247/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 23 септември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 73 став 3 и член 74 став 3 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006,62/2006 и 35/2008).

2. Јаким Илиев од Кочани на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, означените одредби од Законот го укинувале правото на апанажа на судијата, со што таквите одредби ги ставале судиите во нееднаква, понеповолна положба во однос на пратениците, функционерите и раководните работници именувани од Собранието на Република Македонија, претседателот на Република Македонија и Владата на Република Македонија, како и во однос на јавните обвинители со оглед дека сите овие избрани и именувани лица имале право на плата – апанажа по престанокот на функцијата или разрешувањето, едните според член 19 став 1 од Законот за платата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката („Службен весник на СР Македонија“ бр.36/1990 и 44/1990 и „Службен весник на Република Македонија“ бр.11/1991, 38/1991, 23/1997, 37/2005 и 84/2005), другите – јавните обвинители според член 75 од Законот за јавното обвинителство („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2007 и 111/2008). Оспорените одредби правеле дискриминација меѓу носителите на законодавната и извршната власт, од една страна, кои имале право на плата – апанажа по престанокот на функцијата и носителите на судската власт (судиите), од друга страна, кои тоа право го немале по престанокот на функцијата.

Поради тоа, подносителот на иницијативата смета дека оспорените законски одредби не се во согласност со уставните начела на владеење на правото и на еднаквоста утврдени со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека во член 73 став 1 од Законот се определува дека: „На судијата му престанува судиската функција, ако:
– тоа сам го побара,
– трајно ја загуби способноста за вршење на судиската функција, што го утврдува Судскиот совет на Република Македонија,
– ги исполни условите за старосна пензија,
– биде избран или именуван на друга јавна функција, освен кога судиската функција мирува под услови утврдени со закон и
– е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеца“.

Со став 2 од истиот член на Законот се определува дека: „Судскиот совет на Република Македонија во случаите од ставот 1 на овој член, утврдува престанок на судиската функција“.

Според оспорениот став 3 од наведениот член на Законот: „Со денот на престанокот на судиската функција што го утврдува Судскиот совет на Република Македонија по основите од ставот 1 на овој член на судијата му престанува правото на плата“.

Во член 74 став 1 од Законот се предвидува дека: „Судијата се разрешува од судиската функција:

– поради потешка дисциплинска повреда што го прави недостоен за вршење на судиската функција пропишана со закон и
– поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција под услови утврдени со закон“.

Со став 2 од истиот член на Законот се определува дека: „Одлука за разрешување на судијата донесува Судскиот совет на Република Македонија“.

Според оспорениот став 3 од истиот член на Законот: „ Со денот на разрешување на судијата од страна на Судскиот совет на Република Македонија според основите од ставот 1 на овој член на судијата му престанува правото на плата“.

Судот, исто така, утврди дека во член 19 став 1 од Законот за платата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката („Службен весник на СРМ“ бр.36/1990 и 44/1990 и „Службен весник на Република Македонија“ бр.11/1991, 38/1991, 23/1997, 37/2005, 84/2005, 121/2007 и 161/2008) се определува дека: „Пратеник кој за време на вршењето на пратеничката функција остварувал плата или надоместок на плата во месечен износ во Собранието, функционер и раководен работник кој го именува Собранието, претседателот на Република Македонија и Владата кој за време на вршењето на функцијата остварувал плата, може да остварува плата по престанувањето на функцијата за време до една година“.

Членовите 66 и 68 од Законот за јавното обвинителство („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2007 и 111/2008) ги определуваат случаите за престанок (член 66) или разрешувањето (член 68) на јавниот обвинител од функцијата, при што во нив не е уредено прашањето за платата по престанокот на функцијата или по разрешувањето од функцијата.

Во член 75 од Законот, пак, се определува дека: „Јавен обвинител кој е разрешен од функцијата, остварува право по основ на работа на начин и под условите утврдени со закон“.

4. Во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот се определува дека темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Според член 9 став 1 од Уставот: „Граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба“, при што „граѓаните пред Уставот и законите се еднакви“ (став 2).

Од изнесените уставни одредби произлегува дека темелна вредност на правниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото и дека таа вредност се остварува, покрај другото, преку еднаквиот однос на државата кон граѓаните независно, меѓу другото, од нивната општествена положба.

Со оглед на тоа што носителите на законодавната и извршната функција имаат различен општествен статус односно имаат различни јавни овластувања во однос на носителите на судските функции, произлегува дека нема повреда на начелото на еднаквоста затоа што тоа начело е остварено кога за различни состојби постојат различни правила. Ова тврдење се заснова на фактот дека кај судиите како носители на судската функција настанала промена на мандатот-од временски ограничен во траен мандат додека кај носителите на законодавната и извршната функција мандатот е временски ограничен.

Судот смета дека нема повреда на начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот кога законот предвидел право на плата по престанокот или по разрешувањето на судијата во ситуации: ако самиот побара престанок на функцијата, поради психофизичка неспособност, заминување во старосна пензија, избор или именување на друга функција (во кои случаи судијата ќе има соодветен приход: приход од вршење на дејност, инвалидска или старосна пензија, функционерска плата) и дека не треба да се обезбеди такво право на судијата при постоење правосилна осуденост за кривично дело, како и при постоење одлука дека сторил потешки дисциплински повреди или одлука дека нестручно и несовесно ја вршел судиската функција.

Со оглед дека нема повреда на начелото на еднаквоста, Судот оцени дека нема повреда ниту на темелната вредност – владеењето на правото.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.247/2008
23 септември 2009 година
С к о п ј е
лк/Ју

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски