161/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 ноември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на законитоста на

– Одлуката за формирање на Комисија за мандатни прашања, избори и именувања бр.07-2006/1 од 8 мај 2009 година,

– Одлуката за формирање на Комисија за финансии и локален економски развој бр.07-2007/1 од 8 мај 2009 година,

– Одлуката за формирање на Комисија за статут и прописи бр.07-2008/1 од 8 мај 2009 година,

– Одлуката за формирање Комисија за комунални работи, планирање и уредување на просторот и заштита на животна средина и природа бр.07-2009/1 од 8 мај 2009 година,

– Одлуката за формирање на Комисија за јавни дејности бр.07-2010/1 од 8 мај 2009 година,

– Одлуката за формирање на Комисија за процена на штета бр.07-2011/1 од 8 мај 2009 година, и

– Одлуката за формирање на Комисија за јавна безбедност, безбедност на сообраќајот и противпожарна заштита бр.07-2012/1 од 8 мај 2009 година. (Сите објавени во „Службен гласник на општина Ново Село бр.3/2009).

2. Петар Спасов – градоначалник на општина Ново Село на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на законитоста на Одлуките означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорените одлуки биле донесени спротивно на членот 32 став 4 од Законот за локалната самоуправа според кој составот на комисиите соодветствува на пропорционалната застапеност на политичките партии во советот. Советот на општината го сочинувале 15 членови од кои 8 членови на ВМРО-ДПМНЕ и 7 членови од СДСМ. Заради непочитување на член 32 од Законот за локалната самоуправа градоначалникот донел решение за необјавување на оспорените одлуки, при што Советот на општината и покрај донесеното решение од градоначалникот ги потврдил одлуките. Градоначалникот ги објавил наведените одлуки и покренал иницијатива до Уставниот суд на Република Македонија за нивно поништување или укинување.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 32 од Законот за локалната самоуправа и член 44 од Статутот на општина Ново Село, Советот на општината на седница одржана на 8 мај 2009 година донел: Одлука за формирање на Комисија за мандатни прашања, избори и именувања; Одлука за формирање на комисија за финансии и локален економски развој; Одлука за формирање на Комисија за статут и прописи; Одлука за формирање на Комисија за комунални работи, планирање и уредување на просторот и заштита на животната средина; Одлука за формирање на Комисија за јавни дејности; Одлука за формирање на Комисија за процена на штети и Одлука за формирање на Комисија за јавна безбедност, безбедност на сообраќајот и противпожарна заштита и со истите се именуваат претседатели и членови на комисиите.

Градоначалникот на општина Ново Село на 26 мај 2009 година донел решение бр.08-2052/1 за необјавување на одлуките за формирање на комисии при Советот на општина Ново Село Советот на општината на 29 мај 2009 година донел одлуки со кои го потврдил донесувањето на Одлуките за формирање на наведените комисии. По потврдување на наведените одлуки за формирање на комисии градоначалникот на општина Ново Село донел посебни решенија за објавување на одлуките во службен гласник на општина Ново Село.

4. Според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од содржината на наведените уставни и деловнички одредби, а имајќи ја предвид содржината на оспорените одлуки, Судот оцени дека тие се поединечни односно конкретни акти за избор на членови во соодветни комисии на Советот на општина Ново Село, а не се прописи со кои на општ начин се уредуваат определени односи, односно прашања кои се однесуваат на неопределен број на субјекти во правото, што е карактеристично за секој вид на пропис.

Со оглед на тоа што оспорените акти не се прописи туку конкретни акти, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд не е надлежен да ја оценува нивната согласност со член 32 од Законот за локалната самоуправа, а кој според подносителот не бил почитуван во постапката за избор на претседател и членови на комисиите, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.161/2009
11 ноември 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски