Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 4 ноември 2009 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 41 став 3 од Законот за судска служба („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2008, 161/2008 и 6/2009) и член 35 став 3 од Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/2003, 17/2004, 69/2004, 81/2005, 61/2006, 36/2007, 161/2007 и 6/2009),
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 41 ставовите 1 и 2 од Законот за судска служба („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2008, 161/2008 и 6/2009).
3. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 33 и член 34 став 1 од Законот означен во точката 2 од ова решение.
4. Раде Настоски од Струга, Коле Илијев од Виница, Јаким Илиев од Кочани и Трајан Петрески од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 33, член 34 став 1 и член 41 од Законот за судска служба.
Со иницијативата на Раде Настоски од 2 октомври 2008 година се оспорува член 41 став 3 од Законот и определувањето во него: основица за пресметување на работното искуство на судските службеници да биде делот од основната плата-степенот на образованието, а не целокупната плата како што било определено за другите вработени во јавниот сектор, носителите на јавните функции и судиите. Постоењето на различна основица значело создавање на нееднаквост, ставање на судските службеници во понеповолна положба во однос на наведените други вработени и необезбедување на владеењето на правото, поради што законската одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот на Република Македонија.
Со иницијативата на истиот подносител од 26 јануари 2009 година се оспорува член 41 ставовите 1 и 2 од Законот и определувањето во нив: исто работно место различно да се вреднува во зависност од степенот на образованието на судскиот службеник. Таквата определба создавала нееднаквост, така што судскиот службеник со средно образование бил ставен во понеповолна положба во однос на оној што вршел исти работи со вишо или високо образование, и не обезбедувала владеење на правото, поради што и тие одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот.
Во иницијативата на Коле Илијев се оспорува член 41 став 3 во делот: „со која се вреднува степенот на образованието за соодветната група“ од Законот. Тој смета дека определувањето: основица за пресметување на минатиот труд на судските службеници да биде делот од основната плата-степен на образованието, а не целата плата како што било утврдено за другите вработени во судовите – вработените кои вршат технички и помошни работи, судската полиција и судиите, во другите институции и во фирмите, значело ставање на судските службеници во нерамноправна положба во однос на наведените други вработени и необезбедување на владеењето на правото, поради што оспорената законска одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот.
Во иницијативата на Јаким Илиев, исто така, се оспорува член 41 став 3 од Законот и определбата: основица за пресметување на работниот стаж на судските службеници да биде делот од основната плата-степенот на образованието, а не основната плата како што било утврдено за вработените во судовите – оние кои вршат технички и помошни работи, судската полиција (тие не биле судски службеници, за нив важеле општите правила за работен однос, основицата за работниот стаж им била основната плата, а стажот им се пресметувал за секоја наполнета година работа – член 106 од Законот за работните односи „Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008 и 161/2008 и членовите 11 и 18 од Општиот колективен договор за јавниот сектор „Службен весник на Република Македонија“ бр.10/2008 и 85/2009) и за судиите (основицата за работниот стаж им била основната плата, а стажот им се пресметувал за секоја започната година работа – член 10 став 2 од Законот за платите на судиите „Службен весник на Република Македонија“ бр.110/2007, 103/2008 и 161/2008), во јавниот сектор (основна плата, за навршена година работен стаж – член 18 од Општиот колективен договор за јавниот сектор) и во стопанството (основна плата – член 25 од Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија „Службен весник на Република Македонија“ бр.76/2006). Со тоа судските службеници биле ставени во нееднаква, понеповолна положба и не било обезбедено владеењето на правото, па законската одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот.
Со иницијативата на Трајан Петрески се оспоруваат член 33, член 34 став 1 и член 41 од Законот. Имено, членот 33 се оспорува затоа што обемот на работите кои судските службеници морале да ги извршуваат за време на штрајк (тоа се сите работи во врска со закажаните расправи и рочишта за донесување на одлуки, итните постапки и работите кои се нужни), како и давањето на дискреционо право на работодавачот да оценува кои работи по својата природа се нужни за да судските службеници мораат да ги вршат и за време на штрајк, значело сведување на правото на штрајк на голо право или право само на хартија односно оневозможување да се остварува правото на штрајк, поради што таквите законски одредби не биле во согласност со член 38 од Уставот.
Во однос на член 34 став 1 од Законот иницијаторот смета дека обврската за писмено изјаснување на судските службеници за учество во штрајк значи нарушување на достоинството на судските службеници, поради што ваквата одредба не била во согласност со основните слободи и права загарантирани со Уставот.
Во врска со член 41 од Законот иницијаторот смета дека определувањето: основица за пресметување на работниот стаж на судските службеници да биде само делот од основната плата-степенот на образованието, а не целокупната плата во која влегуваат основната плата (степенот на образованието и работното искуство), додатокот на плата за звање и додатокот на плата за кариера, со оглед дека сето тоа влијае на продуктивноста во работата, во ситуација кога така се определувало работното искуство на вработените во стопанството врз основа на членовите 105 и 106 од Законот за работните односи, значело ставање на судските службеници во дискриминирана положба во однос на вработените во стопанството во Република Македонија, нивна несоодветна заработувачка, необезбедување на владеењето на правото, поради што законската одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 32 став 3 и членовите 51 и 54 од Уставот.
5. а) Судот на седницата утврди дека во член 41 од Законот за судска служба се определува дека основната плата на судскиот службеник опфаќа: (1) степен на образование и (2) работно искуство (став 1), со тоа што образованието се вреднува од 200 до 100 бодови во зависност од тоа дали судскиот службеник има високо, вишо или средно образование (став 2), а според оспорениот став 3 од истиот член на Законот „работното искуство на судскиот службеник се вреднува во износ од 0,5% од делот на основната плата со која се вреднува степенот на образованието за соодветната група, за секоја започната година работен стаж, а најмногу до 20%.“
б) Во однос на платата и основицата за пресметување на работното искуство на другите вработени во судовите кои не се судски службеници, Судот утврди дека во член 3 ставовите 2 и 3 од Законот за судска служба се определува дека лицата кои вршат технички и помошни работи во судовите и судската полиција немаат статус на судски службеници.
Во член 105 став 3 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008 и 161/2008) се определува дека платата на работникот се состои од: основна плата, успешност во работата и додатоци на плата. Во член 106 став 3 од овој закон, пак, се определува дека, покрај другото, на основната плата се додава и додаток за работен стаж. Неговата основа и висина не е поблиску разработена во овој закон.
Во Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија, склучен меѓу Владата на Република Македонија и Конфедерацијата на слободни синдикати на Република Македонија на 16 јануари 2008 година врз основа на Законот за работните односи (Колективниот договор е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.10/2008 и 85/2009 и се однесува на правата и обврските на работниците вработени во органите на државната власт… и другите правни лица од јавниот сектор кои се финансираат од Буџетот на Република Македонија – членовите 1 и 2 од Колективниот договор), поблиску се определува основицата и висината на работниот стаж на вработените во државните органи. Така, со член 18 од Колективниот договор се утврдува дека: „Основната плата на работникот се зголемува за 0,5% за секоја навршена година работен стаж, а најмногу до 20%.“
в) Во врска со платата и основицата за пресметување на работното искуство на државните службеници, Судот утврди дека во член 34 од Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/2003, 17/2004, 69/2004, 81/2005, 61/2006, 36/2007, 161/2008 и 6/2009), кој Закон се однесува на вработените во државната управа и стручните служби на одделни органи, се определува дека платата на овие вработени се состои од: основна плата, додаток на плата за звање, додаток на плата за кариера, додаток на плата за посебни услови за работа и додаток на плата за прекувремена работа. При тоа, основната плата и на овие вработени – државни службеници, како и на судските службеници, го опфаќа односно вреднува: (1) степенот на образованието и (2) работното искуство (член 35 став 1) и тоа од 200 до 100 бодови се вреднува степенот на образованието (член 35 став 2), а „работното искуство на државниот службеник се вреднува во износ од 0,5% од делот на основната плата со која се вреднува степенот на образованието за соодветната група, за секоја започната година работен стаж, а најмногу до 20%“ (член 35 став 3).
г) Во однос на основицата за пресметување на работното искуство на носителите на јавни функции, Судот утврди дека во член 10 став 2 од Законот за платата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката („Службен весник на СРМ“ бр.36/1990 и 44/1990 и „Службен весник на Република Македонија“ бр.11/1991, 38/1991, 23/1997, 37/2005, 84/2005, 121/2007 и 161/2008) се определува дека: „Работното искуство се вреднува така што платата во месечен износ се зголемува со процентот утврден за работното искуство од 0,5% за секоја започната година работен стаж, а најмногу до 20%“.
д) Во однос на основицата за пресметување на работното искуство на судиите, Судот утврди дека во член 10 став 2 од Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Македонија“ бр.110/2007, 103/2008 и 161/2008) се определува дека: „Работното искуство се вреднува со додаток на платата од 0,5% за секоја започната година на работен стаж, а најмногу до 20%.“
ѓ) Во врска со основицата за пресметување на работното искуство на вработените во стопанството на Република Македонија, Судот утврди дека во член 25 од Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.76/2006), на кој посочува иницијаторот, „Основната плата на работникот се зголемува за 0,5% за секоја година работен стаж“.
Од изнесеното произлегува дека работното искуство (па со тоа и платата) на судските службеници, како и на државните службеници, се определува врз основа на дел од основната плата-степенот на образованието, додека на другите вработени во јавниот сектор (па и на лицата вработени на технички и помошни работи во судовите, судската полиција), работното искуство се заснова на основната плата (составена од образование и искуство), а пак кај носителите на јавните функции и судиите врз основа на целата плата.
6. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба (став 1); граѓаните пред Уставот и законите се еднакви (став 2).
Според член 32 став 5 од Уставот остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека правата на вработените, меѓу кои и правото на плата, се уредуваат со закон и со колективни договори, при што тие права мораат да бидат еднакви за граѓаните независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, со што се обезбедува темелната вредност владеењето на правото. Еднаквоста, пак, подразбира еднакви права за граѓаните кои се наоѓаат во иста положба и различни права за граѓаните кои се наоѓаат во различна положба.
Со оглед на тоа што судските службеници, од една страна, и другите вработени во јавниот сектор, меѓу кои и вработените во судовите кои вршат технички и помошни работи и судската полиција, од друга страна, се вработени кај ист работодавач и остваруваат средства од ист извор – Буџетот на Република Македонија, Судот оцени дека тие мора да имаат еднаков правен третман.
Имајќи предвид дека членот 41 став 3 од Законот определува основицата за пресметување на работното искуство на судските службеници да биде дел од основната плата-степенот на образованието, во ситуација кога на другите вработени во јавниот сектор основицата за пресметување на работното искуство е основната плата составена од образованието и искуството заедно (член 18 од Општиот колективен договор за јавниот сектор), Судот утврди дека таквата законска одредба создава нееднаквост и не го обезбедува принципот на владеењето на правото. Покрај тоа, Судот оцени дека различната должина на работното искуство различно се одразува на образованието, обезбедува различно знаење и резултати во работата, поради што работното искуство треба и различно да се вреднува.
Тргнувајќи од наведеното, пред Судот се постави прашањето за согласноста на член 41 став 3 од Законот за судска служба, со одредбите на Уставот.
7. Судот по сопствена иницијатива, исто така утврди дека членот 35 став 3 од Законот за државните службеници определува основицата за пресметување на работното искуство на државните службеници да биде дел од основната плата-степенот на образованието, со што и тие вработени се ставени во нееднаква, понеповолна положба во однос на другите вработени во јавниот сектор на кои основицата за пресметување на работното искуство им е основната плата составена од образованието и искуството заедно (член 18 од Општиот колективен договор за јавниот сектор). Поради тоа, пред Судот се постави прашањето за согласноста и за оваа законска одредба со одредбите на Уставот.
8. Судот на седницата утврди дека во член 41 став 1 од Законот за судска служба се определува дека: „Со основната плата која се исплатува на судскиот службеник се обезбедува вреднување на соодветниот степен на образование утврден со актот за систематизација за работните места, за работното место на кое тој е распореден и работното искуство“.
Според оспорениот став 2 од истиот член: „Степенот на образование утврден за соодветната група во согласност со членот 7 од овој закон се вреднува, и тоа за:
– високо образование …… 200 бодови,
– вишо образование ………150 бодови и
– средно образование …….100 бодови.“
Со оглед на тоа што со наведените законски одредби се определува судските службеници кои се во различна положба според степенот на образованието да имаат различни права по тој основ, а еднакви права по другите основи по кои судските службеници се во иста положба при вршење работи на исто работно место, Судот оцени дека таквата определба не е во несогласност со уставното начело на еднаквост и со темелната вредност владеењето на правото, поради што не го постави прашањето за оценување на нивната согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот.
9. Судот на седницата утврди дека во член 33 од Законот за судска служба се определува дека: „За време на штрајк на судските службеници, во судот се извршуваат работите во врска со закажаните расправи и рочишта, односно со јавните седници за донесување и доставување на сите одлуки во законскиот рок“ (став 1) и дека: „Во постапките за кои со закон е утврдено дека се итни, односно за работите кои според закон и според природата на работите се нужни, судот е должен да работи и за време на штрајк“ (став 2).
Судот, исто така, утврди дека со Решение У.бр.173/2008, донесено на 11 март 2009 година, Судот одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на член 33 став 1 и член 33 став 2 надвор од делот: „според природата на работите“ од Законот, затоа што оцени дека вршењето на наведените работи во услови на штрајк е во функција на организирање на непречена работа без притоа судските службеници да се спречувани да учествуваат во штрајкот, поради што не се повредува уставно загарантираното право на штрајк определено во член 38 од Уставот. Со Одлука У.бр.173/2008, донесена на 29 април 2009 година, пак, Судот одлучи да го укине член 33 став 2 во делот: „и според природата на работите“ од Законот, затоа што оцени дека непостоењето поблиска законска разработка на „природата на работите“ односно во кои случаи може да се ограничи правото на штрајк, остава простор за арбитрерност на судот при определувањето на овие работи, а тоа Уставот не го дозволува определувајќи дека со закон и со колективни договори се уредуваат условите за остварување на правото на штрајк.
7.2. Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд на Репубика Македонија ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Со оглед на тоа што членот 33 од Законот веќе беше предмет на оценување од аспектите покренати со иницијативата на Трајан Петрески при што Судот го укина членот 33 ставот 2 во делот: „и според природата на работите“ од Законот и не поведе постапка за членот 33 став 1 и членот 33 став 2 надвор од делот: „и според природата на работите“ од Законот, а сега нема основи за поинакво одлучување, Судот одлучи да ја отфрли иницијативата во овој дел.
Судот на седницата утврди дека во член 34 став 1 од Законот за судска служба се определува дека: „Заради непречено организирање на работата на судот и водење на евиденција на вработените за исплата на плата во услови на штрајк, судските службеници во судот писмено се изјаснуваат за нивното учество во штрајкот“. Притоа, Судот, исто така, утврди дека со Решението У.бр.173/2008, донесено на 11 март 2009 година, се произнел и во однос на оваа законска одредба така што одлучил да не поведе постапка образложувајќи дека писменото изјаснување на судските службеници за учество во штрајк е во функција на непречено организирање на работата на судот во услови на штрајк и исплата на платата без притоа да се спречуваат судските службеници да учествуваат во штрајкот, а не во друга функција, па ниту заради нарушување на достоинството на овие граѓани.
Со оглед на тоа што членот 34 став 1 од Законот беше предмет на оценување од аспектот покренат во иницијативата на Трајан Петрески, при што Судот не поведе постапка, а сега нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата во овој дел.
10. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.
11. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов. Решението во однос на точка 1 е донесено со мнозинство гласови.
У.бр.206/2008
4 ноември 2009 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски