
Нумеричкиот дел од ставот 2 на овој член содржи: податоци за површините на градежни парцели, планираните површини за градење, максималната висина на градбите изразена во метри до венец, податоци за инфраструктурните водови и градби и друго.
Деталните урбанистички планови во чии што плански опфат постојат споменици, споменички целини и други заштитени добра со статус на културно наследство, треба да содржат детални параметри за заштита на недвижното културно наследство.
Деталниот урбанистички план, како план од пониско ниво, мора да биде усогласен со генералниот урбанистички план.
Податоците за постојната состојба, можностите за просторен развој и програмските проекции за просторниот развој претставуваат документациона основа на деталниот урбанистички план, кој а е прилог на планот.

Според член 14 од Законот, сите постојни надземни и подземни градби во рамките на планскиот опфат се евидентираат на ажурирана геодетска подлога во документационата основа на планот.
Во документационата основа се обележуваат сите заштитени добра коишто имаат статус на културно наследство според заштитно конзерваторските основи.
Во документационата основа на планот на ажурирана геодетска подлога се евидентираат сите градби кои до почетокот на изработката на урбанистичкиот план се изградени или почнале да се градат спротивно на важечкиот урбанистички план или спротивно на одредбите на овој закон и Законот за градење.
Во планските решенија на урбанистичките планови со плански одредби се уредуваат условите за градење само за градби кои ќе се градат по донесувањето на планот. За легално изградените градби на чиешто место со планот не се предвидуваат услови за градење за нови градби или за доградба и надградба на старите, не се предвидуваат услови за градење, туку градбите само се потврдуваат како постојни.
Во планските решенија на урбанистичките планови не може да се утврдуваат услови за градење со кои се врши вклопување во планот на градби кои до почетокот или за време на изработката на урбанистичкиот план биле изградени или почнале да се градат спротивно на важечкиот урбанистички план или спротивно на одредбите на овој закон и на Законот за градење.

Според членот 16 од Законот, за изработување на планот од членот 7 точка 1 на овој закон, Владата на Република Македонија донесува годишна програма за финансирање на предлог на органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на просторното планирање.
За изработување на плановите од членот 7 точка 2 и за урбанистичките проекти од членот 50 став 3 на овој закон, како планови од значење на Републиката, Владата на Република Македо-нија донесува годишна програма за финансирање на изработката на плановите за градби од значење за Републиката утврдени со закон, на предлог на органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот.
За изработување на урбанистички планови од членот 7 точка 2 на овој закон и за урбанистички проекти за остварување на инвестиции од значење за Републиката, Владата на Република Македонија донесува програма за приоритетна изработката на урбанистички планови на предлог на органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот и на предлог на единиците на локалната смоуправа и градот Скопје.
Предлозите на програмите од ставовите 2 и 3 на овој член, пред нивното донесување се доставуваат до општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, кои се опфатени со предлогот на програмата заради давање мислење за прифаќање на програмата во делот кој се однесува за секоја општина или градот Скопје. Мислењето се дава во рок од седум дена по приемот на програмата, а доколку не се даде во пропишаниот рок, се смета дека е дадено позитивно мислење.
Изработка на плановите според програмите од ставовите 1 и 2 на овој член се финансира од Буџетот на Република Македонија.
Изработката на урбанистички планови и урбанистички проекти според Програмата од ставот 3 на овој член се финансира од Буџетот на Република Македонија, буџетите на општините и градот Скопје и од донации од заинтересирани правни и физички лица кои се уплаќаат во Буџетот на Република Македонија.
Програмите се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија”.

Во членот 19 од Законот е предвидено дека, урбанисти-чките планови се изработуваат на ажурирани геодетски подлоги, во соодветен размер, согласно со закон.
Континуираното ажурирање на геодетските подлоги е обврска на донесувачот на планот кој ги сноси и трошоците за ажурирањето.

Според членот 23 од Законот, по нацртот на генералните урбанистички планови, се организира стручна расправа, со учество на претставници на стручни и научни институции од областа на урбанистичкото планирање, органите на државната управа, инсти-туции надлежни за заштита на спомениците на културата, комуна-лните претпријатија, други институции и лица од подрачјето опфатено со планот и невладини организации.
Стручна расправа по утврдените нацрти на планови од ставот 1 на овој член организира градоначалникот на општината и градоначалникот на градот Скопје. Времето и местото на одржување на стручната расправа на нацртот на планот се објавува во најмалку две јавни гласила, најмалку два работни дена пред одржувањето. За стручната расправа се изработува извештај.
Извештајот од ставот 2 на овој член со записник од расправата и со посебни образложенија за прифатените и непри-фатени забелешки од стручната расправа го изработува стручна комисија составена од три члена и тоа еден претставник од донесувачот на планот (стручно лице од областа на урбанистичкото планирање), еден претставник на изготвувачот на планската докуме-нтација (носител на изработка на планот) и еден научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање.
Извештајот од ставот 3 на овој член е составен дел на предлогот на планот.

Во членот 24 од Законот е предвидено дека, по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбани-стичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета.
Организирањето на јавната презентација и јавната анкета по плановите од ставот 1 на овој член, го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот.
За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај.
Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови.
Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината.

Извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градона-чалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежено за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање.
Извештајот од ставот 6 на овој член е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот.
Врз основа на извештајот, комисијата од ставот 6 на овој член е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози.
Доколку комисијата од ставот 6 на овој член оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промена на намената на земјиштето и промени во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацртот на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета.
Времето и местото каде ќе биде изложен планот и спрове-дувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со соопштение во јавните гласила. Соопштението задолжи-телно ги содржи податоците, местоположба и површина на опфатот на планот.

Според членот 25 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, изработени во форма на нацрт на план се дава мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, заради согледување на степенот на усогласеноста на плановите со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.
На плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, изработени во форма на предлог на план се дава согласност од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.
Мислењето од ставот 1 и согласноста од ставот 2 на овој член се дава во рок од 15 работни дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на доносителот на планот. Доколку надлежниот орган за издавање на мислењето и согласноста не одговори во наведениот рок ќе се смета дека мислењето и согласноста се издадени.
По добивањето на согласноста од ставот 2 на овој член, планот се доставува до надлежниот орган за донесување.

Според членот 26 став 4 од Законот, советите на општините во градот Скопје донесуваат детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место.
Според ставот 7 од истиот член од Законот, урбани-стичките планови од членот 7 точка 2 алинеи 2, 3 и 4, како предлози на планови се доставуваат во рок од шест месеца од добивањето на мислењето од членот 25 став 1 на овој закон до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот заради добивање на согласност. Урбанистичките планови од членот 7 точка 2 алинеја 1 од овој закон се доставуваат во рок од 12 месеца од добивањето на мислењето од членот 25 став 1 на овој закон до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот. Доколку плановите не се достават во утврдениот рок, органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, ќе и укаже на општината дека е должна постапката за нивно донесување да ја повтори согласно со овој закон.

Во членот 26 став 8 од Законот е предвидено дека, урба-нистичките планови за кои Владата на Република Македонија донела одлука за приоритетна изработка на урбанистички планови од членот 16 став 3 на овој закон, се донесуваат по скратена постапка во која урбанистичкиот план се изработува и донесува како предлог на план. На предлогот на планот се врши стручна ревизија согласно со членот 21 став 3 од овој закон и се спроведува стручна расправа согласно со членот 23 од овој закон и јавна презентација и јавна анкета согласно со членот 24 од овој закон. Јавната анкета трае десет работни дена и се организира во рок од седум работни дена од изготвувањето на планската документација. Стручната расправа се одржува во рок од пет дена по извршената стручна ревизија, а извештајот од стручната расправа се изработува во рок од три дена по одржаната стручна расправа. Извештајот од јавната анкета се изработува во рок од пет работни дена по завршувањето на јавната анкета, а по извештајот на комисијата изработувачот на планот постапува во рок од седум работни дена. На предлогот на планот се бара согласност од надлежниот орган од членот 25 став 2 на овој закон, која се издава во рок од пет работни дена од поднесувањето на барањето од страна на доносителот на планот. Предлогот на планот се донесува во рок од десет работни дена од приемот на согласноста.

Според ставот 9 од членот 26 од Законот, општините во Градот Скопје, урбанистичките планови ги донесуваат по претходно добиено мислење од градоначалникот на градот Скопје за што градоначалникот овластува стручно лице, дипломиран инженер архитект со најмалку три години работно искуство во областа на урбанистичкото планирање. Мислењето од градоначалникот на градот Скопје се издава во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на доносителот на планот, а доколку не се издаде во определениот рок ќе се смета дека мислењето е дадено.

Според ставот 10 од членот 26 од Законот, советот на општината е должен урбанистичките планови финансирани од Буџетот на Република Македонија, да ги донесе во рок од два месеци од денот на давањето на согласноста, односно во рок од три месеца од денот на давањето на мислењето од членот 25 на овој закон. Ако во тој период не се донесе планот кој е финансиран од Буџетот на Република Македонија, советот на општината е обврзан потрошените средства за изработка на планот да ги уплати на сметка на Буџетот на Република Македонија.

Според член 1 од Законот за градот Скопје („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2004), со овој закон се уредува организацијата на градот Скопје, како посебна единица на локалната самоуправа (во натамошниот текст: градот Скопје), надлежностите и финансирањето на градот Скопје и на општините во градот Скопје, употреба на јазиците на заедниците во градот Скопје и во општините во градот Скопје, соработката меѓу градот Скопје и општините во градот Скопје, како и други прашања од значење за градот Скопје.

Според членот 10 став 1 алинеи 2 и 3 од истиот Закон, надлежности, односно работи од јавен интерес од локално значење на градот Скопје, меѓу другите, се донесување генерален урбанистички план на градот Скопје (алинеја 1) и давање мислење за предлогот на деталните урбанистички планови, урбанистички проекти и урбанистички планови за населените места што ги донесуваат општините во градот Скопје (алинеја 2).

Според членот 15 став 1 точка 1 алинеи 1 и 2 од Законот, надлежности, односно работи од јавен интерес од локално значење на општините во градот Скопје, меѓу другите, се покренување иницијативи за донесување, измена и дополнување на просторниот план на градот Скопје и генералниот урбанистички план на градот Скопје (алинеја 1) и давање мислења по нацртите на просторниот план на градот Скопје и генералниот урбанистички план на градот Скопје (алинеја 2).

Во членот 15 став 2 од Законот е предвидено дека, плановите и проектите од ставот 1 точка 1 алинеја 3 на овој член општината ги донесува по претходно добиено позитивно мислење од градот Скопје и согласност од органот на државната управа надлежен за работите на уредување на просторот.

Од изнесените законски одредби произлегува дека законо-давецот во функција на обезбедување на уредувањето и хумани-зацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Судот, тргнувајќи од анализита на доставената докуме-нтација, а во контекст на цитираните законски одредби, во претхо-дната постапка, утврди дека во овој случај станува збор за донесување на детален урбанистички план во скратена постапка, во која урбанистичкиот план бил изработен и донесен како предлог на план, а врз основа на Програма на Владата на Република Македонија за приоритетна изработка на урбанистички планови во Република Македонија во 2008 година. Во ваков вид на постапки согласно одредбите од Законот за просторното и урбанистичко планирање се врши стручна ревизија (член 21 став 3), се спроведува јавна презе-нтација и јавна анкета (член 24), писмено се известува секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или непри-фаќање на неговите забелешки или предлози (24 став 8), се бара согласност на деталниот план од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот (член 25 став 2), се бара мислење од градоначалникот на градот Скопје за што градоначалникот овластува стручно лице, дипломиран инженер архитект, кое мислење се издава во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на доносителот на планот, а доколку не се издаде во определениот рок ќе се смета дека мислењето е дадено (член 26 став 9). Исто така, во членот 15 став 2 од Законот за градот Скопје е предвидено општината да го донесе деталниот план по претходно добиено позитивно мислење од градот Скопје.

Во конкретниот случај, според подносителот на иницијативата во постапката на планирање не биле почитувани членот 26 став 9 од Законот за просторното и урбанистичко плнирање и членот 15 став 2 од Законот за градот Скопје, од причина што градот Скопје дал негативно мислење по предложениот детален план, бидејќи утврдил промена на намените на одделни парцели, а сето тоа довело до изместување на уставниот и законски статус на градот Скопје во областа на урбанизмот како посебна единица на локалната самоуправа, односно посебна целина.

Според оцена на Судот вака изнесените наводи се неосновани, а поради следното:

Постапувајќи согласно член 26 став 9 од Законот за просторното и урбанистичко планирање општината Центар со допис бр.26-639/10 од 4 декември 2008 година го доставила Предлог-Планот до Градот Скопје-Сектор за планирање и уредување на просторот со барање за добивање на стручно мислење, кој допис е примен во градот Скопје на 5 декември 2008 година.

Рокот за давање на стручно мислење, согласно наведената одредба (15 дена) истекол на 22 декември 2008 година, без да биде дадено мислењето, за кои случаи Законот предвидел дека ќе се смета дека мислењето е дадено, односно дека нема забелешки по однос на планот.

Оттаму, давањето на негативно мислење по истекот на законски предвидениот рок, односно дури на 31 декември 2008 година, според оцена на Судот, не може да се смета како релеватна околност за спроведувањето на постапката на планирање, бидејќи на градот Скопје му била позната последицата од пропуштање на законски предвидениот рок за давање на мислење или дека општината Центар основано сметала дека добила мислење и тоа без забелешки, заради протекот на рокот во кој немало мислење.

Меѓутоа, во интерес на граѓаните и започнатиот процес на планирање од страна на општината Центар задоцнетото негативно мислење на градот Скопје и дел од дадените забелешки биле прифатени и при неспорна околност дека Општината немала законска обврска за тоа. Притоа, споредувајќи ги даденото негативно и задоцнето мислење на градот Скопје и одговорот на мислењето на Институтот ИН-ПУМА произлегува дека забелешките по однос на градежните парцели 8.4, 9.12, Б-9 и Блок 8, во целост се прифатени, а исто така се прифатени и дел од забелешките по однос на сообраќајните решенија, што упатува на заклучокот дека дел од дадените забелешки, иако биле дадени надвор од предвидениот рок сепак се прифатени.

Што се однесува, пак, до површините на градба, во иници-јативата означени како 8.1 (постојна површина и на неа се прилепува површината 8.1-а), 8.5, 8.16, 9.10 и 9.11 истите не биле предмет на забелешка, односно забелешката на градот Скопје од даденото негативно мислење е за површината 8.1-а, која не се споменува во иницијативата. Според тоа во иницијативата се укажува на промена на намената на површини за кои градот Скопје воопшто немал забелешки.

Прифатените забелешки се внесени во документационата основа на планот и во графичките прилози.

Меѓутоа, како и да е, Судот, оценувајќи ги наводите на подносителот на иницијативата за повреда на членот 11 став 1 и 7 од Законот за просторното и урбанистичко планирање, оцени дека прашањето за усогласеноста на Деталниот со Генералниот урбанистички план е надлежност на оценка на Министерството за транспорт и врски и истото во рамки на дадената согласност по однос на конкретниот детален урбанистички план ја ценело усогласеноста на двата плана во рамки на својата надлежност при што во време на издавањето, ниту ја повлекло ниту ја изменило дадената согласност.

Судот, тргнувајќи од наведената законска регулатива, како и увидот и анализата на доставената документација за донесување на оспорената Одлука во делот што се оспорува со иницијативата, како и фактот што градот Скопје го пропуштил законски определениот рок за давање на мислење по конкретниот детален урбанистички план, оцени дека општина Центар во деловите кои се оспоруваат со иницијативата ги спровела законски определените дејствија од Законот за просторното и урбанистичко планирање и Законот за градот Скопје и ги испочитувала сите фази во постапката за донесување на истата, градот Скопје не бил попречен да даде свое мислење по Планот, туку не го запазил законски предвидениот рок, со што одлуката е донесена согласно членот 26 став 9 од Законот за просторното и урбанистичко планирање, како и согласно член 10 став 1 алинеја 1 и член 15 став 1 точка 1 алинеја 2 од Законот за градот Скопје.

Воедно, според оцена на Судот, во постапката на плани-рање не е сторена повреда на членот 10 ставови 1, 2 и 3 и членот 26 став 3 од Законот за просторното и урбанистичко планирање, како и на членот 10 став 1 алинеа 1 од Законот за градот Скопје, бидејќи овие одредби определуваат кој го носи Генералниот урбанистички план и што содржи таквиот план, а предмет на оцена пред Уставниот суд е донесен конкретен детален урбанистички план, или план од друг вид кој не спаѓа во надлежност на градот Скопје (Градот Скопје не го носи овој вид план, дава само мислење).

Исто така, не може да се прифати како основан наводот од иницијативата за повреда на членот 15 став 1 точка 1 алинеја 1 од Законот за градот Скопје, бидејќи не се работи за попречување на законското право за покренување иницијативи за донесување, измена и дополнување на просторниот план на градот Скопје и генералниот урбанистички план на градот Скопје, туку за донесување на детален урабнистички план на општината Центар, врз основа на Програма на Владата на Република Македонија за приоритетна изработка на урбанистички планови во Република Македонија во 2008 година.

Имајќи го предвид сето наведено Судот оцени дека во постапката за донесување на конкретниот детален урбанистички план не се повредени и член 117 став 1 од Уставот и Амандман XVII точка 2 на Уставот, бидејќи не е доведена во прашање уставната положба на градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа чија организација се уредува со закон и не е повредно правото на граѓаните непосредно и преку претставници да учествуваат во одлучувањето за прашања од значење за градот Скопје, особено во областа на урбанизмот.

Врз основа на сето наведено Судот оцени дека оспоре-ната одлука е во согласност со член 117 став 1 од Уставот и Амандман XVII точка 2 на Уставот, со член 10 став 1 точка 1 алинеи 2 и 3, член 15 став 1 точка 1 алинеи 1 и 2 и член 15 став 2 од Законот за градот Скопје, како и со член 10 ставови 1, 2 и 3, член 11 ставови 1 и 7 и член 26 ставови 3 и 9 од Законот за просторното и урбанистичко планирање.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.123/2009
25 ноември 2009 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски