У.бр.218/2009

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 ставови 1 и 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 21 октомври 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Рубин Најдоски од Прилеп за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

2. Рубин Најдоски од Прилеп на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе барање за заштита на слободите и правата.

Со барањето подносителот бара заштита на слободите и правата од член 110 алинеа 3 и член 51 и 52 од Уставот, кои му биле наводно одземени по незаконски и криминален пат од страна на претседателот на Основниот суд Прилеп Љубен Биновски, јавниот обвинител Ристо Шошески и јавниот обвинител Мимоза Мрмеска. Во барањето подносителот на неколку страници ги наведува актите и дејствијата со кои му биле повредени слободите и правата, што довеле до тоа тој да биде осуден и казнет на 3 години затвор без докази.

Подносителот смета дека слободите и правата му биле повредени со жалбата КО. Бр. 495/03 од 27.12.2004 поднесена од јавниот обвинител која според него била лажна и невистинита поради тоа што во неа биле преиначени доказите.

Понатаму, подносителот наведува дека бил осуден од страна на Основниот суд Прилеп на една година затвор без факти и докази.

Во барањето се наведува дека жалбата што ја поднел јавниот обвинител до Апелациониот суд Битола Ко. 495/03 од 26.09.2006 била лажна и невистинита и дека поради тоа му била зголемена казната од една на три години затвор.

Понатаму, со Известието на Претседателот на Основниот суд Прилеп, доставено до Врховниот суд и Судскиот совет под број УПП.бр. 57/2007 од 30.10.2007 година лажно било наведено дека подносителот имал поднесено барање за вонредно ублажување на казната и дека со тоа тој го признал делото.

Подносителот смета дека слободите и правата му биле повредени и со тоа што Основниот суд Прилеп го отфрлил неговото барање за повторување на постапката по предметот К.бр. 397/3, односно што не постапил по двете напатствија на Апелациониот суд Битола во решенијата КЖ.бр. 695/2007 од 27.11.2007 и КЖ.бр.6/2008 од 22.01.2008 за да се дозволи повторување на постапката.

Подносителот понатаму во барањето наведува дека слободите и правата му биле повредени со решенијата на јавниот обвинител Мимоза Мрмеска Ко.бр.л 281/08 од 20.06.2008 и Ко.бр. 361/08 од 20.08.2008 година со кои биле отфрлени кривичните пријави што подносителот ги имал поднесено против јавните обинители Љубен Бинески и Ристо Шошески за наводна злоупотреба на службената положба и овластување кои се наведуваат понатаму во барањето, и поради кои подносителот смета дека му било повредено правото на правично судење и еднаквоста на оружјата од членот 6 став 1 од Европската конвенција за човековите права.

Во барањето се наведуваат сите поднесоци со кои подносителот барал заштита на слободите и правата пред другите државни органи како Судскиот совет на Република Македонија, Министерството за правда, Советот на јавните обвинители, Основното јавно обвинителство Скопје, Народниот правобранител, Владата на Република Македонија, Кабинетот на претседателот на Републиката, Апелациониот суд Битола. Подносителот понатаму наведува дека бил лажно обвинет и осуден за силување и дека за неговата лажна осуда е виновен јавниот обвинител кој ги преиначил доказите, односно исказите на сведоците и вештаците, поради што бара Уставниот суд да ги провери дадените изјави од сведоците и вештите лица.

На крајот од барањето подносителот го наведува член 26 од Универзалната декларација за човековите права и се повикува на заштита од дискриминација и наведува дека поднел приватна тужба против Република македонија поради нестручно и неодговорно работење на надлежните државни органи.

3. Согласно членот 8 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, претставуваат една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Согласно алинеја 3 од истиот член од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот, што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосислен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Од означените уставни одредби произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува за примената на законите и другите прописи од страна на судовите и другите органи, а во таа смисла ниту има надлежност на инстанционо повисок суд да ја оценува законитоста на постапката и одлуките донесени од овие органи по конкретни предмети на граѓаните.

Од цитираните уставни одредби, исто така произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува за заштита на сите права на човекот и граѓанинот, туку само на оние кои се децидно утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот. Имено, Судот не е надлежен да одлучува по барањето за заштита на правото на законито, непристрасно, чесно и во разумен рок судење на кое, меѓу другото, се повикува подносителот во барањето.

Што се однесува до наводите за дискриминација дадени на крајот од барањето, Судот оцени дека истите содржат само начелно повикување на забраната на дискриминација од Универзалната декларација за правата на човекот, но не и конкретни наводи ниту пак факти.

Исто така, имајќи ги предвид наводите во барањето, како и фактот што подносителот во барањето наведува голем број на акти и дејствија на надлежните органи и службени лица со кои наводно му биле повредени слободите и правата, од целината на барањето несомнено произлегува дека подносителот на барањето незадоволен од осудителната пресуда на затворска казна за кривично дело силување, бара од Уставниот суд да ја преиспита работата на Основниот суд Прилеп како и работата на надлежните јавни обвинители што постапувале во неговиот кривичен предмет, односно Уставниот суд да се стави во улога на инстанционо надлежен суд кој ја цени уставноста и законитоста на одлуките на судовите и јавните обвинителства.

Уставниот суд на Република Македонија нема надлежност да одлучува за права и интереси на граѓани по конкретни предмети од надлежност на судовите, ниту Уставниот суд има надлежност да постапува како инстанционо повисок суд кој ќе ја цени уставноста и законитоста на одлуките на другите правосудни органи.

Испитувањето на наводите за незаконско и криминално работење на определени лица во Основниот суд Прилеп и Основното јавно обвинителство Прилеп, не е во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија.

4. Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека во конкретниов случај подносителот бара од Уставниот суд уставно-судска заштита на права и интереси по конкретен предмет во надлежност на судовите и јавното обвинителство, за што Уставниот суд не е надлежен да одлучува поради што оцени дека се исполнети условите за отфрлање на барањето согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, поради што Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.218/2009
21 октомври 2009 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски