136/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 4 ноември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на

– Одлуката за подигање спомен обележје на Крсте Петков Мисирков, бр. 07-987/5 од 16.05.2007 година („Службен гласник на Општина Центар“ бр. 5/2007),
– Одлуката за подигање спомен обележје на македонскиот ајдутски арамбаша Карпош, бр. 07-987/7 од 16.05.2007 година („Службен гласник на Општина Центар“ бр. 5/2007),
– Одлуката за подигање спомен обележје на Никола Карев, бр. 07-2574/2 од 18.12.2007 година („Службен гласник на Општина Центар“ бр. 14/2007),
– Одлуката за подигање спомен обележје на Гоце Делчев и Даме Груев, бр. 07-2574/4 од 18.12.2007 година („Службен гласник на Општина Центар“ бр. 14/2007),
– Одлуката за подигање спомен обележје на загинати припадници на МВР, бр. 07-2575/2 од 20.12.2007 година („Службен гласник на Општина Центар“ бр. 14/2007),
– Одлуката за подигање спомен обележје на Цар Самоил, бр. 07-648/4 од 14.03.2008 година („Службен гласник на Општина Центар“ бр. 3/2008),
– Одлуката за подигање спомен обележје на Методија Андонов Ченто, бр. 07-648/6 од 14.03.2008 година („Службен гласник на Општина Центар“ бр. 3/2008),
– Одлуката за подигање спомен обележје на Гемиџиите, бр. 07-1681/9 од 27.06.2008 година („Службен гласник на Општина Центар“ бр. 6/2008),
– Одлуката за подигање спомен обележје на македонскиот ајдутски водач Карпош, бр. 07-1681/11 од 27.06.2008 година („Службен гласник на Општина Центар“ бр. 6/2008),
– Одлуката за подигање спомен обележје на Царот Јустинијан I, бр. 07-1768/6 од 09.07.2008 година („Службен гласник на Општина Центар“ бр. 7/2008),
– Одлуката за подигање спомен обележје – скулптура на Воин, бр. 07-1768/8 од 09.07.2008 година („Службен гласник на Општина Центар“ бр. 7/2008),
– Одлуката за подигање спомен обележје – скулптура на Св. Кирил и Методиј, бр. 07-2162/20 од 29.08.2008 година („Службен гласник на Општина Центар“ бр. 8/2008),
– Одлуката за подигање спомен обележје – скулптура на Св. Климент и Наум Охридски, бр. 07-2162/22 од 29.08.2008 година („Службен гласник на Општина Центар“ бр. 8/2008),
– Одлуката за подигање спомен обележје на Македонските бранители, бр. 07-2162/24 од 29.08.2008 година („Службен гласник на Општина Центар“ бр. 8/2008),
– Одлуката за подигање спомен обележје на Паднатите херои за Македонија, бр. 07-2766/5 од 06.11.2008 година („Службен гласник на Општина Центар“ бр. 10/2008),
– Одлуката за подигање спомен обележје на основачите на Македонската Револуционерна Организација, бр. 07-2766/7 од 06.11.2008 година („Службен гласник на Општина Центар“ бр. 10/2008),
– Одлуката за подигање спомен обележје на Првото заседание на АСНОМ, бр. 07-2766/9 од 06.11.2008 година („Службен гласник на Општина Центар“ бр. 10/2008),
– Одлуката за подигање спомен обележје на Тарас Шевченко, бр. 07-2766/11 од 06.11.2008 година („Службен гласник на Општина Центар“ бр. 10/2008),
– Одлуката за отпочнување постапка за подигање споменик на Александар Македонски на Плоштад Македонија, бр. 07-2450/2 од 30.11.2006 година („Службен гласник на Општина Центар“ бр. 10/2006)

2. Проф. д-р Мирјана Најчевска, Стамен Филипов и Сашко Тодоровски, сите од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителите на иницијативата, Советот на Општина Центар ги пречекорил своите надлежности кога ги донел оспорените одлуки и со истите се повредувале член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 56 од Уставот, како и одредбите од Законот за меморијалните споменици и спомен обележја. Имено, оспорените одлуки биле донесени врз основа на член 18 ставовите 1 и 2 од Законот за меморијалните споменици и спомен обележја („Службен весник на Република Македонија“ бр. 66/2004 и 89/2008), според кои, за подигањето, чувањето, одржувањето, заштитата и користењето на спомен – обележје, советот на општините, на градот Скопје и на општините во градот Скопје донесува одлука. Советот на општините, на градот Скопје и на општините во градот Скопје именува Одбор за подигање на спомен – обележје. Меѓутоа, настаните и личностите кои се наведени во оспорените одлуки не биле од локално значење, туку напротив, тие биле од исклучително значење за Република Македонија. Законот за меморијалните споменици и спомен обележја, во членот 4 многу јасно дефинирал дека спомен – обележјата се однесувале на личности и настани од локално значење, додека во членот 3 ги дефинирал меморијалните споменици како поединечни или група објекти и монументални дела од архитектурата, скулптурата, сликарството или применетата уметност со историски и уметнички содржини и вредности што се подигале за трајно зачувување на споменот на настаните и личностите од членот 2 на овој закон, а кои биле од исклучително значење за Република Македонија (став 1). Настаните и личностите што се одбележувале со меморијален споменик требало да се од исклучително значење за развојот на државноста на Република Македонија и за нејзиниот државно правен континуитет и да се вградени во историскиот развој на земјата (став 2).

Согласно наведеното, Советот на Општина Центар не бил надлежен да ги донесе оспорените одлуки, бидејќи таа материја била во исклучива надлежност на Собранието на Република Македонија, како што било предвидено и со одредбите на член 5 став 1 и членовите 6-16 од истиот закон.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одлуки и истите да ги поништи.

Воедно се предлага, Уставниот суд да донесе и решение за времена мерка за запирање од извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорените одлуки, бидејќи со нивното извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

3. Судот на седницата утврди дека оспорените одлуки се донесени од Советот на Општина Центар, врз основа на член 18 ставовите 1 и 2 од Законот за меморијалните споменици и спомен обележја („Службен весник на Република Македонија“ бр. 66/2004 и 89/2008). Истите се објавени во „Службен гласник на Општина Центар“. Една одлука е донесена во 2006 година, пет одлуки се донесени во 2007 година и 13 одлуки се донесени во 2008 година.

Со наведените одлуки конкретно се определуваат значајни настани или истакнати личности кои се одбележуваат со подигање спомен – обележје, се утврдува конкретна локација за поставување на секое спомен обележје, се определува од кои средства ќе се врши реализацијата на спомен обележјето, како и неговото управување, чување и одржување, како и се именуваат членови во одборот за подигање на секое спомен обележје.

4. Според членот 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Поаѓајќи од правните елементи кои го определуваат прописот кој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и на неопределен број на субјекти во правото, Судот оцени дека во конкретниот случај, оспорените одлуки имаат карактер на поединечни, конкретни акти, односно немаат карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот.

Oспорените одлуки се донесени од страна на Советот на Општина Центар, врз основа на член 18 ставовите 1 и 2 од Законот за меморијалните споменици и спомен обележја, според кои, за подигањето, чувањето, одржувањето, заштитата и користењето на спомен – обележје, советот на општините, на градот Скопје и на општините во градот Скопје донесува одлука. Советот на општините, на градот Скопје и на општините во градот Скопје именува Одбор за подигање на спомен – обележје.

Со оспорените одлуки конкретно се определуваат значајни настани или истакнати личности кои се одбележуваат со подигање спомен – обележје на подрачјето на Општина Центар (скулптури, уметничко-архитектонски дела според опис и содржина што ќе ја определи одборот за подигање на секое спомен обележје), се утврдува конкретна локација за поставување на секое спомен – обележје, се определува од кои средства ќе се врши реализацијата на спомен обележјето, како и неговото управување, чување и одржување, како и се именуваат членови во одборот за подигање на секое спомен обележје и се утврдуваат задачите на одборот.

Од содржината на оспорените одлуки произлегува дека истите не содржат општи норми на однесување и со нив не се регулираат на општ начин права за неопределен број на субјекти во правото, туку станува збор за поединечни, конкретни акти, со кои врз основа на Законот за меморијалните споменици и спомен обележја, се уредуваат прашања во врска со подигање на спомен-обележја на подрачјето на Општина Центар.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека оспорените одлуки не го задоволуваат критериумот за прописи подобни за уставно-судска оцена, поради што не се исполнети условите Уставниот суд да се впушта во анализа на основаноста на наводите во иницијативата и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, иницијативата да се отфрли.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.136/2009
4 ноември 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски