152/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 алинеите 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 октомври 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 17 став 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1993, 3/1994, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 49/1997, 24/2000, 96/2000, 5/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005, 84/2005, 101/2005, 70/2006, 153/2007, 152/2008 и 161/2008).

2. Билјана Цветковска од Кривогаштани на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 17 став 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата со оспорениот член од Законот се повредувал член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот на Република Македонија. Ова затоа што со поставувањето на условот од најмалку 15 години, работникот кој бил во работен однос и остварил пензиски стаж помалку од 15 години не можел да се стекне со право на старосна пензија, иако плаќал придонес за пензиско осигурување за разлика од друг работник кој навршил 15 години пензиски стаж и може да го оствари ова право.

Според подносителот законодавецот во конкретниов случај различно постапил во уредувањето на правата на лицата со ист статус и правна положба при што работниците со пензиски стаж помалку од 15 годнини биле доведени во нерамноправна положба во однос на работниците со пензиски стаж од 15 години.

3. Судот на седницата утврди дека според член 17 став 1 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување „осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж) и 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж“.

4. Судот, исто така, утврди дека оспорениот член 17 став 1 од Законот бил повеќе пати оспоруван пред Уставниот суд на Република Македонија при што Судот по предметот У.бр.201/2003 година со Решение од 10 и 11 март 2004 година не повел постапка за оценување на неговата уставност и У.бр.107/2004 од 29 септември 2004 не повел постапка за оценување на неговата уставност. Уставниот суд на Република Македонија, пак, со Решение У.бр.224/2004 од 25 април 2005 година ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на член 17 во целина од наведениот закон, а по предметот У.бр.89/2007 од 4 јули 2007 година ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на член 17 став 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

5. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување.

Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби како и фактот што Уставниот суд на Република Македонија ја оценувал уставноста на член 17 во целина и посебно член 17 став 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, а по повод на предметната иницијатива не наоѓа основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.152/2009
21 октомври 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски