У.бр.153/2009

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 25 ноември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 68 алинеја 3 во делот

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Наредбата број 02-865/1 од 09.06.2009 година, донесена од директорот на Јавното претпријатие за стопанисување со шуми „Македонски шуми“ Скопје.

3. Стамен Филипов од Скопје и Националната асоцијација на сопственици на приватни шуми – Регионален центар Радовиш, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точка 1 од ова решение и за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точка 2 од ова решение.

Според подносителите на иницијативите, со оспорениот законски дел во членот 68 алинеја 3 од Законот (кој не постоел во член 39 од претходниот Закон за шумите), се создавале обврски на приватните сопственици со кои суштински се ограничувало правото на сопственост врз нивните шуми, што било во спротивност со член 8 став 1 алинеите 3 и 6, член 30 ставовите 1 и 3, член 51 и член 54 ставовите 1 и 2 од Уставот. Имено, ограничувањето на правото на сопственост се вршело на тој начин што со оспорениот дел од законската одредба се условувало видното обележување на границите на шумата за која се однесувало барањето за сеча, да морало да биде обележено само и единствено од страна на трговци поединци, овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи, со што граѓаните противуставно се изложувале на трошоци, денгуби и слично.

Оспорената одредба од член 68 алинеја 4 од Законот била противуставна, затоа што со одобрението за сеча од претходната година не можело да се наметнуваат обврски за граѓаните-приватни сопственици. Дека тоа било така, можело да се утврди и од член 61 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, според кој со актите кои ги донесувал директорот кој раководи со самостојниот орган на државната управа односно со управната организација, не можело за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи. Според тоа, со оспорената одредба се повредувале член 8 став 1 алинеите 3 и 6, член 30 ставовите 1 и 3, член 51, член 95 став 3 и член 96 од Уставот.

Понатаму, во иницијативите се наведува дека директорот на Јавното претпријатие за стопанисување со шуми „Македонски шуми“ Скопје, без законско овластување ја донел оспорената наредба, со која наредил строго да се почитуваат законските одредби од Законот за шумите при издавање одобрение за сеча во шуми во приватна сопственост и која наредба не била објавена во „Службен весник на Република Македонија“, со што бил повреден член 52 ставовите 1 и 2 од Уставот. Со оглед дека директорот не се повикал ниту на една законска одредба како основ за донесување на наредбата, ги пречекорил своите законски овластувања, а со тоа со Наредбата се повредувале член 8 став 1 алинеја 3 , член 51, член 52 ставовите 1 и 2, член 95 став 3 и член 96 од Уставот, како и одредбите на член 49 став 2, член 55 став 2, член 56 став 2 и член 61 став 2 од Законот за организација и работа на државните органи.

Воедно, се предлага Уставниот суд да донесе и решение за времена мерка за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорените законски одредби и Наредбата, бидејќи со нивното извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

4. Судот на седницата утврди дека според член 68 став 1 алинеја 3 од Законот за шумите, одобрение за сеча во приватна шума не може да се издаде, ако видно не се обележани границите на шумата за која се однесува барањето за сеча од страна на трговци поединци, овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи. Според алинеја 4 на истиот член, одобрение за сеча во приватна шума не може да се издаде ако не се извршени предвидените мерки во одобрението за сеча од претходната година.

Судот, исто така, утврди дека директорот на Јавното претпријатие Македонски шуми, донел наредба отпечатена на меморандум на ЈП Македонски шуми, заверена под бр. 02-865/1 од 09.06.2009 година, со која им се наредува на вработените во ова јавно претпријатие строго да ги почитуваат законските одредби од член 68 од Законот за шумите при издавање на одобрение за сеча во шуми во приватна сопственост и се укажува на прекршочните одредби во Законот во случај на непочитување на овие одредби.

5. Согласно член 8 став 1 алинеите 3 и 6 од Уставот, владеењето на правото и правната заштита на сопственоста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Согласно став 2 на овој член, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Според став 3 на истиот член, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Согласно член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Според член 56 став 1 од Уставот, сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено историско и културно значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.

Според член 1 од Законот за шумите, со овој закон се уредуваат планирањето, управувањето, стопанисувањето, одгледувањето, заштитата и користењето (во натамошниот текст: стопанисување со шумите), чувањето на шумите како природно богатство и шумското земјиште, остварувањето на општокорисните функции на шумите, правото и обврските на користење на шумите, финансирањето, како и други прашања од значење за шумите и шумското земјиште по принципот на биолошка, економска, социјална и еколошка прифатливост. Одредбите на овој закон се применуваат на сите шуми и шумско земјиште без оглед на сопственоста и намената.

Согласно член 2 на истиот закон, шумите се во државна и во приватна сопственост.

Според член 3 на овој закон, шумите како природно богатство се добро од општ интерес за Република Македонија и уживаат посебна заштита. Планирањето, управувањето, стопанисувањето и чувањето на шумите и шумското земјиште се дејности од јавен интерес.

Согласно член 23 од Законот, националната шумарска политика во Република Македонија се остварува преку Стратегијата за одржлив развој на шумарството во Република Македонија, која ја донесува Владата за период од 20 години. Според член 28 од истиот закон, планирањето на управувањето и стопанисувањето со шумите и шумското земјиште се остварува преку: посебни планови за стопанисување со шумите; програма за стопанисување со шумите и годишни планови за стопанисување со шумите.

Во Главата IV oд Законот, насловена како Стопанисување со шумите, законодавецот го уредил одгледувањето на шумите (членови 41-46), заштитата на шумите (членови 47 – 60) и користењето на шумите (членови 61-76).

Од анализата на наведените одредби и на Законот во целина произлегува дека законодавецот ја операционализирал уставната определба за воспоставување посебен режим на заштита на шумите како добро од општ интерес, кој режим важи за сите шуми, независно од нивниот сопственички статус, имајќи предвид дека сопственоста не е апсолутно право на поединецот, туку создава права и обврски и треба да служи за доброто на поединецот и на заедницата, што во случајот на сопственост врз шумите како природно богатство посебно доаѓа до израз.

Во оваа смисла, законодавецот ги утврдил условите за сеча на шумите во државна сопственост и на шумите во приватна сопственост. Притоа, во оспорениот член 68 од Законот ги пропишал случаите кога нема да се издаде одобрение за сеча во приватна шума, при што во алинејата три определил дека одобрение за сеча во приватна шума не може да се издаде ако видно не се обележани границите на шумата за која се однесува барањето за сеча од страна на трговци поединци, овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи.

Во одговор на покренатото прашање дали определбата на законодавецот само трговци поединци, овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи да можат да вршат обележување на границите на шумата во приватна сопственост, значи ограничување на правото на сопственост, Судот имаше предвид дека според Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр. 40/2008), “Катастар на недвижности” е јавна книга во која се врши запишување на правото на сопственост и на другите стварни права на недвижностите, на податоците за недвижностите, како и на други права и факти чие запишување е утврдено со закон (член 2 точка 2). Според точка 12 на овој член, „основни геодетски работи” се работите кои го опфаќаат дефинирањето на државниот геодетски датум, картографската проекција и референтните мрежи со кои се реализира основниот геодетски референтен систем на постојани, хомогени геодетски точки во однос на кои се врши одредување на просторните податоци, а според точка 15 од истиот член, “премер на недвижностите” е прибирање на просторни и описни податоци за недвижностите во функција на востановување и одржување на катастарот на недвижностите и нивна обработка и обликување.

Според член 3 од овој закон, востановувањето и одржувањето на катастарот на недвижностите, управувањето со Геодетско-катастарскиот информационен систем, како и воспоставувањето, одржувањето и јавниот пристап до Националната инфраструктура на просторните податоци се работи од јавен интерес.

Согласно член 73 став 1 од овој закон, теренските геодетски работи кои се однесуваат на основните геодетски работи и премерот ги вршат трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи, под услови и на начин определени со овој закон, како јавни овластувања. Според став 4 на овој член, трговците поединци овластени геодети и трговските друштва за геодетски работи, работите ги вршат на целата територија на Република Македонија.

Според член 88 став 1 од истиот закон, трговецот поединец овластен геодет, односно трговското друштво за геодетски работи за да отпочне со работа потребно е да има лиценца за вршење на геодетските работи, а според став 3 на истиот член, лиценцата од ставот 1 на овој член ја издава Агенцијата за катастар на недвижности.

Од анализата на наведените законски одредби произлегува дека законодавецот, востановувањето и одржувањето на катастарот на недвижностите, како јавна книга во која се врши запишување на правото на сопственост и на другите стварни права на недвижностите, на податоците за недвижностите, како и на други права и факти чие запишување е утврдено со закон, го определил како работа од јавен интерес, во која смисла определил дека теренските геодетски работи кои се однесуваат на основните геодетски работи и премерот ги вршат трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи, под услови и на начин определени со овој закон, како јавни овластувања.

Имајќи го предвид наведеното, според Судот, обележувањето на границите на шумите во приватна сопственост е дејствие од суштествено значење за утврдување и запишувањето на правото на сопственост на шумите во катастарот на недвижности, на која обврска подлежат сите сопственици на земјиште во Република Македонија и дека тоа дејствие, како јавно овластување, единствено го вршат трговци поединци, овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи на целата територија на Република Македонија, кои поседуваат лиценца за вршење на таа дејност, од каде произлегува дека определбата во Законот за шумите само овие лица видно да ги обележат границите на шумите, како услов за добивање одобрение за сеча, е во согласност со определбата за востановување и одржување на катастарот на недвижности, како јавна книга во која се врши запишување на правото на сопственост и на другите стварни права на недвижностите, што несомнено е во функција на заштита на сопственоста, а не, како што се наведува со иницијативата, дека станува збор за повреда на правото на сопственост и противуставно изложување на граѓаните на непотребни трошоци. Фактот што ова прашање не било уредено на овој начин во претходниот Закон за шумите, не е од значење од уставно правен аспект.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 68 алинеја 3 во делот:„ од страна на трговци поединци, овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи“ од Законот за шумите со член 8 став 1 алинеите 3 и 6, член 30 ставовите 1 и 3, член 51 и член 54 ставовите 1 и 2 од Уставот.

Според член 67 став 6 од Законот, со одобрението за сеча во шума во приватна сопственост се утврдуваат дрвната маса за сеча и мерките за обновување, одгледување и заштита на шумите, како и рокот за нивно извршување.

Со оспорениот член 68 алинеја 4 од Законот се пропишува дека одобрение за сеча во приватна шума не може да се издаде, ако не се извршени предвидените мерки во одобрението за сеча од претходната година. Тоа значи дека законодавецот како мерка за заштита на шумите како општо добро утврдил обврски за сопственикот на шумата да се грижи за одржливо управување со шумата, планирање и стопанисување со шумата во обем и на начин со кој трајно се одржува и унапредува производната способност и развој на економските, еколошките и социјалните функции на шумата без нарушување на шумскиот еко систем, во која смисла издавањето на одобрение за сеча на шумата го условил со извршувањето на претходно утврдените обврски на сопственикот на шумата за обновување, одгледување и заштита на шумите, утврдени во одобрението за сеча од претходната година, кое пак е донесено во согласност со одредбите на Законот со кои се уредува користењето на шумите, односно според посебен план или програма.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека наведената мерка е во функција на заштита на шумата како општо добро и дека не можат да се прифатат наводите во иницијативата дека обврските утврдени во одобрението за сеча од претходната година, значеле обврски за граѓаните – приватни сопственици утврдени со подзаконски акт, без постоење на законски основ за тоа, поради што не го постави прашањето за согласноста на член 68 алинеја 4 од Законот со член 8 став 1 алинеите 3 и 6, член 30 ставовите 1 и 3, член 51, член 95 став 3 и член 96 од Уставот.

6. Според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Поаѓајќи од правните елементи кои го определуваат прописот кој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и на неопределен број на субјекти во правото, Судот оцени дека оспорената наредба нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот.

Имено, оспорената наредба, и по својата форма и по содржината, има карактер на интерен акт со кој се уредуваат правила на однесување на вработените во Јавното претпријатие „Македонски шуми“ при издавањето на одобрение за сеча во шуми во приватна сопственост согласно одредбите на Законот за шумите.

Според наведеното, Судот оцени дека оспорената наредба не го задоволува критериумот за пропис подобен за уставно-судска оцена и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата во овој дел.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Гзиме Старова, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов, а во однос на член 68 алинеја 3 во делот:„ од страна на трговци поединци, овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи“, решението е донесено со мнозинство гласови.

У.бр.153/2009
25 ноември 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски