33/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 октомври 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 28 став 13 и член 52 став 3 точка 2 од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 82/2008 и 106/2008-исправка) и на Правилникот за формата и содржината на барањето за добивање на одобрение за градење и формата и содржината на образецот на одобрението за градење („Службен весник на Република Макекдонија“ бр.123/2008), донесен од министерот за транспорт и врски.

2. Драган Коровешовски, адвокат од Охрид, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот и Правилникот означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, не било соодветно законското решение во оспорениот член 28 став 13 од Законот за градење, со кое се елиминирала можноста одредени стручни лица да вршат надзор над градбата, доколку тие лица биле вработени кај правното лице кое било изведувач или инвеститор на градбата или со нив биле во деловен однос. Законодавецот неоправдано го попречил вршењето на надзорната функција од страна на наведените лица бидејќи требало да се има во предвид дека градежните инженери и архитекти кои ја проектирале градбата или учествувале во изработката на проектот всушност биле и најкомпетенетни за вршење на функцијата надзорен инженер на тој објект. Со оспорената одредба од Законот се дискриминирале лицата во стопанството и претприемништвото, бидејќи инвеститорот според законот не можел да избере надзорен инженер од редот на овие лица кои биле дирекно инволвирани во градбата и со тоа на тие лица им било ограничено слободното вршење на дејностите во стопанството, спротивно на членот 55 од Уставот.

Во однос на оспорениот член 52 став 3 точка 2 од Законот и оспорениот Правилник донесен од министерот за транспорт и врски, во иницијативата се наведува дека биле несоодветни правни решенија. Ова поради тоа што како обврска било уредено дека проектантот и ревидентот (ревизорот) требале да дадат изјава заверена кај нотар со која се потврдувало дека проектот на објектот бил изработен согласно со решението за локациски услови и со изводот од урбанистичкиот план, односно дека проектот не отстапувал од условите за градење и урбанистичкиот план кој бил во примена, а тоа било прашање со кое требало да се занимава органот кој го давал одобрението за градење, а не да се грижат проектантот и ревидентот. Проектот бил уметничко дело и интелектуално творештво на авторот. Проектантот не прибавувал одобрение за градба, па оттука немало основ да дава пред нотар за наведените технички факти кои биле од надлежност на оценка на органот (државниот орган или органот на локалната самоуправа).

Од овие причини според иницијативата оспорената одредба од членот 52 став 3 точка 2 од Законот и Правилникот во деловите на образците кои означувале поднесување на изјава пред нотар, биле во несогласност со членот 16 од Уставот, според кој се гарантирала слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, како и членот 9 од Уставот, според кој граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека инвеститорот не би требало кон барањето за добивање на одобрение за градење да приложува веќе склучени договори за работите со изведувачот на градбата и за работите со правното лице за вршење надзор на работите, како што било предвидено во образците на Правилникот, бидејќи договорите наметнувале обврски поради чие неисполнување или раскинување инвеститорот би бил доведен во ситуација да не добие одобрение за градење, ниту со ова се воспоставувал ред во урбанизмот и контрола на градењето. Воедно, инвеститорот кон документацијата на барањето за одобрение за градење требал, согласно образецот на Правилникот, да достави и студија за оценка на влијанието на проектот врз животната средина. Ова било нелогично и правно неприфатливо бидејќи уште при донесувањето на урбанистичкиот план (генерален и детален) предвидена била постапка во која се ценело влијанието на проектот врз животната средина. Ваквата обврска на инвеститорот наметната со образецот на Правилникот била дирекно на штета на граѓаните, и не можело да се востановуваат повеќекратни механизми на проверка на една иста работа.

Со образецот за барање на одобрение за градење се наметнувале и други обврски на инвеститорот, како што биле приложување на различни потврди, меѓутоа, тоа не само што не било потребно и било излишно туку освен согласностите за приклучок кон електромрежа, водовод и канализација сите други претставувале само непотребна пречка во добивањето на одобрението за градење. Практичното реализирање на добивање на одобрение за градење било отежнато со документација која инвеститорот требал да ја достави.

Според иницијативата, генерално оспорените одредби од Законот и Правилникот не биле во согласност со повеќе одредби од Уставот и тоа: членовите 8, 9, 47 и 55.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 28 став 13 од Законот е предвидено дека надзорен инженер не може да биде лице вработено кај правно лице кое е изведувач или инвеститор на градбата над која се врши надзор ниту пак со нив да биде во деловен однос во врска со градбата за која се врши надзор, во спротивно ова претставува основ на трајно одземање на овластувањето на надзорниот инженер.

Според членот 52 став 3 точка 2 од Законот, со барањето од ставот 2 на овој член се поднесува и комплетен основен проект во најмалку два примерока и потребен број на примероци од посебните елаборати и фази на проектот заради добивање на соодветните согласности, со извршена ревизија и изјава на проектантот и ревидентот заверена од нотар, со која се потврдува дека проектот е изработен согласно со решението за локациски услови и изводот од урбанистичкиот план, односно дека не отстапува од условите за градење предвидени со урбанистичкиот план кој е во примена во моментот на изработка на проектот.

Судот, исто така утврди дека врз основа на член 52 став 7 и член 53 став 5 од Законот за градење, министерот за транспорт и врски донел Правилник за формата и содржината на барањето за добивање на одобрение за градење и формата и содржината на образецот на одобрението за градење.

Според членот 1, со овој правилник се пропишува формата и содржината на барањето за добивање на одобрение за градење и формата и содржината на одобрението за градење.

Според членот 2, барањето за добивање на одобрение за градење се поднесува на образец со формат А-4 кој е даден во прилог 1 и е составен дел на овој правилник. Според членот 3, одобрението за градење на градби од прва и втора категорија се издава на образец во формат А-4 кој е даден во прилог 2 и е составен дел на овој правилник. Според членот 4, одобрението за градење на градби од трета, четврта и петта категорија се издава на образец во формат А-4 кој е даден во прилог 3 и е составен дел на овој правилник. Според членот 5, со денот на влегувањето во сила на овој правилник престанува да важи Правилникот за формата и содржината на барањето за добивање на одобрение за градење и образецот на одобрението за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр,60/2005). Според членот 6, овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

Правилникот е со број 01-11282 од 24 септември 2008 година и е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.123/2008, а објавени се, како прилог број 1, образецот на барањето за издавање на одобрение за градење; како прилог број 2, образецот на одобрението за градење на градби од прва и втора категорија; и како прилог број 3, образецот на одобрението за градење на градби од трета, четврта и петта категорија.

4. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Според членот 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 47 став 2 од Уставот, се гарантираат правата што произлегуваат од научното, уметничкото и друг вид интелектуално творештво, а со членот 55 став 1 се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.

Според членот 1 од Законот за градење, со овој закон се уредуваат градењето, основните барања на градбата, правата и обврските на учесниците во изградбата, проектната документација, градилиштето, употребата, одржувањето, здружување во комора и други прашања од значење за градењето.

Во делот од Законот, кој се однесува на учесници во изградбата, е уредено дека: „инвеститор е правно или физичко лице кое стекнало право на градење, а во чие име и за чија сметка се гради градбата и инвеститорот е должен проектирањето, ревизијата на проектот, градењето и надзорот над градбата да го довери на лица кои ги исполнуваат условите пропишани со овој закон (член 13); проектант е физичко лице кое за проектирање на градби од членот 50 на овој закон има овластување А или овластување Б од членот 32 на овој закон (член 15 став 1); ревидент е физичко лице кое за вршење ревизија на проекти за градби од членот 50 на овој закон, има овластување А или овластување Б од членот 32 на овој закон (член 18 став 1); изведувач е правно или физичко лице кое ја изведува, односно гради градбата или дел од градбата до фаза на градење, врз основа на договор за градење склучен со инвеститорот (член 22 став 1); а надзорен инженер е физичко лице кое за вршење на надзор над изградбата на градби од членот 50 на овој закон има овластување А или овластување Б од членот 32 на овој закон (член 28 став 1)“.

Со одредбите од Законот посебно се уредени работите и овластувањата кои ги вршат учесниците во изградбата на објектите, нивните права и обврски кои меѓусебно се поврзани во текот на постапката на градење, и право на законодавецот е да ја оцени потребата и целисходноста на подробното нормирање на прашањата на начин и под услови утврдени во Законот. Поаѓајќи од овој аспект Судот оцени дека не може уставно да се проблематизира оспорениот член 28 став 13 од Законот, со кој се определува дека надзорниот инженер не може да биде лице вработено кај правното лице кое било изведувач или инвеститор на градбата над која се врши надзор ниту пак со нив да биде во деловен однос во врска со градбата за која се врши надзорот, а во спротивно ова би било основ за одземање на овластувањето надзорен инженер. Од причините поради кои со иницијативата се оспорува оваа одредба од Законот, не може уставно да се проблематизира бидејќи законодавецот за сите лица кои се во иста правна ситуација предвидел вакво законско решение како обврска во рамки на уредувањето на односите на релацијата на надзорен инженер спрема изведувачи и инвеститори, ценејќи ја потребата за издвојување на надзорот на овластеното лице како лице кое врши склоп на дејствија кои треба да бидат надвор од другите пазарни и претприемнички дејствија во врска со предметниот објект, што се појавуваат и поврзуваат во текот на градењето. Со оглед на тоа Судот оцени дека не може да се постави прашањето на уставноста на оспорената одредба од членот 28 став 13 од Законот од причините изнесени во иницијативата.

Во делот од Законот кој се однесува на „Одобрение за градење“ со членот 52 е уредено прашањето за издавање на одобрение за градење“ на инвеститорот на градбата кое го издава надлежниот орган, односно државната управа надлежна за вршење на работите од областа на уредување на просторот доколку градбата е од значење за Републиката, или градоначалникот на општината или градот Скопје, доколку градбата е од локално значење.

Во ставот 3 од овој член од Законот е наведено што инвеститорот треба да достави кон барањето за одобрение за градење, при што се наведени решението за локациски услови, комплетен основен проект со извршена ревизија и изјава на проектантот и ревидентот заверна кај нотар дека проектот е изработен согласно решението за локациски услови и изводот од урбанистичкиот план кој е во примена во моментот на изработка на проектот, потоа, одобрена студија за оцена на влијанијата на проектот врз животната средина на органот надлежен за работите од областа на животната средина, како и договор склучен со правното лице за вршење надзор над изградбата на конкретниот објект.

Со иницијативата во овој дел е оспорен само членот 52 став 3 точка 2 од Законот со кој конкретно се уредува дека инвеститорот треба кон барањето за одобрение за градба да го достави предметниот документ опишан во одредбата. Имено, инвеститорот е барател на одобрението за градба од надлежниот орган и кон тоа барање треба да го достави бараниот документ со прилозите. Инвеститорот е во релација со надлежниот орган за добивање на одобрение, и тука не станува збор за друго лице кое бара одобрение од органот па оттука, со оспорената одредба од Законот, се уредува обврска спрема инвеститорот за достава на предметната документација која треба да ја обезбеди, но дали тој може да ја обезбеди во односите со проектантот и избраниот надзорен инженер, тоа е внатрешно прашање на инвеститорот со наведените лица. Имено, органот ќе го разгледува и решава барањето на инвеститорот кое согласно Законот треба да биде доставено со пропишаните документи, и не може уставно да се проблематизира од аспект дека кон тоа барање не било потребно инвеститорот да приложува документи со кои наводно прекумерно се оптеретувале внатрешните релации помеѓу инвеститорот со проектантот и ревидентот и затоа што другите лица (проектантот и ревидентот) требале да дадат писмена изјава заверена кај нотар со која се потврдувало дека проектот бил изработен согласно со локациското решение и изводот на урбанистичкиот план. Со оглед на тоа инвеститорот е обврзан со закон при достава на барањето за одобрение за градба да приложи и документи кои ги пропишал законот и заради тоа да воспостави претходни односи со лица кои можат во врска со изработката на проектот и со ревизијата да пружат услуги и да ја изршат работата соодветно на законските услови, но доколку тие не се спремни за тоа, инвеститорот ќе може да избере секако од оние лица кои можат да ги обезбедат услугите со наведените критериуми. Иницијативата всушност се занимава со тежината на обврските наметнати на другите лица – проектантот и ревидентот со кои инвеститорот создава релација на претходни односи кога тој поднесува барање за одобрение за градба и затоа се приговара на обврката за доставата на доказите од страна на инвеститорот, меѓутоа според Судот овие наводи се неосновани.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека и за оспорената одредба од членот 52 став 3 точка 2 од Законот не може да се постави прашањето на уставноста.

Со одребите од членот 52 став 7 и членот 53 став 5 од Законот е уредено дека формата и содржината на барањето за добивање на одобрение за градење и обрасците ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот. Врз основа на овие одредби од Законот, министерот за транспорт и врски го донел оспорениот Правилник за формата и содржината на барањето за добивање на одобрение за градење и формата и содржината на образецот на одобрението за градење („Службен есник на Република Македонија“ број 123/2008), а составен дел од Правилникот се образецот за „барање за издавање на одобрение за градење“, кој се однесува на странката (инвеститорот) на кој образец барањето треба да се достави, потоа образецот за „одобрение за градење“ кој се однесува на Министерството за транспорт и врски со кој се решава за барањето (за градби пропишани во Законот од интерес за Републиката) и образецот за „одобрение за градење“ кој се однесува на градоначалникот на општината со кој се решава за барањето (за градби пропишани во Законот од локално значење).

Со иницијативата конкретно се приговара на формата и содржината на обрасците наменети за решавањето на Министерството и на градоначалникот на општината, кои се во форма која ги третира документите потребни за доставување од барателот на одобрението за градба, кои им користат во работата на органите при решавањето на барањата за градење. Имајќи предвид дека формата и содржината на обрасците кои се составен дел од Правилникот само ги следат набројаните документи пропишани во целината на одредбите во членот 52 од Законот, не може да се постави прашањето на уставноста на оспорениот Правилник од аспект на членот 51 од Уставот, според кој прописите треба да се во согласност со Уставот и со закон, на што единствено иницијативата се однесува. Со оглед на тоа, иницијативата и во овој дел сметаме дека е неоснована и не може оспорениот Правилник од аспект на причините кои се изнесени во иницијативата уставно да се проблематизира.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.33/2009
21 октомври 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски