Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 септември 2009 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВААТ член 27 став 1 во делот: „одборникот во собранието на општината што тоа ќе го определи“, член 29 став 3 во делот: „одборникот на собранието на општината“, став 4 во делот: „одборникот во општината“ и став 6 во делот: „одборникот на општината“од Законот за семејството („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1992, 9/1996, 38/2004, 33/2006 и 84/2008).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Уставниот суд на Република Македонија, на иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.2/2009 од 27 мај 2009 година поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од законот означен во точката 1 од ова одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со одредбите од Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека според член 27 став 1 од Законот за семејството: „Бракот се склучува во присуство на лицата кои сакаат да склучат брак, одборникот во собранието на општината што тоа ќе го определи (оспорен дел), двајца сведоци и матичарот“.
Според член 29 став 3 од Законот: „Откако одборникот на собранието на општината ќе утврди дека нема приговор на извештајот на матичарот, ги запознава идните брачни другари со значењето на бракот и правата и обврските што произлегуваат од него. Потоа го прашува поединечно секој од идните брачни другари дали се согласува да склучи брак со идниот брачен другар“.
Во став 4 од истиот член на Законот се определува дека: „Изјавата на идните брачни другари дека се согласни да го склучат бракот, матичарот ќе ја запише во матичната книга на венчаните, во која потоа се потпишуваат идните брачни другари, одборникот во општината, сведоците и матичарот“.
Според став 6 од истиот член на Законот: „По потпишувањето од двајцата идни брачни другари, одборникот на општината ќе прогласи дека меѓу жената и мажот, наведени со нивните лични имиња, бракот е склучен“.
5. Со точка 1 од Амандман XVII на Уставот на Република Македонија се определува дека: „Во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.“
Од изнесената одредба на Амандманот, во врска со називите на лицата и органите во единиците на локалната самоуправа, произлегува дека граѓаните се застапувани од претставници во единиците на локалната самоуправа.
Со оглед на тоа што член 27 став 1 и член 29 ставовите 3, 4 и 6 на Законот определуваат други изрази за лицата и органите во единиците на локалната самоуправа-„одборник“ и „собрание на општината“ од оние определени во Амандман XVII на Уставот, Судот утврди дека оспорените делови од означените законски одредби не се терминолошки усогласени со уставните определби за локалната самоуправа и поради тоа не е обезбедена темелната вредност владеењето на правото утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 и определбата за согласност на законите со Уставот изразена во член 51 од Уставот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.2/2009
9 септември 2009 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски