Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 16 септември 2009 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за адвокатура („Службен весник на Република Македонија“ бр.106/2008).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објаввување во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.163/2008 од 10 јуни 2009 година, а по повод поднесена иницијатива на Дељо Кадиев адвокат од Скопје и Стамен Филипов од Скопје поведе постапка за оценување на уставноста на членот 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за адвокатура.
Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот член со Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за адвокатура по членот 33 се додава нов член 33-а кој гласи:
– „Органи на Адвокатската комора на Република Македонија се Собрание, Претседател, Управен одбор, Надзорен одбор, Дисциплински обвинител, Дисциплински суд, Жалбен совет и други органи основани од страна на Собранието на Адвокатската комора на Република Македонија.
– Највисок орган на Адвокатската комора на Република Македонија е Собранието во кое членуваат сите адвокати запишани во именикот на адвокати.
– Претседателот на Адвокатската комора на Република Македонија се избира од страна на Собранието со мандат од две години.
– Претседателот на Адвокатската комора на Република Македонија учествува во работата на Управниот одбор без право на глас“.
5. Според член 53 од Уставот адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овлстувања во согласност со закон.
Со Законот за адвокатура („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2002, 60/2006, 29/2007 и 106/2008) адвокатурата е определена како самостојна и независна јавна служба која обезбедува и дава правна помош согласно овој и друг закон.
Според членот 5 од Законот, самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба, се остварува со слободно и независно вршење на адвокатската дејност, слободен избор на адвокатот, организација на адвокатите во Адвокатска комора и нејзино финансирање, автономно донесување на актите за работа на Адвокатската комора на Република Македонија и нејзините органи и запишување и бришење од Именикот на адвокатите, Именикот на адвокатските стручни соработници, Именикот на адвокатските приправници и донесување на Кодекс на адвокатска етика.
Имајќи ги предвид наведените уставни и законски одредби за поставеноста на адвокатурата како независна и самостојна јавна служба, која самостојност и независност се остварува, покрај другото, и со организирање на адвокатите во Адвокатска комора и избор на органи на Адвокатската комора, наспрема оспоренот член 5 со кој по членот 33 се додава нов член 33-а од Законот со кој се утврдени органите на Адвокатката комора, Судот оцени дека не е во согласност со уставните одредби на кои се повикуваат подносителите на иницијативите.
Според Судот, а поаѓајќи од членовите 33 и 34 од Законот за адвокатурата, Адвокатската комора претставува специфична асоцијација на лица кои се здружиле поаѓајќи од истовидниот карактер на дејноста што ја вршат нејзините членови,што таа има својство на правно лице на кое со закон се пренесени јавно правни овластувања,како и фактот што основен акт на Адвокатската комора е Статутот со кој согласно членот 37 од Законот за адвокатура се уредува осбено делокругот,организацијата и работата на органите на комората, Судот оцени дека со оспорениот член се доведува во прашање независноста и самостојноста на Адвокатската комора како посебен правен субјект.Ова дотолку повеќе што Законот, од една страна, утврдил дека со статутот на Адвокатската комора ќе се утврдат органите на Комората,а од друга страна со оспорениот член веќе ги утврдил органите, со што се создава една недосленост на законодавецот во уредување со оспорената норма на кој начин се доведува во прашање и начелото на владеењето на правото .
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.163/2008
16 септември 2009 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски