131/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 4 ноември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 13 од Статутот на Здружението на тутунопроиз­водителите „Арома“ – Радовиш.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на член 13 од актот означен во точката 1 од ова решение.

3. Билјана Андонова и Анкица Цветковска, двете од Штип на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот од актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иниција­тивата, оспорениот член 13 од Статутот на Здружението на тутунопроизводители „АРОМА“ – Радовиш, бил во спротивност со член 22 од Законот за здружение на граѓани и фондации, во кој, покрај другото, биле предвидени условите и начинот како може секој граѓанин да постане член на здружение или фондацција. Оспорениот член 13 од Статутот, исто така, бил во спротивност и со член 20 од Уставот на Република Македонија каде е предвидена можноста граѓаните слободно да пристапуваат и истапуваат од членството во вакви асоцијации.

4. Судот на седницата утврди дека според член 13 од оспорениот Статут: „Секој граѓанин – државјанин на Република Македонија кој се стек­нал со избирачко право, а се зани­мава со производство на тутун и има склучено договор за производство на тутун, станува член на Здружението на тутунопроизводителите“.

5. Според член 20 ставови 1 и 2 од Уставот, на граѓаните им се гаран­тира слободата на здружувањето заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања и граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Во член 110 алинеја 7 од Уставот е предвидено дека Уставниот суд на Република Македонија одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здрженијата на граѓаните.

Од анализата на цитираните уставни норми јасно произлегува дека во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија е оценувањето на согласноста на Статутот на Здружението само со одредба од Уставот на Република Македонија, но нема надлежност да ја цени согласноста на оспорениот Статут со член 22 од Законот за здруженија на граѓани и фондации.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од причини што во смисла на член 110 алинеја 7 од Уставот, Уставниот суд нема надлежност да ја цени законитоста на оспорениот Статут, Судот, во овој дел иницијативата ја отфрли.

По однос на наводите изнесени во иницијативата дека оспорениот член 13 од Статутот не бил во согласност со член 20 од Уставот на Република Македонија, според Судот се неосновани. Имено, Статутот на Здружението на тутунопроизводителите е донесен во декември 2008 година врз основа на член 20 од Уставот на Република Македонија. Законот за здруженија на граѓаните и фондациите и Законот за тутун. Истиот содржи XI глави. Во Главата III е содржана потточка со наслов „Основни принципи на организирање на Здружението“, во која Глава е содржан оспорениот член 13 во точката со наслов „Членство“. Според овој член секој граѓанин – државјанин на Република Македонија кој се стекнувал со избирачко право, а се занимава со производство на тутун и има склучено договор за производство на тутун, станува член на Здружението на тутунопроизводителите.

Во членот 14 од истиот акт, се предвидува дека право и обврска на секој член на Здружението е:

„- да избира и да биде биран во органите на телата на друштвото и здружението;
– да покренува прашања и да дава иницијативи во врска со тутунопроизводството за расправа во Друштвото, Здружението и Сојузот;
– да учествува во управувањето и одлучувањето по сите прашања во друштвото, Здружението и Сојузот;
– да се залага за остварување на програмските цели и задачи на здружението и Сојузот;
– да се залага за доследно спроведување и остварување на демократските ставови, заклучоци и одлуки на Собранието на Друштвото, Општинското здружение и Сојузот;
– да предлага на Собранието за прогласување на почесни членови на Друштвото, Здружението и Сојузот, кои со својата долгогодишна работа и постојните резултати знатно допринеле за развојот на демократските односи во Друштвото, Здружението и Сојузот, како и на развојот и унапредувањето на тутунопроизвод­ството, и
– да плаќа членарина“.

Со член 20 – од Уставот на граѓаните им се гарантира со Устав слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски и други права и уверувања и истите можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, но во Уставот не се разработени правата, обврските, дејностите, условите и одговор­ностите на членовите на овие здруженија, кое е оставено да се разработи во Закон или друг подзаконски акт.

Имено, дадените услови во членот 13 од Статутот, според Судот, не е во спротивност со член 20 од Уставот од причина штто условот за станување член на здружение, стекнување на избирачко право, е врзан со наполнети 18 години живот, што значи исполнување на условот – граѓанинот да е полнолетен – доба на зрелост.

Избирачкото право е општо, еднакво и истото се изразува во правото на секој граѓанин што наполнил 18 години старост да избира и да биде избран во соодветно претставничко тело, како што предвидува членот 14 од Статутот, но и да ги исполнува и останатите услови на членот 13, се со цел да може членот на Здружението да ги извршува своите права и обврски предвидени во членот 14 од Статутот.

Наводите истакнати во иницијативата по однос на тоа дека оспорениот член од Статутот предвидува со склучување на договорот за производство на тутун, договорната странка Здружението ќе ја смета за свој член, без притоа да биде склучена пристапница според Судот не може да ја доведе во прашање неговата согласност со Уставот на Република Македонија. Ова од причини што, според Судот секој тутунопроизводител со откупувачот на тутун, согласно Законот за тутун, склучува договор за производство и откуп на сув суров тутун во лист од предметната реколта, а исто така согласно Законот за тутун легитимното здружение на тутунопроизводители одредува и дава на располагање свои претставници кои имаат лиценца за проценка на тутун, преку кои здружението го следи и посредува при откупот на тутунот на откупните пунктови, односно на тој начин се штитат самите интереси на тутунопроизводителите при предавањето на тутунот на откупните претпријатија, а со оглед на карактерот и специфичноста на овој вид на производ.

Со склучување на договорот за производство и откуп на сув и сиров тутун во лист, самиот производител го овластува откупното претпријатие да ја задржи членарината и да ја уплати на соодветното здружение, со што јасно ја искажува својата волја за пристапување во здружението. Ова дотолку повеќе што, според Судот, основна и главна цел на Здружението на тутунопроизводители е да ги застапува интересите на тутунопроизводителите, и на начин како е наведено во член 10 од Статутот на здружението на тутунопроизводители.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.131/2009
4 ноември 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски