67/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 16 септември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 16, во делот

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точка 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената законска одредба имала повратно дејство, од причина што и покрај тоа што Законот влегол во сила на 13 февруари 2007 година оспорената одредба регулирала примена на Законот од 1 јануари 2007 година, со што се повредувало уставното начело за забрана на повратното дејство на законите. Од причини што ваквото повратно дејство значело повреда на начелото на владеењето на правото и повреда на забраната за повратно дејство на законите, според иницијативата, оспорената одредба не била во соглансост со член 8 став 1 алинеја 3 и член 52 став 4 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 16 од Законот се предвидува дека овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе се применува од 1 јануари 2007 година.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е утврдено како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

Според ставот 2 на овој член од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување, а според ставот 3 на овој член, законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето.

Ставот 4 од овој член од Уставот, утврдува дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Законот за изменување и дополнување на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица е донесена на седницата одржана на 26 јануари 2007 година. Законот е објавен во „Службен весник на Република Македонија„ број 13/2007 на 5 февруари 2007 година.

Според оспорениот член 16 од Законот, Законот влегува во сила осмиот ден од објавувањето во „Службен весник на
Република Македонија„ (13 февруари 2007 година), а истиот ќе се применува од 1 јануари 2007 година.

Имајќи предвид дека со оспорениот дел од одредбата на член 16 од Законот е содржана правна ситуација, односно можност Законот да се применува и наназад, односно ретроактивно, пред неговото објавување, односно влегување во сила, истиот, има повратно дејство.

Разгледувајќи го оспорениот дел од членот 16 од Законот, од аспект на неговото повратно дејство, а при тоа имајќи го во вид ставот 4 на членот 52 од Уставот, според кој законите само по исклучок, и тоа во случаите кога тоа е поповолно за граѓаните, можат да имаат повратно дејство, Судот оцени дека со решението од оспорениот дел на законската одредба „а ќе се применува од 1 јануари 2007 година“ основано може да се доведе во прашање неговата согласност со членот 52 став 4 од Уставот и со принципот на владеењето на правото утврдено како темелна вредност на уставниот поредок.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.67/2009
16 септември 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски