262/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеja 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 8 јули 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за оценување на уставноста на член 14 став 1 точките 3 и 4 и член 15 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 142/2008).

2. Адвокат Пано Димитровски од Скопје, Тодор Пљаков од Велес, Адвокатската комора на Република Македонија и Занаетчиската комора Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

– Според адвокатот Пано Димитровски како подносител на иницијативата, со оспорениот член 14 став 1 точка 4 од Законот било пропишано дека основицата за пресметка и плаќање на придонесите за самовработените лица кои вршат професионална и друга интелектуална услуга и лицата од членот 7 став 1 точките 10 и 11 на истиот закон, била две просечни плати во Републиката, додека за сите други обврзници оваа основица била или просечната плата или висината на платите, пензиите и надоместоците, со што се вршела дискриминација и ставање на овие обврзници во понеповолна положба со другите обврзници.

Членот 15 од Законот бил повеќекратно противуставен и неправеден во однос на претходно наведената одредба, затоа што со овој член се одредувала уште поголема, не само дискриминација и ставање во понеповолна положба, туку и чиста државна експлоатација и тортура на дел од нејзините припадници, во овој случај дел од обврзниците за плаќање придонеси. На овие субјекти не смеело да им се ускрати правото висината на основицата да не може да биде пониска од 50% од просечната плата по работник во Република Македонија, какво право се утврдувало за дел од обврзниците за плаќање придонеси. Поради наведеното, оспорените одредби не биле во согласност со член 9 од Уставот, поради што се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на нивната уставност.

– Според подносителот на иницијативата Тодор Пљаков, со оспорените одредби од член 14 став 1 точките 3 и 4 од Законот се утврдувала поинаква основица за пресметка и плаќање на придонесите од останатите обврзници утврдени во член 14 од Законот, со што тие осигуреници не биле еднакви во однос на останатите осигуреници за кои била определена друга основица за пресметка и плаќање на придонесите, поради што оспорените одредби биле спротивни на член 9 став 2 од Уставот и се предлага Уставниот суд да ги поништи.

– Според Адвокатската комора на Република Македонија, како подносител на иницијативата, со оспорената одредба од член 14 став 1 точка 4 од Законот, на одреден круг на лица кои вршат професионална и друга интелектуална услуга, како и на самостојните уметници и врвните спортисти, им се наметнувале поинакви обврски, поголеми обврски од обврските кои им се наметнувале на останатите граѓани. Така, додека основица за пресметка на придонеси за останатите граѓани, согласно член 14 став 1 точка 1 од Законот била „плата“, кое нешто секако подразбирало плата согласно гранката на дејност во која е групиран работодавачот, за кругот на лица опфатени со оспорената точка 4 на истиот член, како основица за пресметка на придонеси се земал износот на „ две просечни плати во Републиката“. На тој начин граѓаните опфатени во точката 4 од овој член се ставале во нееднаква положба со останатите граѓани. Дополнително, не само што граѓаните на овој начин се ставале во нееднаква положба и на одреден круг на граѓани им се наметнувала двојна давачка во споредба со останатите граѓани, туку се одело и на еден одамна напуштен принцип на „урамниловка“, каде независно од гранката на дејност во која е распоредено самовработеното лице, тоа е должно да плаќа придонеси на ниво на просек на Републиката, независно од доходовноста на дејноста со која се бави, а која е детерминирана од гранката на дејност во која тој како субјект е распореден. На тој начин, самовработените лица независно дали вршат стопанска или нестопанска дејност, доходовна или недоходовна дејност, ќе плаќаат придонеси на две просечни плати во Републиката. Ваквата определба не наоѓала своја логика ниту во економската оправданост, а секако значела наметнување на одреден круг на граѓани обврски во двоен износ во споредба со другите граѓани, поради што оспорената одредба била во спротивност со член 9 од Уставот. Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да ја укине оспорената одредба како неуставна. Истовремено, се предлага согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд да донесе решение со кое ќе ги запре од извршување сите поединечни акти и дејствија кои ќе се преземаат врз основа на оспорената одредба, до донесување на конечна одлука по поднесената иницијатива. Ова било нужно од причина што можело да настанат штетни последици по однос на лицата чии права биле оштетени со оспорената законска одредба и кои биле ставени во понеповолна положба во однос на другите граѓани. Имено, Законот бил во примена од 01 јануари 2009 година и веќе со исплатата на платата за месец јануари 2009 година, која ќе се пресметувала најдоцна до 10 февруари 2009 година, ќе почнел да произведува последици.

– Според Занаетчиската комора Скопје, како подносител на иницијативата, оспорениот член 14 став 1 точка 3 од Законот бил во спротивност со член 55 став 2 од Уставот. Оспорената одредба создавала понеповолни услови за стопанисување на занаетчиството во однос на големото стопанство и не создавала еднакви услови за стопанисување со индустријата, што било неправедно и противуставно и претставувало повреда на правото на еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Имено, во оспорениот член 14 став 1 точка 3 од Законот било пропишано дека за самовработено лице кое врши самостојна економска дејност, во која група спаѓаат занаетчиите и трговците поединци кои вршат економска дејност, основицата за пресметување и плаќање на даноци и придонеси била просечната плата во Републиката, а за управител на трговско друштво, ДОО, ДООЕЛ, АД, основица за пресметување и плаќање на даноци и придонеси била 50% од просечната плата во Републиката. Тоа значело дека ако некој има капитал и основа капитално друштво и е управител, ќе плаќа даноци и придонеси на 50% од просечната плата, а ако е лице кое се самовработува и вработува и други лица и според сите категории се смета за микро и мал бизнис, ќе плаќа даноци и придонеси на просечна плата. Ова било економски неоправдано и противуставно бидејќи со ваквата одредба не само што не биле ставени во рамноправна положба, туку се создавале нееднакви услови за стопанисување во зависност од тоа каков правен статус е избран за делување, дали е регистриран како физичко лице во форма на занаетчија во регистарот на занаетчии што го води Занаетчиската комора или како трговец поединец регистриран во Трговскиот регистар, во кој случај ќе плаќа данок и придонеси на просечна плата во Републиката, а ако е избрана форма на правно лице, ДОО, ДООЕЛ, АД, основица за пресметување и плаќање на даноци и придонеси ќе биде 50% од просечната плата во Републиката. Која била целта на Владата на Република Македонија со донесување на наведеното законско решение со кое физичките лица кои вршат дејност и во Законот се дадени како категорија „самовработено лице“ и кои вршат занаетчиски дејности, трговија на мало, угостителски дејности, превоз на патници и стоки и сл. и кои остваруваат најниски примања во државата да плаќаат даноци и придонеси од плата на минимална основица од просечна плата во Републиката, а управителите на трговските друштва да плаќаат даноци и придонеси на минимална основица од 50% од просечната плата. Овие дејности биле најмалите бизниси во државата за кои државата со своите програми и стратегии за економски развој, се декларилала дека ги поддржува и поттикнува малите и средни претпријатија, а овие физички лица биле микро бизниси и тие со овој закон се оптоварувале со даноци и придонеси во вкупен износ повеќе од индустријата. Со вакво законско решение најголем дел од занаетчиите и трговците поединци ќе се затвореле, ќе ги отпуштеле вработените, а тие ќе барале начин да работат на црно за да можат да егзистираат. Дали била потребна ваква законска одредба во ваква економска состојба во која се наоѓало нашето стопанство, со која Владата наместо да го потпомага малиот бизнис кој е основа за прераснување во поголем бизнис, тој се оптоварува со повеќе даноци и придонеси и се создаваат услови за престанок на дејноста. Ова била категорија на вршители на дејност кои се еснафи и за своите обврски одговараат со целиот свој имот и од државата никогаш ништо не барале, а секогаш ги исполнувале своите обврски за плаќање даноци и придонеси. Ако не се овозможело на занаетчиите „самовработени лица“ основица за пресметување и плаќање придонеси да изнесува 50% од просечната плата во Републиката, сите знаетчии ќе ги затвореле занаетчиските дуќани и ќе работеле на црно и од чесни и вредни стопанственици, еснафи, ќе се создаделе нови социјални случаи, а со тоа ќе се зголемела и невработеноста.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба .

3. Судот на седницата утврди дека според член 14 став 1 точка 3 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 142/2008), основица за пресметка и плаќање на придонеси е просечна плата во Републиката објавена во тековниот месец за самовработено лице кое врши самостојна економска дејност, лице од членот 10 став 1 точка 13 и лице од членот 10 став 2 на овој закон. Според став 1 точка 4 на истиот член, основица за пресметка и плаќање на придонеси е износ од две просечни плати во Републиката објавена во тековниот месец за самовработено лице кое врши професионална и друга интелектуална услуга и лице од членот 7 став 1 точките 10 и 11 на овој закон.

Според член 15 од истиот Закон, основицата за пресметување и плаќање на придонесите, односно основицата за осигурување, не може да биде пониска од 50% од просечната плата по работник во Република Македонија објавена во тековниот месец, со исклучок на основицата утврдена во членот 14 став 1 точките 3 до 13 на овој закон.
Судот, исто така, утврди дека по поднесувањето на иницијативата, донесен е Закон за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 64/2009), со кој е изменета содржината на оспорениот член 14 став 1 точките 3 и 4 и член 15 од Законот.
По извршената измена , член 14 став 1 точките 3 и 4 гласат:
„3) просечна плата во Републиката објавена во јануари во тековната година според податоците на Државниот завод за статистика, за лицето од членот 7 став 1 точки 10 и 11, лицето од членот 10 став 1 точка 13 и лицето од членот 10 став 2 на овој закон.
4) месечната аконтација на нето приходот, односно на паушално утврдениот нето приход на кој се плаќа данок, согласно Законот за персонален данок на доход, за самовработено лице.“
По извршената измена, оспорениот член 15 гласи:
„Основица за пресметување и плаќање на придонесите, односно основица за осигурување за тековната година не може да биде пониска од 50% од просечната плата по работник во Република Македонија објавена во јануари во тековната година според податоците на Државниот завод за статистика, со исклучок на основицата утврдена во членот 14 став 1 точки 3, 5, 6, 7, 8, 9, 10, 11, 12 и 13 на овој закон.
За самовработено лице кое врши професионална и друга интелектуална услуга основица за пресметување и плаќање на придонесите, односно основицата за осигурување за тековната година не може да биде пониска од просечната плата по работник во Република Македонија објавена во јануари во тековната година според податоците на Државниот завод за статистика.“

4. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Поаѓајќи од тоа дека со Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 64/2009), се изменети оспорените член 14 став 1 точките 3 и 4 и член 15 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, произлегува дека оспорените одредби од Законот имаат друга содржина, различна од оспорената, односно дека оспорените одредби во текстот во кој се оспоруваат не се повеќе дел од правниот поредок на Република Македонија. Поради тоа Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата .

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.262/2008
8 јули 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски