Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 27 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 октомври 2009 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката за задржување на постоечките телефонски броеви и на мобилните апарати и за набавка на преносни компјутери (лап топ) за советниците и Градоначалникот на општина Макеоднски Брод бр.07-88/4 од 30.01.2009 година, донесена од Советот на општина Македонски Брод („Службен гласник на општина Македонски Брод“ бр.1/2009).
2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени односно преземени врз основа на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.
3. Муса Џафери – Министер за локална самоуправа на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на актот означен во точка 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата, оспорената Одлука била незаконита затоа што содржела одредби кои овозможувале советниците и градоначалникот на општината, преку незаконит начин на стекнување, да воспоставуваат право на сопственост врз ствари кои биле сопственост на општина Македонски Брод.
Имено, не постоел правен основ за донесување на оспорената Одлука, со која имот во сопственост на општина Македонски Брод требало да стане лична сопственост на советниците и градоначалникот како форма на надоместок и примања за обавување на работи врзани за функционирањето во Советот односно определен вид на награда. Како таква, оспорената Одлука била во спротивност со членовите 45 и 100 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002) и членовите 29-а, 29-б, 29-в, 29-г и 29-д од Законот за дополнување на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката („Службен весник на Република Македонија“ бр. 36/90, 38/91, 23/97, 37/05, 84/05, 121/07 и 161/2008) во кои јасно биле дефинирани правата на надоместок на советниците и примањата на градоначалникот и не било пропишано надоместок во форма на материјални добра.
Поради тоа, според иницијативата оспорената Одлука била незаконита и се предлага Судот да поведе постапка за оценување на законитоста на Одлуката.
4. Судот на седницата утврди дека во точка 1 од Одлуката се предвидува дека Советот на општина Македонски Брод на седницата одржана на ден 30.01.2009 година донесе одлука за задржување на постоечките телефонски броеви и на мобилните апарати за советниците и Градоначалникот на општина Македонски Брод, после завршувањето на нивниот мандат.
а. Секој советник го задржува постоечкиот мобилен број заедно со телефонскиот апарат.
б. Градоначалникот на Општината го задржува постоечкиот мобилен број заедно со телефонскиот апарат. Службите на Општината да изработат поединечни одлуки за секој корисник со кои ќе биде овозможено префрлувањето во Т-мобиле.
Според точка 2 од Одлуката Советот на општина Македонски Брод на седницата одржана на ден 30.01.2009 година донесе одлука за набавка на преносни компјутери (лап топ) за потребите на секој член на советот и за Градоначалникот. Овие преносни компјутери по завршувањето на мандатите на советниците и на Градоначалникот преминуваат во нивна лична сопственост.
а. Конфигурација:
CPU: Intel Pentium Core 2 Duo min. 1,86 GHz
RAM: 3GB DDR2
HDD: 250 GB
Graphics: separate (Nvidia, ATI) 512 MB
Optical drive: DVD + – RW
Display: 15.4 WXGA
Options: Wlan Lan, Modem, Bluetooth, 1,3 (2) Mpix camera, Microphone.
Во точката 3 од Одлуката се предвидува дека оваа Одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавување во службен гласник на општина Македонски Брод.
5. Според Амандманот XVII точка 1 од Уставот со кој се заменува ставот 1 на членот 115 од Уставот на Република Македонија, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.
Согласно член 31 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002), органи на општината се советот и градоначалникот.
Согласно член 45 од истиот закон, членовите на советот имаат право на надоместок за присуство на седници и надоместок на патните и дневните трошоци, во рамките утврдени со закон.
Со Законот за дополнување на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката („Службен весник на Република Македонија“ бр.121/2007) кој е влезен во сила на 13 октомври 2007 година, е додаден дел V-а со пет нови членови 29-а до 29-д.
Во делот V-а „Надоместоци на членовите на советите на општините и членовите на Советот на град Скопје“, со членот 29-а од Законот, е предвидено дека на членовите на советите на општините и на членовите на Советот на градот Скопје им припаѓа надоместок за присуство на седниците на советот и надоместок на патни и дневни трошоци, кои се обезбедуваат и исплаќаат од буџетот на општината и Буџетот на градот Скопје.
Според членот 29-б од Законот, месечниот надоместок за присуство на седниците на советот се утврдува во процентуален износ од просечната месечна нето плата во Републиката исплатена за претходната година, но не повеќе од 70% (а со измените на Законот во 2008 година, процентот е 84%). Висината на месечниот надоместок за присуство на седниците се утврдува со одлуката за извршување на буџетот на општината и Буџетот на градот Скопје.
Според членот 29-в од Законот, на претседателите на советите за раководењето и организирањето на работата, надоместокот од членот 29-б се зголемува за 30%.
Од одредбата на членот 29-г од Законот, произлегува дека надоместокот се исплатува за присуство на седниците, а се намалува за 30% за секое отсуство од седница и не се исплатува за неприсуство на ниту една седница на советот.
Според членот 29-д од Законот, на членовите на советите на општините и на градот Скопје им се исплатуваат надоместоци за патни и дневни трошоци за службени патувања во земјата и странство според прописите кои се однесуваат на државните службеници вработени во општинската администрација и во администрацијата на градот Скопје.
Со членот 2 од овој Закон е уредено дека постојните одлуки на општините и на градот Скопје со кои се определени надоместоците на членовите на советите на општините и на градот Скопје ќе се усогласат со одредбите на овој закон во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.
По влегувањето во сила на наведениот закон во октомври 2007 година, Советот на општината Македонски Брод донел Одлука за задржување на постоечките телефонски броеви и на мобилните апарати и за набавка на преносни компјутери (лап топ) за советниците и Градоначалникот на општина Макеоднски Брод бр.07-88/4 од 30.01.2009 година, со која се определува дека мобилните броеви заедно со телефонските апарати како и преносните компјутери (лап топи) по завршувањето на мандатите на советниците и на Градоначалникот преминуваат во нивна лична сопственост.
Со одредбите од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, ниту со Законот за локалната самоуправа не се утврдува право на членовите на советот на општината на посебен надоместок, имено не се предвидува задржување мобилните апарати и броеви како и задржување на преносните компјутери (лап топ) за советниците и Градоначалникот на општината.
Прашањето за надоместок со закон е утврдено како право на членовите на советот на единствен и лимитиран надоместок за присуство на седници, кои ги опфаќа седниците на советот и седниците на работните тела, а не се предвидува посебни надоместоци за присуство и работа на овие седници.
Со оглед на тоа, поради непостоење на законски основ за уредување на правото на посебниот надомест со Одлуката број 07-88/4 од 30.01.2009 година, донесена од Советот на општина Македонски Брод, произлегува дека нема законски основ за утврдување на право на членовите на советот на општината Македонски Брод, за добивање на движни ствари како компензација на надоместокот заснован на наведената Одлука од 2009 година. Имено, со оваа одлука се дава право на надоместок за советниците и Градоначалникот, а со тоа се располага со мобилни телефони и лап-топи на општината без правен основ за тоа, ниту законодавецот со закон го дозволил тоа право.
Поради погореизнесената правна состојба, Судот оцени дека за наведената одлука донесена од Советот на општината Македонски Брод, основано може да се постави прашањето на нејзината законитост.
6. Со оглед на тоа што со извршувањето на оспорената одлука, би можело да настанат тешко отстранливи последици до донесување на конечна одлука, Судот согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, реши да го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени вврз основа на таа одлука.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.151/2009
21 октомври 2009 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски