65/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 ноември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 346 став 2 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точка 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, законскиот исклучок утврден во член 346 став 2 од Законот за трговските друштва, според кој извршен член на одборот на директори и член на управниот одбор не можел да биде избран за извршен член на одбор на директори, односно за член на управен одбор во други акционерски друштва со седиште во Република Македонија, освен во банки, во друштва за осигурување и во други друштва ако тоа било определено со закон, немал уставно оправдување и со него се создавала нееднаквост во слободите и правата на граѓаните на Република Македонија, со што се повредувале член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 23, член 51 и член 54 став 1 од Уставот. Исто така, оспорениот законски дел бил непрецизен, затоа што не се знаело за кои друштва овој исклучок се однесува и со кои други закони тоа било определено, со што се создавала и правна несигурност на граѓаните на Република Македонија.

Според член 362 став 4 од наведениот закон, ако член на органот на управување грубо ја повредел својата должност да постапува со внимание на уреден и совесен трговец, барање за надомест на штета можеле да поднесат и доверителите на друштвото ако своите побарувања не можат да ги намират од друштвото. Пред се, не било определено во овој закон што се подразбирало под груба повреда на својата должност, а терминот груба повреда не бил определен ниту во Законот за облигационите односи. Поради тоа, со оспорениот збор „грубо“ се создавала правна несигурност и оваа одредба била неспроведлива во пракса, поради што се повредувал член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

Според член 363 став 2 од Законот, извршен член на одборот на директори можело да биде отповикан од страна на одборот на директори во кое било време, со или без образложение. Исто така, и според став 4 на истиот член, надзорниот одбор можел во кое било време, со или без образложение, да ги отповика сите членови на управниот одбор, односно негов член. Според подносителот на иницијативата, оспорените делови од овој член биле неодржливи од уставно-правен аспект, затоа што Република Македонија работела во мирновремени услови и не било прифатливо да се донесуваат така важни одлуки во кое било време и без никакво образложение. Со тоа се создавал хаос и правна несигурност, без право на правен лек, со што се повредувал член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 50 став 2 и член 51 од Уставот и Амандманот XXI на Уставот.

Согласно член 365 став 7 од Законот, друштвото не можело да дава кредит на член на органот на управување, на член на надзорниот одбор, односно на управител и на членови на нивните потесни семејства, ниту на член на орган на управување, на надзорен одбор, односно на управителот на зависно друштво или на член на неговото потесно семејство. Според член 2 став 1 од Законот за семејството, семејство било животна заедница на родители и деца и други роднини, ако живеат во заедничко домаќинство. Значи, немало поделба на потесно и пошироко семејство. Според тоа, оспорените делови на член 365 став 7 од Законот за трговските друштва не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 40 и член 51 од Уставот

При одлучување по ова прашање, подносителот на иницијативата предлага да се има предвид Одлуката на Уставниот суд, У. бр. 54/2008 од 17.09.2008 година, со која е укинат членот 21 став 1 алинеја 10 во делот: „потесно“ од Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 346 став 2 од Законот за трговските друштва, извршен член на одборот на директори и член на управниот одбор не може да биде избран за извршен член на одбор на директори, односно за член на управен одбор во други акционерски друштва со седиште во Република Македонија, освен во банки, во друштва за осигурување и во други друштва ако тоа е определено со закон.

Според член 362 став 4 на истиот закон, ако член на органот на управување грубо ја повреди својата должност да постапува со внимание на уреден и совесен трговец, барање за надомест на штета можат да поднесат и доверителите на друштвото ако своите побарувања не можат да ги намират од друштвото.

Согласно член 363 став 2 од овој закон, извршен член на одборот на директорите може да биде отповикан од страна на одборот на директорите во кое било време, со или без образложение. На отповиканиот извршен член му мирува својството на член во одборот на директорите до наредното собрание на коешто ќе се одлучи дали ќе биде отповикан пред истекот на мандатот за којшто е избран. Според став 4 на истиот член, надзорниот одбор може во кое било време, со или без образложение, да ги отповика сите членови на управниот одбор, односно негов член.

Според член 365 став 7 од овој закон, друштвото не може да дава кредит на член на органот на управување, на член на надзорниот одбор, односно на управител и на членови на нивните потесни семејства ниту на член на орган на управување, на надзорен одбор, односно на управителот на зависно друштво или на член на неговото потесно семејство. Под забраната не се опфатени обврските кои друштвото ги презело со договорот од членот 350 на овој закон ако одлуката ја потврди собранието со две третини од акциите со право на глас, претставени на собранието.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Согласно член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Оспорените одредби од Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр. 28/2004, 84/2005, 25/2007 и 87/2008) се систематизирани во Одделот 6 од Законот, насловен како „Органи на друштвото“, во Пододделот 1, Заеднички одредби, со кои, покрај другото, се уредуваат прашањата во однос на системите на управување со друштвата, условите за избор на членовите на органите на управување, односно на надзорниот одбор, органите што го вршат изборот, мандатот на избраните членови, а со оспорениот член 346, се утврдуваат ограничувањата за избор на членови во одборот на директори, односно во надзорниот одбор.

Законодавецот во член 346 став 2 од Законот се определил дека извршен член на одборот на директори и член на управниот одбор не може да биде избран за извршен член на одбор на директори, односно за член на управен одбор во други акционерски друштва со седиште во Република Македонија, меѓутоа, определил исклучок од ова генерално правило, така што дадената забрана нема да се однесува на тоа лице да биде избрано за извршен член на одбор на директори или управен одбор во банки, во друштва за осигурување и во други друштва ако тоа е определено со закон. Тоа значи дека законодавецот таксативно, со овој закон, исклучокот го утврдил за органите на банките и друштвата за осигурување, но оставил со друг закон да бидат определени и други друштва на кои може да се однесува дадениот исклучок, се разбира доколку законодавецот, во зависност од видот на дејноста на друштвото, оцени дека таквиот исклучок е оправдан.

Судот, според тоа, оцени дека законодавецот има уставно утврдено право да ги утврдува условите за избор на лица во органите на управување и органите на надзор во трговските друштва, во која смисла и да утврдува одредени исклучоци од начелните правила и услови за избор на овие лица во друштва определени со закон, поради што Судот не го прифати тврдењето во иницијативата дека тоа значело создавање нееднаквост во слободите и правата на граѓаните, ниту пак ги прифати наводите во иницијативата дека оспорениот дел од одредбата бил непрецизен и не се знаело на кои трговски друштва ќе се однесува, што создавало правна несигурност кај граѓаните, поради што не го постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со член 8 став алинеја 3, член 9, член 23, член 51 и член 54 став 1 од Уставот.

Со членот 362 од Законот се уредува прашањето на одговорност за штета што членовите на органот на управување ќе ја причинат на друштвото ако не работат и постапуваат со внимание на уреден и совесен трговец, при што се утврдуваат случаите кога членовите на органот на управување нема да се сметаат за одговорни (став 1), како и се утврдуваат случаите кога членовите на органот на управување особено ќе се сметаат за одговорни за штета (став 2). Според став 3 на овој член, право да бараат надомест на штета во ваквите случаи имаат акционерите, а според оспорениот став 4 од овој член, право на надомест на штета можат да поднесат и доверителите на друштвото ако своите побарувања не можат да ги намират од друштвото, а тие се последица на тоа што член на органот на управување на друштвото грубо ја повредил својата обврска да постапува со внимание на уреден и совесен трговец.

Законодавецот, со наведената регулатива, им дава можност на доверителите на друштвото да се заштитат од дејствија кој ги преземал член на органот на управување на друштвото, со кои се загрозува капиталот и се намалува вредноста на друштвото, како последица на што, тие се оневозможени да ги остварат своите побарувања. Постапката за остварување на надомест на штета се води пред надлежен суд, кој во секоја конкретна ситуација цени дали членот на органот на управување грубо ја повредил својата обврска да постапува со внимание на уреден и совесен трговец, што довело до неможност да се намират побарувањата на доверителите, поради што Судот не ги прифати наводите во иницијативата дека со оспорениот збор „грубо“ се создавала правна несигурност и дека оваа одредба била неспроведлива во практика. Тргнувајќи од наведеното, Судот не го постави прашањето за согласноста на член 362 став 4 во делот:„грубо“ од Законот со член 8 став алинеја 3 и член 51 од Уставот.

Во одговор на прашањето покренато со иницијативата за тоа дали оспореното законско решение според кое во кое било време, со или без образложение, можат да бидат отповикани извршен член на одборот на директорите, односно член на управниот одбор или сите членови на управниот одбор, од причини што во мирновремени услови во кои работела Република Македонија не било прифатливо донесување на така важни одлуки во кое било време и без образложение, Судот имаше предвид дека согласно член 344 став 1 од Законот, членовите на одборот на директори ги избира собранието со мнозинство гласови од акциите со право на глас од кворумот определен за работа на собранието со овој закон, освен ако со статутот не е определено повисоко мнозинство, на начин и според условите определени со статутот. Според оспорениот член 363 став 2 од Законот, извршен член на одборот на директорите може да биде отповикан од страна на одборот на директорите во кое било време, со или без образложение, при што на отповиканиот извршен член му мирува својството на член во одборот на директорите до наредното собрание на коешто ќе се одлучи дали ќе биде отповикан пред истекот на мандатот за којшто е избран. Тоа значи дека одлуката за евентуалното отповикување и престанок на функцијата извршен член на одборот на директори пред истекот на мандатот за кој е избран, ќе ја донесе собранието на акционери, на првото наредно собрание, како единствено надлежен орган за избор и разрешување на членови на одборот на директори. Согласно став 5 на истиот член, извршниот член на одборот на директори кој е отповикан има право да бара надомест на штета ако така е определено со договорот од членот 350 на овој закон, со кој се уредени правата и обврските на извршните членови на одборот на директори.

Според член 366 од Законот, членовите на одборот на директори и членовите на управниот одбор, имаат посебен статус, поради што на истите не се однесуваат одредбите од колективните договори, како и одредбите од Законот за работните односи што се однесуваат на засновањето и на престанувањето на работниот однос, на дисциплинската одговорност, на платата, на надоместоците и на заштитата на правата на работниците. Овие права тие ги остваруваат на начин и под услови утврдени со договорот од член 350 на овој закон.

Според Судот, посебните права и обврски на членовите на одборот на директори, кои поради својата природа и значење за работата на друштвото, подлежат на склучување на посебен договор (менаџерски договор) со кој се уредуваат нивните права и обврски, во согласност со овој закон, упатуваат на целисходноста на оспореното законско решение, кое е во функција на заштита на друштвото, неговото работење, капитал и сопственост кои можат да бидат загрозени со несоодветно постапување на одреден член на одборот на директори, но притоа водејќи сметка и за правата и интересите на поединецот. Токму заштитата на овие вредности е основ за спроведување на оспорената постапка за отповикување, при што последниот збор за тоа дали се исполнети условите за разрешување на членот пред истекот на мандатот, независно дали отповикувањето од страна на одборот на директори било образложено или не, го има собранието на акционери, кое и го избрало членот на одборот на директори. Законот ја пропишува постапката за регулирање на ова прашање, така што Судот не ги прифати наводите во иницијативата дека со наведената регулатива се создавал хаос и правна несигурност на луѓето.

Според Судот, во иста насока треба да се разгледува и цени и оспореното законско решение според кое член на управниот одбор или целиот управен одбор, во кое било време, со или без образложение, да биде отповикан од страна на надзорниот орган. Надзорниот орган, и во овој случај, е надлежен орган за избор (член 374 став 3) и разрешување на членовите на управниот одбор. Во оваа смисла, законодавецот пропишал дека надзорниот одбор на истата седница на која го отповикува членот на управниот одбор или целиот управен одбор, избира нови членови на управниот одбор, односно нов член на местото на отповиканите, при што одлуката за отповикување влегува во сила од денот на донесувањето. Притоа, треба да се има предвид дека во надлежност на надзорниот одбор е да врши надзор врз управувањето со друштвото што го врши управниот одбор (член 380 став 1). Надзорниот одбор може да врши увид и да ги проверува книгите и документите на друштвото, како и имотот, особено благајната на друштвото и хартиите од вредност и стока. Надзорниот одбор за вршење одделни стручни работи од надзорот може да задолжи одделни членови на одборот, овластениот ревизор или стручни лица (член 380 став 2). Освен тоа, треба да се има предвид дека посебните права и обврски на членовите на управниот одбор, исто како и на членовите на одборот на директори, подразбираат склучување посебен договор (менаџерски договор) со кој се уредуваат нивните права и обврски. Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека оспореното законско решение според кое член на управниот одбор или целиот управен одбор да може да биде отповикан од страна на надзорниот одбор, во кое било време, со или без образложение, е во насока на заштита на интересите на друштвото и истото треба да се разгледува и цени во однос на целината на Законот, поради што не ги прифати наводите во иницијативата дека ваквата регулатива значела повреда на начелото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите и дека создавала хаос и правна несигурност на засегнатите лица.

Поради напред наведеното, Судот не го постави прашањето за согласноста на член 363 став 2 во деловите:„во кое било време“ и „или без“ од Законот со член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 50 став 2 и член 51 од Уставот.

Согласно член 40 став 1 од Уставот, Републиката му обезбедува посебна грижа и заштита на семејството. Правните односи во бракот, семејството и вонбрачната заедница се уредуваат со закон (став 2). Родителите имаат право и должност да се грижат за издржување и воспитување на децата. Децата се должни да се грижат за старите и изнемоштени родители (став 3).

Тргнувајќи од содржината на членот 40 од Уставот, произлегува дека Републиката обезбедува посебна заштита на семејството при што остава правните односи во семејството, бракот и вонбрачната заедница да се уредат со закон, со тоа што Уставот не содржи дефиниција на поимот семејство, туку дефинирањето и уредувањето на односите, правата и обврските во семејството е оставено да се уреди со посебни закони.

Законодавецот, во повеќе закони дава различна дефиниција на семејството, според потребите на секој од тие закони ( Закон за работните осноси, Закон за семејството, Закон за социјалната заштита, Закон за заштита на децата, Закон за здравственото осигурување), а дефинициите се разликуваат во зависност од предметот на уредување, обемот на правата и обврските на граѓаните што се уредуваат во одделни области и секако, од економските можности на Републиката за остварување на правата на граѓаните.

Во Законот за трговските друштва (член 365 став 7), законодавецот утврдува забрана друштвото да дава кредит на член на органот на управување, член на надзорниот одбор, односно на управител и на членови на нивните потесни семејства. Тоа значи дека законодавецот го уредил прашањето за доделување кредит од средствата на друштвото на рестриктивен начин, односно од наведеното право ги исклучил членовите на органот на управување, на надзорниот одбор, односно на управителот, но ги исклучил и членовите на нивните потесни семејства. Според Судот, определбата на законодавецот од наведеното право да ги исклучи членовите на потесното семејство, има појаснувачки карактер за потребите на овој закон, така што во ситуација кога Уставот воопшто не се занимава со дефинирање на семејството, но ги утврдува правата и должностите на родителите и децата, произлегува дека подносителот на иницијативата неосновано го поставува прашањето за согласноста на оспорениот дел од одредбата со член 8 став 1 алинеја 3, член 40 и член 51 од Уставот.

Фактот што се наведува во иницијативата дека и Законот за семејството не правел поделба на потесно и пошироко семејство не е од значење за уставноста на оспорената одредба, затоа што Уставниот суд нема надлежност да ја цени меѓусебната усогласеност на два закона.

Судот, исто така, оцени дека подносителот на иницијативата сосема несоодветно и погрешно упатува при оценувањето на оспорените одредби од член 365 став 7 од Законот, Уставниот суд да ја има предвид Одлуката У.бр. 54/2008, затоа што со наведената одлука Судот укинал одредба од колективен договор поради тоа што со колективен договор не можат да се уредуваат помали права од законски утврдените во правниот систем, а во сега оспорениот случај станува збор за законско решение со кое изворно се утврдуваат одредени права и кое се цени единствено во однос на Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Гзиме Старова, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.65/2009
18 ноември 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски