175/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 октомври 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 17 од Законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр.165/2008).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорената одредба од Законот била создадена таква правна ситуација, односно можност законот да се применува ретроактивно, односно истиот имал повратно дејство бидејќи давал можност истиот да се применува и пред неговото објавување и влегување во сила. Имено, ова од причина што, според иницијативата со оспорениот член се создавала правна ситуација, односно можност законот да се применува и на односи – барања кои биле поднесени пред неговото влегување во сила, со што законот имал повратно дејство.

Од наведените причини, подносителот на иницијативата, смета дека со оспорениот член се повредувал принципот на владеењето на правото – член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и принципот на забрана на повратно дејство на законите, утврден во член 52 став 4 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 17 од Законот, започнатите постапки за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост согласно со Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/2005 и 13/2007), ќе продолжат според одредбите на овој закон.
Започнатите постапки по барања за отуѓување на градежното изградено земјиште во сопственост на Република Македонија, согласно со Уредбата за начинот и постапката за отуѓување на градежно изградено земјиште сопственост на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2003, 59/2003, 84/2003, 20/2004, 43/2004 и 69/2004), до влегувањето во сила на одредбите на овој закон.
Започнатите постапки по барања за отуѓувње на градежно изгградено земјиште согласно Уредбата за начинот и постапката за отуѓување на градежно изградено земјиште сопственот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 13/2003, 59/2003, 84/2003, 20/2004, 43/2004 и 69/2004), ќе продолжат според Уредбата, ако:
– барателите го платиле данокот на промет на недвижности и права и е исплатена цената на земјиштето,
– барателите примиле архивски заведен договор од Министерството за финансии, заради плаќање на данок на промет на недвижности и цена за земјиштето и ако го платат во рокот определен во договорот, односно до 31 март 2009 година, доколку не е определен рок во договорот и
– во случаите од алинеите 1 и 2 на овој член е во тек оставинска постапка или треба да се води оставинска постапка за барателот.

4. Една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот е и владеењето на правото.

Според член 52 став 4 од Уставот законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост е донесен на седницата на Собранието на Република Македонија одржана на 12 јануари 2005 година, а е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.4/2005 од 17 јануари 2005 година.

Според членот 1 од наведениот Закон, со овој закон се уредува приватизацијата, долготрајниот закуп, времениот закуп, одземањето и престанувањето на правата на користење на градежното земјиште во државна сопственост, на кое право на користење имаат физички и правни лица (предмет на Законот).

Законот е повеќе пати изменуван и дополнуван, а последна измена е содржана во сега оспорениот Закон за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр.165/2008) од 30 декември 2008 година.

Оспорениот член 17 од Законот, предвидува дека започнатите постапки за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост согласно со Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/2005 и 13/2007), ќе продолжат според одредбите на овој закон. Понатаму, се уредува прашањето на започнатите постапки по барања за отуѓување на градежното изградено земјиште.

Според член 18 од истиот Закон, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“ – 6 јануари 2009 година.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби, а во корелација со наводите содржани во иницијативата, сметаме дека со оспорениот член од Законот не е пропишана ретроактивна примена на Законот, поради што не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со оспорениот член се повредувал принципот на владеењето на правото и принципот на забрана на повратното дејство на законите, утврден во членот 52 став 4 од Уставот. Имено, ова од причина што со оспорениот член се предвидува започнатите постапки (што значи не завршени) ќе продолжат (во иднина) според одредбите на овој закон. Ставот 1 од овој член на Законот ги регулира започнатите постапки за приватизација на градежното семјиште во државна сопственост, а ставот 2, пак, од истиот член на Законот ги регулира започнатите постапки по барање за отуѓување на градежното изградено земјиште во сопственост на Република Македонија, согласно со Уредбата за начинот и постапката за отуѓување на градежно изградено земјиште сопственост на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2003, 59/2003, 84/2003, 20/2004, 43/2004, 43/2004 и 69/2004). Оттука, неможе да се прифати тврдењето во иницијативата дека оспорениот член на Законот има повратно дејство, бидејќи постапките за приватизација и постапките по барање за отуѓување се во тек, изменувањето и дополнувањето на Законот, всушност е примена на законот по кој се води постапката која во моментот има карактер на позитивна законска регулатива, односно истата ги обврзува органите веќе започнатите постапки да ги продолжат со примена на измените на Законот.

Во ставот 3 од членот 17 на Законот, законодавецот, со право, направил исклучок по однос на делегирањето на Уредбата (став 2) односно на примената на Законот во случаи кога барателите го платиле данокот на промет на недвижности и права и е исплатена цената на земјиштето барателите примиле архивски заведен договор од Министерството за финансии, заради плаќање данок на промет на недвижности и цена за земјиштето и ако го платат во рокот определен во договорот, односно до 31 март 2009 година, доколку не е определен рок во договорот и во случаите од алинеите 1 и 2 на овој член е во тек оставинска постапка или треба да се води оставинска постапка за барателот.

Од наведеното јасно произлегува дека одредбите од овој закон се однесуват само на оние постапки кои се уште траат и се вво определена фаза од постапката и немаат се уште своја завршница, поради што законската формулација на оспорениот Закон, според Судот, не е во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, односно со неа не се повредува принциот на владеењето на правото и истата нема повратно дејство, како што тврди подносителот на иницијативата. Имено, важноста е за во иднина, односно по нејзиното влегување во сила. Според Судот, примената на Законот е јасно определена (член 18), а тоа е по влегувањето во сила на Законот и поради што од уставно-правен аспект не може да се проблематизира оспорената одредба во однос на нејзиното важење и примена кое нема повратно дејство.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.175/2009
21 октомври 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски