227/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 ноември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 17 алинеи 3 и 4 и член 24 ставови 1, 2 и 4 од Законот за безбедност и здравје при работа („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2007).

2. Тодор Грков од Велес на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорените одредби од Законот за безбедност и здравје при работа, непотребно се уредувале содржини кои веќе биле предмет на уредување во други закони, законот изобилувал со несоодветно употребени поими, потоа, со оспорените одредби, кои не ни требале да бидат пропишани, се давале обврски на работодавачот при проценувањето, планирањето, подготвувањето и спроведувањето на заштитата на работниците, меѓутоа тие прашања веќе биле уредени во Законот за заштита и спасување и Законот за пожарникарство и воопшто наложените мерки со сите овие закони создавале недоумици и дилеми во практичното спроведување на обврските и нивниот надзор од надлежното министерство и Дирекцијата за заштита и спасување според различните закони. Од овие причини за оспорените одредби од Законот со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста, како несогласни со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, што се однесува на владеењето на правото и членот 125 од Уставот, која се однесува на вонредна состојба при големи природни непогоди и епидемии.

3. Судот на седницата утврди дека Законот во членот 17 алинеи 3 и 4 предвидел дека работодавачот мора да обезбеди мерки за безбедност и здравје при работа со донесување на безбедносни мерки против пожар во согласност со посебни прописи и донесување мерки за прва помош и евакуација во случај на опасност.

Со членот 24 ставови 1, 2 и 4 од Законот е предвидено:

„(1) Работодавачот е должен во секој објект земајќи го предвид технолошкиот процес, материјалите кои се користат при работа, начинот на работа, складирање на материјалите, како и големината на објектот да преземе мерки да не настане пожар, а доколку настане да се намали на најмала можна мера опасноста по безбедноста и здравјето на вработените и другите присутни лица.

(2) Во зависност од природата на процесот на работа работодавачот е должен да организира и да обезбеди евакуација, спасување и прва помош во случај на извесна ситуација која може да ја загрози нивната безбедност и здравје (елементарна непогода, пожари, екплозии, испуштање на опасни материи над дозволената граница и слично) и да ги оспособи лицата кои ќе ја спроведуваат евакуацијата и спасувањето.

(4) Работодавачот е должен да утврди план за евакуација и спасување во случај на вонредна ситуација и со него да ги запознае сите вработени и врз основа на тој план мора да се спроведат практични вежби најмалку еднаш на две години“.

4. Согласно членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Со членот 125 ставови 1 и 2 од Уставот е утврдено дека вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди и епидемии. Постоењето на вонредна состојба на територија на Република Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници.

Со оспорените одредби од членот 17 алинеи 3 и 4 од Законот за безбедност и здравје при работа е уредено дека работодавачот мора да обезбеди мерки за безбедност и здравје при работа, меѓу другото, особено со донесување на безбедносни мерки против пожар во согласност со посебни прописи и донесување мерки за прва помош и евакуација во случај на опасност.

Според Судот, тргнувајќи од наведените уставни одредби, а имајќи ја предвид содржината на оспорените одредби од членот 17 алинеи 3 и 4 од Законот, не произлегуваат елементи за нивно уставно проблематизирање, со оглед дека со Законот се определени обврски за работодавачот, согласно посебните прописи, да ги обезбеди мерките кои се наведени, како индивидуален и колективен интерес за вработените, работната и животната средина, заради остварување и реализација на безбедност и здравје при работата, што е предмет на уредување со овој закон и право на законодавецот е да ја оцени целисходноста на законското уредување на овие прашања на начин како што смета дека ќе ги оствари целите на предметното уредување.

Со оспорените одредби од членот 24 ставови 1, 2 и 4 од Законот, се утврдени други обврски на работодавачот, во доменот на заштитата од пожар, евакуација и спасување, како должности на работодавачот кои законодавецот оценил дека треба со закон да бидат утврдени посебно во областа на безбедноста и здравјето при работа, како превентивни мерки против професионалните ризици, отстранување на ризичните фактори за несреќа, планирање и преземање на мерки за заштита во објектите и во процесот на работењето со материјалите и средствата за складирање или превоз, обезбедување, евакуација и спасување во случај на извесни ситуации и планирањето во заштитата.

Според Судот, со оваа законска определба исто така не се повредуваат уставните норми, ниту од аспект на владеењето на правото, на што се приговара во иницијативата, со оглед дека право на законодавецот е да ги уредува предметните прашања со законите на начин на кој смета дека е целисходно, а Судот не е надлежен да ја цени целисходноста и степенот на синхронизираност меѓу законите односно нивната усогласеност. Со оглед на тоа Судот утврди дека ниту за оспорените одредби од членот 24 ставови 1, 2 и 4 од Законот може да се постави прашањето на согласноста со Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.227/2009
11 ноември 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски