У.бр.181/2009

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 ноември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Софија Куновска од Скопје за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на социјална припадност.

2. Софија Куновска од Скопје преку полномошниците Жарко Хаџи-Зафиров и Емил Мифтари-адвокати од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата повредени со Решението, бр.13-7/2009, донесено од министерот за здравство на 25 февруари 2009 година. Со оспореното решение се одбивало барањето на осигуреникот Софија Куновска да и се надоместат трошоците за извршена здравствена услуга – породување со царски рез во ПЗУ „Мала Богородица-Систина“ само затоа што Фондот за здравствено осигурување на Македонија немал склучено договор со таа здравствена установа и поради тоа здравствените осигуреници немале право на здравствени услуги во таа установа на товар на Фондот. Таквите причини за одбивање на барањето немале основ во член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствено осигурување-„Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2008, која одредба се наведува во оспореното решение, бидејќи таа законска одредба се однесувала на друга материја, ниту пак била во согласност со Одлуката У.бр.45/2006, донесена од Уставниот суд на Република Македонија на 11 јули 2007 година, со која бил укинат членот 1 ставовите 1 и 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствено осигурување-(„Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2005), затоа што таа одлука определувала системот на вредности во областа на здравственото осигурување да не смее да се поврзува со околноста дали Фондот склучил или не склучил договор со некоја здравствена организација односно осигуреникот не можел да трпи последици кога до склучување на договорот нема да дојде, па со ваквиот концепт на законодавецот, осигурениците се попречувале во остварувањето на едно од основните права сами да изберат лекар на кого најмногу му веруваат, како и во таков случај изборот на осигуреникот ќе зависел најчесто од неговата платежна способност, со што се доведувал во прашање принципот на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите утврден во член 9 од Уставот.

Поради наведените причини, оспореното решение значело доведување во прашање на принципот на еднаквоста на граѓаните со оглед дека одбивањето да се рефундираат средствата на конкретниот осигуреник, кој платил придонес за своето здравствено осигурување во Фондот, значело негово дискриминирање во однос на другите осигуреници кои за истата здравствена услуга, примена во друга здравствена установа, не платиле никаков надомест.

3. Судот на седницата утврди дека Софија Куновска од 2 – 7 ноември 2008 година била хоспитализирана во ПЗУ „Мала Богородица – Систина“ во Скопје, при што на 3 ноември 2008 година се породила со царски рез за која услуга платила определен износ денари. На 29 ноември 2008 година Куновска поднела барање за надомест на направените трошоци до Фондот, кој донел Решение бр.10/1-7964/08 од 10 декември 2008 година со кое не и’ признал право на надомест за извршена здравствена услуга во ПЗУ „Мала Богородица“ во Скопје бидејќи таа установа немала склучено договор со Фондот за здравствено осигурување. На 25 февруари 2009 година, после благовремено поднесена жалба од Куновска, министерот за здравство го донел оспореното решение, со кое се одбива жалбата како неоснована, при што се образложува дека пружање на вакви здравствени услуги на своите осигуреници, Фондот им обезбедил во здравствени установи (јавни и приватни) кои пружаат стандардни здравствени услуги и со кои Фондот ги има регулирано односите во врска со пружањето на вакви здравствени услуги. Тоа, пак, било во согласност, покрај другото, со член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствено осигурување-(„Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2008).

4. Според член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Во член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија се определува дека Уставниот суд ќе го отфрли барањето ако не е надлежен да одлучува по него.

Со оглед на тоа што од оспореното решение не произлегува дека тоа се заснова на дискриминација на подносителот на барањето по основ на неговата социјална припадност, туку врз основа на фактот дека не постои договор меѓу Фондот и ПЗУ „Мала Богородица-Систина“ за пружање на здравствени услуги на осигурениците на товар на Фондот, како и врз основа на член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствено осигурување („Службен весник на Република Македонија“бр.82/2008), Судот оцени дека подносителот на барањето го интерпретира Решението како дискриминација по основ на социјална припадност со цел да извлече инстанциона надлежност на Уставниот суд на Република Македонија иако тоа не е делокруг на Судот според член 110 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.181/2009
18 ноември 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски