Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 18 ноември 2009 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 8 став 5, член 58 став 1 и став 2 алинеја 3 и член 63 точка д) во делот
2. Стамен Филипов, од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот, означен во точка 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата, овластувањето на Владата на Република Македонија, да го пропишува мандатот на членовите на Советот за концесија/јавно приватно партнерство и висината на надоместокот за нивната работа, пропишано во членот 8 став 5 од Законот за концесии и други видови на јавно приватно партнерство, значело навлегување на извршната во законодавната власт и со тоа се отстапувало од општиот принцип на поделбата на власта на законодавна, извршна и судска. Од тие причини подносителот смета дека оваа оспорена одредба е во спротивност со уставните принципи содржани во член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија.
Понатаму, подносителот наведува дека со оспорениот член 58 став 1 од Законот, се излегувало надвор од рамките на односот казниво дело и судски изречената казна за неговиот сторител, на начин што со закон и надвор од евентуално изречена судска казна се определувале и други последици за определни граѓани, кое нешто не било во согласност со членот 8 став 1 алинеи 3 и 4, членот 11 став 1, членот 13 став 1, членот 14 став 1, членот 25, членот 51 и членот 54 ставовите 1 и 2 од Уставот.
Подносителот, смета дека и со оспорените законски одредби од член 58 став 2 алинеја 3, според кој концедентот задолжително ќе го исклучи кандидатот или понудувачот кој не ги исполнил обврските за плаќање на даноци, придонеси и други јавни давачки во согласност со прописите на државата во која е основан и членот 63 точка д) во делот “и за платени даноци и други јавни давачки од страна на надлежен орган во државата на потекло”, биле пропишани ограничувачки услови кое значело пречекорување на дозволениот праг и излегување надвор од соодветните уставни и законски механизми, кое водело до состојба исполнувањето на обврските на лицето во еден статус да влијае на остварувањето на неговите права во друг статус, како и до намалување на обемот на правото на работа и достапноста на секое работно место секому под еднакви услови, поради што смета дека и со овие оспорени одредби од Законот, се повредувал членот 8 став 1 алинеја 3, членот 32 ставовите 1 и 2, членот 51 и членот 54 ставовите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека со Законот за концесии и други видови на јавно приватно партнерство, се уредуваат условите, начинот и постапката за доделување на концесија, содржината на договорот за концесија, правата и обврските на концедентот и концесионерите, правната заштита во постапката за доделување на концесијата, начинот и постапката за доделување на договори за други видови на јавно приватно партнерство, содржината на договорот за јавно приватно партнерство, правата и обврските на јавниот и приватниот партнер и правната заштита во постапката за доделување на договори за јавно приватно партнерство.
Концесија е доделување на право на користење на добро од општ интерес за Република Македонија, изведување на градба од јавен интерес или вршење на јавни услуги, со задолжување на концесионерот да изгради и/или управува, го користи и одржува објектот на концесија, со плаќање или без плаќање од страна на концедентот.
Концедент е Република Македонија, општината и градот Скопје и општините во градот Скопје.
Концесионер е домашно или странско правно или физичко лице или конзорциум на кого му е доделена концесија.
Објекти на концесија се добрата од општ интерес за Република Македонија, недвижните и подвижните ствари, постројки, инсталации и друг имот сопственост на Република Македонија или на општините, односно градот Скопје и општините во градот Скопје.
Во име на Република Македонија концесија доделува Владата на Република Македонија.
Советот на општината, односно на градот Скопје и на општините во градот Скопје го овластува градоначалникот да го застапува во постапката за доделување концесија и при склучувањето и извршувањето на договорот за концесија.
Други видови на јавно приватно партнерство се сите потфати, различни од концесија и јавни набавки, за соработка во рамките на кои јавниот и приватниот партнер ги здружуваат ресурсите и стручните знаењa за да низ соодветно насочување на ресурсите, ризикот и добивката се обезбеди вршењето на одредена јавна услуга (во натамошниот текст: јавно приватно партнерство).
Јавен партнер е: Република Македонија, општината и градот Скопје и општините во градот Скопје, јавните претпријатија, јавните установи, трговски друштва основани од Република Македонија, општината и градот Скопје и општините во градот Скопје и друштва врз кои државата или органите на општината и градот Скопје, имаат директно или индиректно влијание преку сопственоста над нив, односно ако поседуваат поголем дел од капиталот на друштвото, имаат, мнозинство гласови на акционерите/содружниците и именуваат повеќе од половина од членовите на управниот или надзорниот одбор, односно органите на управување на претпријатието на друштвото и други правни лица кои вршат јавни овластувања во делот на вршењето на јавните овластувања.
Приватен партнер е домашно или странско правно или физичко лице или конзорциум на кого му е доделен договор за јавно приватно партнерство.
Судот, утврди дека со членот 8 став 1 од Законот за концесии и други видови на јавно приватно партнерство, заради ефикасно креирање на политиката во областа на концесиите и јавното приватно партнерство на Владата на Република Македонија, се основа Совет за концесија/јавно приватно партнерство во состав од 11 члена, од кои еден претседател на Советот и еден заменик на претседателот на Советот. Во член 8 став 2 од Законот, определени се надлежностите на Советот, а во став 3 од истиот член, определено е дека за членови на Советот се именуваат претставници од министерствата, Секретаријатот за законодавство, двајца претставници од Заедницата на единиците на локалната самоуправа, како и двајца експерти од областа на економијата и правото, имајќи ја предвид соодветната и правичната застапеност на сите граѓани во Републиката. Во ставот 5 од истиот член е определено дека мандатот на членовите на Советот и висината на надоместокот за нивната работа ги пропишува Владата на Република Македонија.
Судот, исто така, утврди дека со Законот за концесии и други видови на јавно приватно партнерство, помеѓу другото, е уредена и постапката за доделување на концесија/јавно приватно партнерство.
Доделувањето на концесијата се врши по пат на јавен повик, кој се организира и спроведува како постапка за доделување концесија со отворен повик, со ограничен повик и со постапка за доделување на концесија врз основа на конкурентен дијалог.
Постапката за доделување концесија ја подготвува организира и спроведува комисија за спроведување на постапката за доделување концесија, формирана од страна на министерот надлежен за областа за која се доделува концесијата, односно градоначалникот на општината, градот Скопје и општините во градот Скопје.
Со членот 58 став 1 од Законот, определено е дека концедентот, задолжително ќе го исклучи кандидатот или понудувачот-правно лице или член на негов орган на управување или надзорен орган, ако со правосилана судска одлука кандидатот или понудувачот се осудени за кривичните дела корупција, измама или перење на пари, а во ставот 2 и дека концедентот задолжително ќе го исклучи кандидатот или понудувачот и кога над него е отворена постапка на стечај или ликвидација, ако му е изречена казна за кривично дело или прекршочна санкција забрана на вршење на дејност, ако понудувачот или кандидатот не ги исполнил обврските за плаќање на даноци, придонеси и други јавни давачки во согласност со прописите на државата во која е основан и ако не доставил потполна тендерска документација.
Согласно членот 63 од Законот, како доказ дека понудувачот или кандидатот ги исполнува бараните услови, потребно е да приложат соодветна документација, а конкретно согласно точката д) од истиот член, понудувачот или кандидатот за докажување на економската и финансиската состојба меѓу другото потребно е да приложат и потврда за бонитет и за платени даноци и други јавни давачки од страна на надлежен орган во државата на потекло.
Во врска со постапката за доделување на договор за јавно приватно партнесрство, како и начинот на склучувањето на договорот, соодветно се применуваат одредбите од членовите 31-77 од Законот за концесии и други видови на јавно приватно партнесрство.
Се утврди и тоа дека Република Македонија како земја кандидат за европско членство и потписник на Спогодбата за стабилизација и асоцијација помеѓу Република Македонија и Европските заедници и нејзините земји членки (“Службен весник на Република Македонија” број 28/2001), согласно членот 68 од Спогодбата, е обврзана да го хармонизира законодавството на Република Македонија со законодавството на Европската унија. Хармонизацијата на законодавството претставува приближување на решенијата на националното законодавство кон правото на Европската унија. Во рамките на Европската унија, хармонизацијата, но и унификацијата на правото, треба да овозможи остварување на единствен простор на слобода, безбедност и правда, како и единствен пазар во кој непречено се остваруваат економските и другите функции на Унијата. Во таа насока, заради постигнување на задоволително ниво на усогласеност со Европското законодавство, во содржината на текстот на Законот за концесии и други видови на јавно приватно партнерство, соодветно е имплементирана Директивата 2004/18/ЕЗ од 31 март 2004 година.
Имајќи ја во предвид цитираната Директива, законодавецот ја уредил постапката за доделување на концесии и договор за јавно приватно партнерство на начин што ги транспонирал одредбите од Директивата што се однесуваат за потребната документација и условите кои треба да ги исполнат понудувачите или кандидатите при спроведување на постапката за концесија/јавно приватно партнерство.
4. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, претставуваат едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува уставот и законите.
Согласно член 68 став 1 алинеја 2, Собранието на Република Македонија, донесува закони и дава автентично толкување на законите.
Согласно член 88 од Уставот, Владат на Република Македонија е носител на извршната власт и своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Согласно член 91 алинеи 1, 5, 13 и 14 од Уставот, покрај другото, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување; донесува уредби и други прописи за извршување на законите; врши именувања и разрешувања на носители на јавни и други функции утврдени со Уставот и со закон и врши други работи утврдени со Уставот и со закон.
Со членот 1 од Законот за концесии и други видови на јавно приватно партнерство, се уредуваат условите, начинот и постапката за доделување на концесија, содржината на договорот за концесија, правата и обврските на концедентот и концесионерите, правната заштита во постапката за доделување на концесијата, начинот и постапката за доделување на договори за други видови на јавно приватно партнерство, содржината на договорот за јавно приватно партнерство, правата и обврските на јавниот и приватниот партнер и правната заштита во постапката за доделување на договори за јавно приватно партнерство.
Согласно член 8 став 1 од истиот закон, заради ефикасно креирање на политиката во областа на концесиите и јавното приватно партнерство на Владата на Република Македонија, се основа Совет за концесија/јавно приватно партнерство во состав од 11 члена, од кои еден претседател на Советот и еден заменик претседател на Советот.
Согласно член 8 став 2 од овој закон, Советот ги проучува прашањата на политиката на водење на проектите од областа на концесиите и јавното приватно партнерство и проблемите кои настануваат од несоодветна и недоволна уреденост на материјата од областа на концесиите/јавно приватно партнерство, како и на изготвување на предлози, мислења и иницијативи кои ќе бидат основа за изработка на Стратегија за реализација на проекти поврзани со концесиите/јавните приватни партнерства.
Во членот 8 став 3 од Законот, е определено дека за членови на Советот се именуваат претставници од Министерството за економија, Министерството за финансии, Министерството за транспорт и врски, Министерството за здравство, Министерството за образование и наука, Министерството за животна средина и просторно планирање и Секретаријатот за законодавство, двајца претставници од Заедницата на единиците на локалната самоуправа, како и двајца експерти од областа на економијата и правото, имајќи ја предвид соодветната и правичната застапеност на сите граѓани во Републиката.
Во ставот 5 од истиот член од Законот, е определено дека мандатот на членовите на Советот и висината на надоместокот за нивната работа ги пропишува Владата на Република Македонија.
Имајќи ги предвид уставните одредби, се утврди дека со Уставот и законите се дефинирани рамките на надлежностите на Владата како носител на извршната власт.
Од анализата на содржината на оспорената одредба од аспект на наводите содржани во иницијативата, се утврди дека овластувањето дадено со закон, Владата да го пропише времетраењето на мандатот на членовите на Советот и висината на надоместокот за нивната работа, не значи излегување надвор од уставно и законски утврдените рамки на правата и должностите на Владата, а со тоа директно навлегување односно мешање на извршната во законодавната власт и нарушување на уставниот принцип на поделбата на власта. Ова од причини што, со закон е основан Советот како помошно тело во спроведување на политиката на извршната власт во областа на концесиите/јавно приватно партнерство, со закон се утврдени надлежностите на Советот кој со своите активности ќе дава придонес во ефикасно креирање на политиката во областа на концесиите/јавно приватно партнерство на Владата на Република Македонија, со закон е утврден бројот на претставниците-членови на Советот кои се именуваат од органите на државната власт, единиците на локалната самоуправа како и експерти од областа на економијата и правото, имајќи ја предвид соодветната и правичната застапеност на сите граѓани во Републиката, но само законодавецот препуштил, Владата на Република Македонија, да го пропише времетрењето на мандатот на членовите на Советот и висината на надоместокот за нивната работа.
Имајќи го предвид наведеното, Судот утврди дека даденото овластување на Владата на Република Македонија со овој закон, не претставува мешање на извршната во законодавната власт. Ова од причини што во Законот постои доволно објективна рамка утврдена во ставовите 2 и 3 од членот 8 од Законот, за да Владата тргне од одредени претпоставки при пропишувањето на мандатот и висината на надоместокот за работата на членовите во Советот. Имено, тргнувајќи од околноста за својството на Советот како помошно тело во спроведувањето на политиката на извршната власт, утврдената надлежност како и видот и обемот на работите кои ќе ги извршуваат членовите на Советот, Судот утврди дека се исполнети одредени претпоставки Владата да може да ја определи висината на надоместокот за работата на членовите. Тоа воедно значи дека Владата на Република Македонија при определувањето на висината на надоместокот треба да води сметка, висината на надоместокот, да биде утврден на начин соодветно на утврдените надлежности на Советот. Со закон утврдените надлежности, всушност претставуваат со закон утврдени критериуми. Имено, законодавецот кога ги пропишал со закон надлежностите создал законска основа на така утврдените законски обврски да има и права на извршителите на тие обврски во кои спаѓа и правото на надоместок. Оттука, Судот утврди дека во конкретниот случај, не станува збор на слободно препуштено право на уредување со друг акт надвор од законот, туку станува збор за право на надомест заради извршување на надлежности утврдени со закон, што значи работните обврски и правото на соодветна заработувачка, загарантирана во членот 32 став 3 од Уставот, наоѓа целосна примена во оспорената одредба. Што се однесува до овластувањето Владата да го пропише времетраењето на мандатот на членовите на Советот и во овој случај не значи дека со даденото овластување основот за именување ќе произлезе од актот на Владата, бидејќи основот за именување произлегува од ставот 3 од членот 8 од Законот каде е пропишано дека за членови на Советот се именуваат претставници од точно определени органи и останати експерти, а на Владата е препуштено само поименично да изврши наименување на определените претставници со Законот, што значи со Законот е извршено именување, а Владата во овој случај го спроведува определеното со Законот.
Со оглед на изнесеното, овој суд оцени дека неосновани се наводите во иницијативата дека со даденото законско овластување на Владата на Република Македонија, да ги пропише мандатот на членовите на Советот и висината на надоместокот за нивната работа, се доведува во прашање начелото на поделба на власта.
5. Според членот 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според членот 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а согласно член 14 став 1 од Уставот никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.
Според член 32 ставовите 1 и 2 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност и на секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.
Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Според член 58 став 1 од Законот за концесии и други видови на јавно приватно партнерство, концедентот задолжително ќе го исклучи кандидатот или понудувачот-правно лице или член на негов орган на управување или надзорен орган, кои со правосилна судска одлука се осудени за кривичните дела корупција, измама и перење на пари. Според ставот 2 алинеја 3 од истиот член, концедентот задолжително ќе го исклучи кандидатот или понудувачот и кога не ги исполнил обврските за плаќање на даноци, придонеси и други јавни давачки во согласност со прописите на државата во која е основан, а според членот 63 точка д) од наведениот закон, доказот за финансиската и економската состојба ќе се прифати во еден или повеќе облици меѓу кои потврда за бонитет и за платени даноци и други јавни давачки од страна на надлежен орган во државата на потекло.
Поаѓајќи од изнесените уставни и законски норми, во оцената на уставноста на оспорената одредба од членот 58 став 1 од Законот за концесии и други видови на јавно приватно партнерство, Судот утврди дека исклучувањето на кандидатот или понудувачот-правно лице или член на негов орган на управување или надзорен орган од постапката, не претставува правна последица од осуда туку инструмент за заштита на концедентот во конкретно правна работа од субјекти кои на кој и да е начин поради осуда во врска со наведените кривични дела, го осуетиле својот личен професионален кредибилитет за учество во овој вид на правни работи. Имено, право е на законодавецот со закон да пропише извесни критериуми во Законот, заради обезбедување и заштита на општиот интерес за Република Македонија од доделување на договори за концесија/јавно приватно партнерство, на понудувачи или кандидати, недостојни да се јават во улога на концесионер или приватен партнер. Ова дотолку повеќе ако се има во предвид дека договорот за концесија е договор од финансиски интерес склучен помеѓу концедентот и концесионерот којшто за предмет има користење на добро од општ интерес на Република Македонија, изведување на градба од јавен интерес или вршење на јавни услуги, како и тоа дека договорот за јавно приватно партнерство е договор од финансиски интерес, склучен меѓу јавен и приватен партнер којшто за предмет има проектирање (дизајнирање), финансирање, изградба и одржување на инфраструктурни објекти, опремување и/или давање на услуги од страна на приватен партнер со цел за вршење на одредена јавна услуга.
Со членот 58 став 2 алинеја 3 од Законот, определено е дека кандидатот или понудувачот кој не ги исполнил обврските за плаќање на даноци, придонеси и други јавни давачки во согласност со прописите на државата во која е основан, ќе биде исклучен од постапката за доделување на концесија/јавно приватно партнерство, а согласно членот 63 точка д) во делот: “и за платени даноци и други јавни давачки од страна на надлежен орган во државата на потекло”, како доказ дека кандидатот или понудувачот ги исполнил овие обврски, покрај другото, треба да приложи потврда за платени даноци и други јавни давачки од страна на надлежен орган во државата на потекло.
Подносителот, во овој случај смета дека со овие оспорени одредби, биле пропишани ограничувачки услови кои значеле пречекорување на дозволениот праг и излегување надвор од соодветните уставни и законски механизми и кои воделе до состојба исполнувањето на обврските на лицето во еден статус да влијае на остварувањето на неговите права во друг статус, како и до намалување на обемот на правото на работа и достапноста на секое работно место секому под еднакви услови, но Судот утврди дека ваквите наводи се неосновани.
Имено, условувањето за исклучување од постапката на понудувачот (домашно или странско правно или физичко лице или конзорциум кое доставило понуда за учество во постапка за доделување на концесија) или кандидатот (домашно или странско правно или физичко лице или конзорциум кое поднело барање за учество во првата фаза од постапката за ограничен повик или во постапката за конкурентен дијалог), со неисполнување на обврската за платени даноци и други јавни давачки од страна на надлежен орган во државата на потекло, е во функција на заштита и гаранција за непречено и квалитетно остварување на договорот за концесија/јавно приватно партнесрство, а не ограничувачки услов, односно излегување надвор од соодветните уставни и законски механизми, кое водело до состојба исполнувањето на обврските на лицето во еден статус да влијае на остварувањето на неговите права во друг статус, бидејќи во овој вид на правни работи, не станува збор за остварување на општо право, туку на конкретено право во конкретна правна работа во зависност од конкретно здоговорени обврски, што значи дека станува збор за работни услови во рамки на договор за работен однос (ангажман). Тоа не значи дека се пропишува општо ограничување на права од работен однос, туку се однесува за рамки на востановени конкретни критериуми за конкретни работни дејствија (вршење на концесија/јавно приватно партнерство).
Предвидувањето на овие услови од страна на законодавецот, кои кандидатот или понудувачот мора да ги задоволи во постапката за доделување на концесија/јавно приватно партнерство, Судот оцени дека не значат намалување на обемот на правото на работа и достапноста на секое работно место секому под еднакви услови, туку дека значат гаранција за непречено исполнување на договорот. Исклучувањето на кандидатот или понудувачот кој не поседува доказ-потврда за платените даноци, придонеси и други јавни давачки, и во овој случај наоѓа свое оправдување во интенцијата на законодавецот, концедентот-Република Македонија да се заштити од евентуално осуетување на исполнувањето на договорот за концесија/јавно приватно партнерство. Ова од причини што, извесна е можноста, неплатените даноци, придонеси и други јавни давачки од страна на евентуално избран концесионер/приватен партнер, да се рефлектира на нивната солвентност и во доследното исполнување на договорот, чии последици во спротивен случај би се одразиле на сите граѓани на Република Македонија, имајќи ја предвид соджината на предметот на концесиите/јавното приватно партнерство. Исто така со вака предвидените услови во оспорената одредба, Судот оцени дека не се доведува во прашање принципот на достапност на секое работно место под еднакви услови, бидејќи токму на сите оние кои еднакво ги исполнуваат бараните услови од законот, подеднакво им е достапна можноста, согласно утврдени критериуми за избор, да бидат носители на доделена концесија/јавно приватно партнерство.
Од друга страна, Република Македонија како земја кандидат за европско членство и потписник на Спогодбата за стабилизација и асоцијација помеѓу Република Македонија и Европските заедници и нејзините земји членки (“Службен весник на Република Македонија” број 28/2001), согласно членот 68 од Спогодбата, е обврзана да го хармонизира законодавството на Република Македонија со законодавството на Европската унија. Во таа насока, заради постигнување на задоволително ниво на усогласеност со Европското законодавство, во содржината на текстот на Законот за концесии и други видови на јавно приватно партнерство, соодветно е имплементирана Директивата 2004/18/ЕЗ од 31 март 2004 година.
Имено, со уредувањето на прашањата сврзани со концесиите/јавно приватно партнерство на начин уреден со овој закон, истовремено е извршено и прилагодување, односно усогласување на нашето законодавство со законодавството на Европската унија и европските стандарди на работење во оваа област, кои важеле во времето на донесување на Законот и се уште важат, а согласно обврската што произлегува од членот 68 од именуваната Спогодба за стабилизација и асоцијација. Во прилог на ваквото толкување на суштината и целите на оспорените законски одредби и на Законот воопшто, се имаше предвид и фактот дека начелата и правилата содржани во него се во согласност, односно кореспондираат со директивите на Европската унија, кои што важеле во времето кога е донесен Законот. Впрочем, наведените критериуми (задолжително исклучување на кандидат или понудувач поради осуда за сторени конкретни кривични дела, обврска за платени даноци, придонеси и други видови на јавни давачки како и бараните докази за личната, финансиската и економската состојба на кандидатот или понудувачот), се критериуми транспонирани од Директивата 2004/18/ЕЗ од 31 март 2004 година.
Согласно изнесеното, разгледувајќи ги оспорените одредби во контекст на наведеното, а притоа имајќи ја предвид и содржината на целиот Закон за концесии и други видови на јавно приватно партнерство, потоа целите, односно потребите поради кои е донесен, начелата врз кои се заснова овој закон, како и Директивата 2004/18/ЕЗ на Европскиот парламент и на Советот од 31 март 2004, Судот оцени дека во конкретниот случај не постои основ за поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот.
6. Врз основа на напред изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У. Бр. 13/2009
18 ноември 2009 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски