55/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 октомври 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членовите 130-а, 130-б и 130-в од Законот за дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.152/2008).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 130-б став 1 во делот „остварена по основ на школување“ од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Танас Станковски, Благоја Гиновски, Пецо Лозановски, Вера Лахчанска и Ружа Наумовска од Битола, Здружение на старосни семејни, инвалидски и други пензионери од општина Делчево, Александар Димитров и Никола Митевски од Штип, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителите на иницијативите оспорените членови не биле во согласност со член 8 став 1 алинеите 3, 6 и 8 од Уставот на Република Македонија. Ова затоа што со нив се воведувала некоја присилна солидарност на ниво на државата. Имено, без разлика на придонесот на членовите и трошоците на погребот во одделни места посмртнината се исплаќала во единствен унифициран износ на корисниците на пензија, а неискористените средства од посмртната помош со акт ги утврдувала регистрирана организација на Сојузите на здруженијата на пензионери на Македонија што било спротивно на член 58 од Уставот.

Подносителите понатаму, наведуваат дека на малите здруженија од Берово, Пехчево, Лозово и други им одговарал предвидениот начин на исплата на солидарен фонд и тие биле согласни со наведените законски решенија што не било случај со големите здруженија, како што се Битола, Карпош и други. Имено, Здружението на пензионери од Битола е посебно правно лице кое егзитира повеќе од 60 години и е едно од најуспешните здруженија, па според тоа не можело во име на корисниците на пензија, а без присуство на овластено лице претставник на здружението некој орган – новоформирано тело да одлучува за здружението и неговите членови и самостојно да одлучува за висината на солидарниот фонд, при што Здружението на пензионери од Битола повеќе од три години не било член на Сојузот на Здружението на пензионери на Македонија. Поради наведеното подносителите го поставуваат прашањето што со оние здруженија кои делувааат и работат самостојно и не се членки на ниеден сојуз, односно дали тие немаат право согласно уставните одредби сами да управуваат и учествуваат во одлучувањето?

Подносителите на иницијативите се повикувааат и на членовите 61, 62 и 63 од Законот за здруженија на граѓани и фондации со кои се регулирани прашањата на правото на стекнување на средствата и располагањето, правото на сопственост и кој врши контрола за наменското работење и располагање со средствата на здруженијата.

Во иницијативите, исто така, се наведува дека со член 130-в од Законот, според кој исплатата на посмртната помош на Солидарниот фонд се врши од страна на стручната служба на Фондот преку подрачните единици се доведувало во прашање правото на здруженијата во смисла на член 58 од Уставот. Подносителите на иницијативите предлагаат Судот да ги поништи оспорените законски одредби, а до донесување на конечна одлука да изрече времена мерка.

Според наводите на подносителите на иницијативата Александар Димитров и Никола Милевски, членовите 130-а во делот „и за членување во здружение на пензионери (членарина) и 130-б став 4 од Законот не биле во согласност со Уставот затоа што на корисникот на пензија без негова согласност му се наметнувала обврска да плаќа членарина. Имено, подносителите, се согласни од корисниците на пензија да се издвојуваат средства за солидарниот фонд но не и за членарина која била уплатувана на посебна сметка на некој сојуз за здруженија на пензионери, а при тоа тие не сакале да бидат членови на тоа здружение кое овие средства ги користело ненаменски. Оттука според подносителите со оспорените делови од членот 130-а и 130-б од Законот се повредувало правото на сопственост, од кои причини бараат Судот да донесе времена мерка.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 130-а од Законот:
„На корисник на пензија, со негова согласност, му се запира дел од пензијата за обезбедување на средства потребни за исплата на посмртна помош за членовите на неговото семејство и за членување во здружение на пензионери (членарина).
Средствата за солидарен фонд – посмртна помош, Фондот ги уплатува на посебна потсметка во рамките на Трезорската сметка со назнака „Средства за солидарен фонд – посмртна помош на корисници на пензија“.

Според оспорениот член 130-б од Законот: „издвојува­ње­то на посмртната помош и членарината се врши од пензијата на корисникот на пензија, месечно, при исплата на пензијата, освен од семејната пензија на дете остварена по основ на школување.
Висината на задршката за посмртна помош и членарина, висината на исплатата за посмртна помош во зависност од акумули­раните средства и смртноста на корисниците на пензија, начинот на распределба на членарината, начинот и постапката за исплата на посмртната помош на корисниците на пензија од средствата на соли­дарниот фонд во единствен износ за сите корисници на пензија, како и начинот на располагање со слободните а неискористени средства од посмртна помош, со акт ги утврдува регистрирана организација на сојузите на здруженијата на пензионерите на Македонија.
Актот од ставот 2 на овој член се објавува на почетокот на секоја година во „Службен весник на Република Македонија“.
Средствата по основ на членарина Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија ги дозначува на сметката што ја определува регистрираната организација составена од сојузите на здруженијата на пензионерите.“

Во оспорениот член 130-в од Законот „исплатата на посмртната помош од средствата на солидарниот фонд ја врши стручната служба на Фондот преку подрачните единици“.

5. Согласно член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 8 од Уставот, владеењето на правото, правната зашттита на сопственоста и хуманизмот, социјалната правда и слидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Членот 30 од Уставот го гарантира правото на сопственост.

Според член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Согласно член 35, пак, од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Според член 58 од Уставот, сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето.

Според член 20 став 2 од Уставот, граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Согласно член 61 ставовите 1 и 2 од Законот за здруженијата на граѓани и фондации („Службен весник на Република Македонија“ бр.31/1998 и 29/2007), здруженијата и фондациите можат да стекнуваат предмети, парични средства и имотни права. Здруженијата на гграѓани и фондации средствата ги стекнуваат од членарина, прилози, донации, подароци и слично и со нив располагаат во согласност со статутот и со закон.

Членот 62 од наведениот закон, изрично определува дека средствата на здруженијата на граѓани и фондации што ги стекнуваат согласно членот 61 на овој закон се нивна сопственост.

Според членот 63 од овој закон, со статутот на здруженијата на граѓани и фондациите се утрдува органот кој врши контрола на наменското користење и располагање со средствата и приходите на здруженијата на граѓани и фондациите. Органот од ставот 1 на овој член е составен од членови на здруженијата на граѓани и фондациите кои се избираат на начин предвиден со статутот. Секој член има право да бара и изврши увид во користењето на средствата и приходите на здруженијата на граѓани и фондациите на начин утврден со статутот.

Со Законот за дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување кој е донесен по одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.266/2007 од 17 септември 2008 година по Главата VI „Пензиски стаж“ додадена е нова глава со три нови членови 130-а, 130-б и 130-в.

Од образложението на предлогот на Законот за дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување се констатира дека сега оспорените законски решенија се во насока на усогласување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување со Одлуката на Уставниот суд, а во соработка со претставници на сојузите на здруженијата на пензионери, Министерството за труд и социјална политика и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, со цел за непречено сервисирање на средствата по основ на посмртна помош.

Од анализата на оспорениот член 130-а од Законот, недвосмислено произлегува дека прибирањето на средствата во солидарниот фонд кои служат за помош на семејството во случај на смрт на осигуреникот се заснова на доброволна основа или поточно речено корисникот на пензија доброволно одлучува дали дел од пензијата месечно може да му се запира за исплата на посмртна помош и за членарина во здружението на пензионери на посебна сметка. Доколку, осигуреникот не се согласи за издвојување на овие средства Фондот нема овластување тоа да го прави без согласност.

Од членот 130-б од Законот, произлегува дека висината на задршката за посмртна помош и членарината во единствен износ за сите корисници, висината на исплата за посмртната помош во зависност од акумулираните средства и смртност на корисници на пензија е во единствен износ за сите корисници, начинот на распределба на членарината, начинот и постапката за исплата на посмртна помош како и начинот на располагање со слободните, а неискористени средства, со акт ги утврдува регистрирана организација составена од сите сојузи на здруженијата на пензионерите на Македонија, кој акт се објавува на почетокот на секоја година во „Службен весник на Република Македонија“.

Средствата, пак, од членарината, кои во согласност со корисникот на пензија ги задржува Фондот при исплата на пензија, се уплатуваат на сметка определена од страна на регистрирана организација на сојузот на пензионери или поточно речено тие средства се распоредуваат на здруженијата на пензионерите во зависност од бројот на членовите и тие самостојно располагаат со нив.

Од одредбата на член 130-в од Законот произлегува дека Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија преку подрачните единици врши исплата на посмртната помош, односно се јавува само како сервис во име и за сметка на корисниците на пензија.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, содржината на оспорените членови од законот наспрема наводите во иницијативите, Судот оцени дека истите се неосновани.

Според Судот, а поаѓајќи од доброволниот начин на формирањето на солидарниот фонд, утврдената единствена висина на посмртна помош од страна на единствена регистрирана организација на сите сојузи; транспарентноста на работењето на оваа организација; распределбата на средства од членарината на сојузите на пензионери во зависност од нивниот број, како и улогата на фондот во прибирањето и сервисирањето на осигурениците, односно нивните семејства може да се констатира дека ретко каде во друга област јасно доаѓаат до израз принципите на хуманоста, социјалната сигурност, взаемноста и солидарноста без притоа да бидат доведени во прашање слободата на здружување, правото на сопственост, начелото на владеењето на правото и други уставни одредби.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените членови 130-а, 130-б и 130-в од Законот со уставните одредби на кои се повикуваат подносителите на иницијативите.

6. Судот, исто така утврди дека со решение У.бр.12/2009 од 22 април 2009 година не повел постапка за оценување на уставноста на член 130-б став 1 во делот „остварена по основ на школување“ од Законот за дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Со оглед на фактот што оспорениот дел на членот 130-б од Законот веќе бил предмет на оценување на уставноста пред овој Суд, а по повод на предметната иницијатива нема основи за поинакво одлучување, Судот одлучи согласно членот 28 алинеите 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, да ја отфрли иницијативата.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.55/2009
7 октомври 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски