29/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 октомври 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката за висината на надоместоците за услугите во испораката на вода за 2009 година, број 01-841/2 од 22 декември 2008 година, донесена од Одборот на корисници на вода на Водостопанство „Тиквеш“ – Кавадарци.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот за поведување постапка за оценување на законитоста на:

– Одлуката за висината на надоместоците за услугите во испораката на вода за 2005 година, ОВ.бр.02-391/3 од 28 април 2005 година;

– Одлука за висината на надоместоците за услугите во испораката на вода за 2006 година, ОВ.бр.01-1430/3 од 22 ноември 2005 година, и

– Одлуката за висината на надоместоците за услугите во испораката на вода за 2007 одина, од 30 ноември 2006 година, сите донесени од Одборот на корисници на вода на Водостопанство „Тиквеш“ – Кавадарци.

3. ЈП „Комуналец“ – Неготино, преку полномошник Николаќо Николов, адвокат од Неготино на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на одлуките означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата член 2 став 1 точка 7 од оспорените одлуки не биле во согласност со членовите 43, 63, 64 и 65 од Законот за водостопанствата.

Имено, според иницијативата водостпанството можело да испорачува вода само за водоснабдување, како и на корисниците на вода за индустриски потреби, а поради проблемот со вода за пиење ЈП Комуналец – Неготино изградило паралелен систем (детална мрежа) за наводнување на дворните места и наводнување на тревниците. Оваа мрежа била доделена на стопанисување на ЈП Комуналец-Неготино и со изградбата на оваа мрежа дотур на вода во истата се вршело од системот за водоснабдување со вода за пиење, Од овие причини ваквата вода испорачувана во оваа мрежа ЈП Комуналец не ја користело за технолошки потреби, односно за потребите во неговиот процес на производство, туку како вода за наводнување. Имено во смисла на член 80 од Законот за водостопанствата надоместот за испорачана вода на корисниците со долгорочни договори кои водата не ја користеле за наводнување можело да се пресметува и по системот на премија. Водата што се испорачувала по паралелниот систем била од системот за наводнување и ЈП Комуналец ја користел за наводнување на дворните површини на граѓаните.

Подносителот на иницијативата предлага иницијативата да се уважи и членот 2 став 1 точка 7 од оспорените одлуки да се укинат.

4. Судот на седницата утврди дека со сите оспорени одлуки, кои се со важност за 2009 година, 2007 година, 2006 година и 2005 година, во членот 1 од истите се утврдуваат критериумите врз основа на кои се определува висината на надоместоците за услугите во испораката на вода за тековната година.

Во членот 2 од истите, се утврдува точниот износ на висината на надоместоците за услугите за испорака на вода врз основа на утврдените критериуми во членот 1.

Во членот 3 од одлуките, се определува висината на надоместоците за услугите во испораката на вода за водните заедници кои до почетокот на сезоната за наводнување не го платиле годишниот надоместок.

Членот 4 од одлуките определува дека доколку дојде до покачување на цената на електричната енергија до отпочнување на сезоната за наводнување, Водостопанство „Тиквеш“ го задржува правото да изврши корекција на надоместокот за снабдување со вода со помош на пумпни станици за истиот процент со кој е извршено покачување на цената на електричната енергија.

Оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави на огласната табла на Водостопанство – Тиквеш Кавадарци.

5. Наводите во иницијативата по однос на член 2 став 1 алинеја 7 од Одлуката за висината на надоместоците за услугите во испораката за вода за 2009 година, како и целта на користењето на водата, Судот оцени дека се неосновани од следниве причини:

Законот за водостопанствата („Службен весник на Република Македонија“ бр.85/2003 и 103/2008) ги уредува: основањето, организирањето, работењето, финансирањето, к,онтролата и престанокот на работењето на водостопанствата (член 1).

Според член 5 од Законот, водостопанството е јавно правно лице, кое врши економично стопанисување, користење, функционирање, одржување и контрола на системите во целина, заради: снабдување со вода за наводнување, снабдување со вода на комуналното претпријатие за водоснабдување за конзумирање од страна на човекот (вода за пиење и други потреби) вклучувајќи го и производството на електрична енерија и одводнување на земјиште.

Според член 23 став 1 од Законот водостпанствата има одбор на корисници на вода составен од 5 до 11 членови.

Согласно член 43 алинеја 4 од Законот Одборот на корисници на вода ја утврдува висината и надоместоците за услугите кои ги обезбедува водостопанството и кои се наплатуваат од корисниците.

Според член 63 од истиот закон, водостопанството врши снабдување со вода врз основа на склучен договор. Работите на одводнувањето од членот 7 на овој закон, водостопанството со корисниците ги уредува со договор.

Во член 64 од Законот е предвидено дека во случај кога водата е наменета за потреби на наводнувањето, таа ќе се испорачува врз основа на долгорочни договори за снабдување со вода кои се склучуваат со водната заедница и годишни договори кои се склучуваат со индивидуалните корисници.

Според член 65 од Законот, водостопанствата испорачува вода на комуналните претпријатија за водоснабдување и на корисниците на вода за индустриска потреба, вклучувајќи ја и испораката на вода за производство на електрична енергија само врз основа на долгорочни договори за снабдување со вода.

Тргнувајќи од содржината на оспорената Одлука, а имајќи ги предвид наводите во иницијативата Судот оцени дека одлуката е донесена во смисла на овластувањата дадени во Законот за водостопанство. Оттука, наводите во иницијативата кои се однесуваат на одредувањето на висината на надоместоците за услугите во испораката на вода за 2009 година е определена врз основа на критериумите содржани во членот 1 на истата одлука, а која е донесена во согласност со Законот за водостопанствата, што за Уставниот суд е факт од релевантно значење. Оттука, надлежностите дадени со законското овластување во членот 43 алинеја 4 од Законот, Одборот на корисници на вода да ја утврдува висината на надоместоците за услугите кои ги обезбедува водостопанството (член 5 од Законот) претставува само операционализација на Законот, односно извршување на одредбите од Законот за водостопанствата.

Врз основа на наведеното Судот не го постави прашањето за согласноста на оспорената Одлука за 2009 година со одредбите од Законот за водостопанствата.

По однос на наводите во иницијативата дека испорачуваната вода не била користена за онаа намена за која била предвидена според Судот, тоа не е предмет на уставно-судска оценка, а дали постоел договор помеѓу Водостопанство и ЈП Комуналец – Неготино, исто така, Судот оцени дека со овој дел од иницијативата веќе се навлегува во полето на примената на Законот, што, не е во опсегот на надлежностите на Уставниот суд, содржани во член 110 од Уставот.

6. Според член 110 алинееја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договорисо Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од фактот што оспорените одлуки за висината на надоместоците за услугите во испораката за вода донесени од Одборот на корисници на вода на Водостопанство Тиквеш – Кавадарци кои се однесуваат на 2005, 2006 и 2007 година, Судот оцени дека истите се од темпорален карактер и со истекот на календарската година, истите повеќе не произведуваат правно дејство и не се повеќе во правниот поредок, поради што иницијативата по однос на овие оспорени одлуки, согласно цитираната деловничка одредба се отфрли.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.29/2009
21 октомври 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски