204/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 ноември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на

а) Огласот за избор на двајца (2) судии на Основниот суд Велес објавен од Судскиот совет на Република Македонија (бр. 07-2192/1 од 8 јули 2009 година);

б) Огласот за избор на четири (4) судии на Основниот суд Куманово објавен од Судскиот совет на Република Македонија (бр. 07-2192/2 од 8 јули 2009 година);

в) Огласот за избор на двајца (2) судии на Основниот суд Тетово објавен од Судскиот совет на Република Македонија (бр. 07-2192/3 од 8 јули 2009 година); и

г) Огласот за избор на еден (1) судија на Основниот суд Гостивар објавен од Судскиот совет на Република Македонија (бр. 07-2192/1 од 8 јули 2009 година), сите објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 85 од 9 јули 2009 година.

2. Марта Клашовиќ и други, стручни соработници од Основниот суд Куманово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорените огласи биле во спротивност со член 126 став 1 и 2 и член 127 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр 58/2006) и членовите 7 и 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 35/2008) како и со член 32 став 2 од Уставот на Република Македонија.

Во иницијативата се цитира содржината на огласите, како и наведените членови од Законот за судовите и се укажува дека првите кандидати за судии, согласно со Законот за Академијата за обука на судии и јавни обвинители, со тоа својство се стекнале во текот на месец февруари 2009 година. Подносителите на иницијативата сметаат дека со тоа што во оспорените огласи е наведено дека изборот на судија на основниот суд ќе се врши само од редот на кандидатите кои се стекнале со својство кандидат за судија од Академијата за обука на судии и јавни обвинители, директно бил прекршен член 126 ставови 1 и 2 од Законот за судовите како и член 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите, бидејќи на таков начин, спротивно на Законот, биле дискриминирани кандидатите за судии на основите судови кои ги исполнувале условите од член 43 став 1 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/95,45/95 и 64/2003), односно кои имаат работно искуство со потврдени резултати на правни работи по полагањето на правосудниот испит над три години.

Во иницијативата понатаму се наведува дека оспорените огласи биле во спротивност и со член 127 од Законот за судовите и член 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите. Ова од причина што со ограничувањето на правото на избор на кандидатите за судии на основните судови кои ги исполнуваат условите од член 43 став 1 од Законот за судовите, спротивно на Законот, пред истекот на рокот предвиден во член 127 од Законот ја суспендирале важноста на стариот Закон за судовите.

Во иницијативата се наведува дека со оспорените огласи бил прекршен и член 32 став 2 од Уставот на Република Македонија, според кој секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, бидејќи со оспорените огласи им било суспендирано правото на избор за судии во основните судови на кандидатите за судии кои ги исполнуваат условите од преходно важечкиот Закон за судови под еднакви услови како и на кандидатите за судии кои со тоа својство се стекнале согласно Законот за Академија за обука на судии и јавни обвинители.

Поради наведените причини со иницијативата се бара Уставниот суд да ги поништи оспорените огласи.

Со иницијативата се бара судот да изрече и привремена мерка со која на Судскиот совет ќе му се забрани да спроведува дејствија и да одлучува по оспорените огласи, се до донесување на конечна одлука на Уставниот суд, со цел да се спречи настанување на ненадоместлива штета.

3. Судот на седницата утврди дека оспорените огласи се со идентична содржина, освен во однос на бројот на судиите кои се избираат и основниот суд за кој тие се распишани. Во сите огласи е содржано дека тие се донесени врз основа на член 39 од Законот за Судски совет на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 60/2006 од 15.05.2006), а согласно Одлуките за утврдување на бројот на судиите во судовите на Република Македонија.

Во огласите понатаму е утврдено дека кандидатите за избор на судии треба да ги исполнуваат условите предвидени во член 45 од Законот за судовите („Службен весник на РМ“ бр. 58/06 од 11.05.2006 година) и член 6 и 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите („Службен весник ан РМ“ бр. 35/08 од 14.03.2008 година).

Изборот за судија на основниот суд од огласот ќе се врши само од редот на кандидатите кои се стекнале со својство кандидат за судија од Академијата за обука на судии и јавни обвинители.

Кандидатите за судии од Академијата за обука на судии и јавни обвинители кои нема да се јават на огласот, постои можност да го изгубат утврдениот приоритет од листата на кандидати на Академијата за обука на судии и јавни обвинители.

Заинтересираните кандидати пријавите со потребните документи во оригинал или заверена фотокопија кај нотар, да ги достават до Судскиот совет на РМ, ул. „Вељко Влаховиќ“ бб. Скопје, во рок од 15 дена од денот на објавувањето на одлуката во „Службен весник на РМ“. Пријавените кандидати кои досега не се интервјуирани, за истите ќе биде спроведено интервју на ден 31.08.2009 година, со почеток во 10.00 часот во просториите на Судскиот совет на Република Македонија.

Некомплетните документи нема да се разгледуваат.

Судот на седницата исто така утврди дека сите огласи се донесени на 8 јули 2009 година, тие се потпишани од страна на претседателот на Судскиот совет на Република Македонија Васил Грчев и дека се објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 85/2009.

4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Поаѓајќи од содржината на огласите во целина, во конкретниот случај, огласот претставува повик за пријавување кандидати за избор за судии во основните судови Велес, Куманово, Тетово и Гостивар и тој по својот карактер не е пропис, туку преземено дејствие за реализација на постапката за избор на судии во наведените основни судови. Со оглед на тоа што огласите не претставуваат прописи подобни за уставно-судска оценка, Судот оцени дека не е надлежен да ја оценува уставноста и законитоста на огласите, односно дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата. Во однос на евентуално можните незаконитости при огласувањето и изборот на судиите, Уставниот суд, исто така, не е надлежен да врши уставно-судска оцена, а таква соодветна судска заштита е обезбедена преку можноста од поведување на управно-судски спор.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Наташа Габер – Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 204/2009
18 ноември 2009 година
Скопје
тјт

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски