76/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 23 септември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Измените и Дополнувањата на Поединечниот колективен договор на ниво на Национална установа Народен театар – Битола бр.01-421/1 од 25 декември 2008 година.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот по однос на меѓусебната неусогласеност на Измените и Дополнувањата на Поединечниот колективен договор на ниво на Национална установа Народен театар – Битола бр.01-421/1 од 25 декември 2008 година со Колективниот договор за култура („Службен весник на Република Македонија“ бр.41/2005) и Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.10/2008).

3. М-р Мимоза Бакиевска, Горица Најдеска, Даница Павлеска, Јадранка Глигоровска, Ангелина Тргачева, Цанка Михајловска и Бранимир Константинов, сите од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на актот означен во точка 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, која по барање на Судот е дополнета, оспорениот акт со кој меѓу другото била уредена и висината на платата на директорите на јавните установи кои се избирале по пат на конкурс распишан од страна на Министерството за култура, бил спротивен на посебните одредби од т.4 – Делот на плати, надоместоци на плати и други примања во Поединечниот колективен договор на ниво на работодавач Народен театар-Битола, Колективниот договор за култура и Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.10/2008).

Со оспорениот акт, според подносителите на иницијативата без правен основ биле намалени исклучиво платите на вработените во делот на администрацијата по усмена наредба од страна на вработени лица во Министерството за култура. Од Записникот од одржаниот останок на членовите на СОНК при НУ Народен театар – Битола на ден 25 ноември 2008 година, според иницијативата, се гледало дека за административниот персонал воопшто не било расправано и не била донесена одлука, но во утврдувањето на коефициентите за сложеност на работите по одделни работни места бесправно била направена измена, односно намалување на коефициентот за сложеност на работите по одделни работни места само на административниот персонал кое било спротивно на член 13 од Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија.

Подносителите на иницијативата сметаат дека на овој начин со оспорениот акт била направена дискриминација и истото претставувало кршење на нивните човечки права и достоинство, како и создавање на чувство на дискриминаторски однос во смисла на членот 7 од Законот за работните односи.

Од наведените причини му предлагаат на Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот акт и истиот да го поништи.

4. Судот на седницата утврди дека Измените и дополнувањата на Поединечниот колективен договор на ниво на национална установа Народен театар Битола е донесен на 25 ноември 2008 година и истиот содржи 2 (два) члена.

Според член 1 од Измените и дополнувањата во поединечниот колективен договор на ниво на Национална установа на НУ – Народен театар – Битола (зав.бр.01-69/3 од 25.11.2008 година) членот 35 се менува и гласи:

„Сложеноста на работите за одредено работно место се утврдува во групи со следните коефициенти:

– одржувач на хигиена 1.71
– портир/курир 1.76
– шивач-гардеробер 2.44
– административен техничар/дактилограф 1.93
– сценски работник /декоратер/ 2.84
– сценски работник /возач/ 2.84
– гардеробер 2.84
– фризер/перикер 2.84
– реквизитер 2.84
– суфлер 2.94
– сликар-исполнител 3.17
– шеф на сцена 3.40
– мајстор-кројач 3.40
– тон-мајстор 3.40
– мајстор на светла 3.40
– мајстор-столар 3.40
– благајник 2.29
– инспициент 3.46
– одговорен сметководител 2.60
– шеф на шивална 4.34
– референт за организација и маркетинг 3.04
– референт за пропаганда и продажба 3.04
– технички раководител 4.60
– секретар-правник-архива ракувач по
одбрана 3.30
– драматург-режисер 4.63
– актер 1 група 5.40
– актер 2 група 5.04
– актер 3 група 4.63
– актер 4 група 4.10
– актер 5 група 3.40“

Членот 2 од Измените предвидува дека овие измени и дополнувања влегуваат во сила со денот на неговото донесување.

5. Според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Со Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008 и 161/2008) се уредени сите прашања од значење за работниот однос како договорен однос меѓу работниците и работодавачите.

Според членот 6 од Законот за работните односи, работодавачот не смее барателот на вработување (кандидат за вработување) или работникот да го стави во нееднаква положба заради расата, бојата на кожата, полот, возраста, здравствената состојба, односно инвалидност, религиозноста, политичкото или друго убедување, членување во синдикатите, националното или социјалното потекло, статус на семејството, имотната сосотојба, половата насоченост или заради други околностти.

Во членот 7 од истиот закон е предвидено дека забраната на директна или индиректна дискриминацција вво случаите од членот 6 на овој закон се однесува на дискриминација на кандидатот за вработување и на работникот (1).

„Со другите ставови се утврдува дека:

(2) Директна дискриминација, во смисла на ставот (1) од овој член, е секое постапување условувано со некои од основите од членот 6 на овој закон со кое лицето било ставено, се става, или би можело да биде ставено во понеповолна положба од други лица во споредбени случаи.
(3) Индиректна дискриминација, во смисла на овој закон, постои кога определена навидум неутрална одредба, критериум или пракса, го става или би го ставила во понеповолна положба во однос на другите лица, кандидатот за вработување или работникот поради определено својство, статус, определување или уверување од членот 6 на овој закон.
(4) Дискриминацијата, во смисла на членот 6 од овој закон, е забранета во однос на:

1) условите за вработување, вклучувајќи ги и критериумите и условите за избор на кандидати за вршење на определена работа, во која било гранка на дејности и на сите нивоа на професионална хиерархија,
2) напредувањето во работата,
3) пристапот до сите видови и степени на стручно оспособување, преквалификација и доквалификација,
4) условите за работење и работа и сите права од работен однос и во врска со работниот однос, вклучувајќи и еднаквост на плати,
5) откажувањето на договорот за работа и
6) правата на членовите и дејствувањето во здруженијата на работниците и работодавачите или во која било друга професионална организација, вклучувајќи ги и повластиците кои произлегуваат од тоа членство.

(5) Одредбите на колективните договори и договорите за вработување со кои се утврдува дискриминација на некој од основите од членот 6 на овој закон се ништовни“.

Од анализата на цитираните уставни и законски одредби, според Судот не може да се прифати тврдењето на подносителите на иницијативата дека со оспорениот акт било создадено чувство на дискриминаторски однос во смисла на член 7 од Законот за работните односи од причина што во конкретниов случај нема ниту директна ниту индиректна дискриминација. Ова од причина што определените критериуми во оспорениот акт не се однесуваат на лице со ист статус, туку во прашање е определување на коефицинети за лица со различен статус во определената институција. Имено, ова дотолку повеќе што определените коефициенти не се во спротивност со членот 107 од Законот за работните односи, каде се предвидува дека платата на работникот за работа со полно работно време не може да биде пониска од најниската плата утврдена според закон и колективен договор.

По однос на наводите во иницијативата кои се однесуваат на несогласност на оспорениот акт со Општиот колективен договор за јавниот сектор во Република Македонија и Колективниот договор за култура Судот оцени дека во овој дел иницијативата треба да се отфрли согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, бидејќи според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, но не и за меѓусебната согласност на колективните договори.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.76/2009
23 септември 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски