114/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 1 јули 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 138 став 5 од Законот за банките („Службен весник на Република Македонија“ бр. 67/2007).

2. Естела Давкова од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесe иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата, оспорената одредба од Законот за банките била во спротивност со член 30 ставовите 2 и 4 од Уставот, како и во спротивност со темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија утврдени во член 8 став 1 алинеите 3, 6 и 7 од Уставот. Имено, законското решение од член 138 став 5 од Законот, со кое на Народната банка и се дава право при продажбата на акциите на јавна берзанска аукција, продажната цена на акциите да ја намалува за 10% се до нивна конечна продажба, притоа без определување најниска граница под која не би смеело да се намалува цената, на сопственикот на акциите не му гарантирала праведен надоместок и можела да му нанесе штета од несогледливи размери бидејќи голема била веројатноста дека неговите акции можеле да бидат продадени и многу пониско од берзанската (пазарната) цена која би важела на денот на евентуалната продажба, со што не му се обезбедувало гарантирање на праведен надоместок. Во оваа смисла, во иницијативата се укажува дека согласно член 3 став 1 точка 39 од Законот за трговските друштва, „пазарна вредност на акцијата е вредноста на акцијата којашто се формира на организиран (институционализиран) пазар на хартии од вредност.“ Согласно член 2 став 2 точка 25 од Законот за хартии од вредност, „Просечна пазарна цена на акциите е пондерирана аритметичка средина на сите цени од сите трговски трансакции, со исклучок на блок трансакциите, со определена хартија од вредност во еден ден на тргување на овластена берза. Како пондер се зема количината на истргуваните хартии од вредност.“ Понатаму, во иницијативата се цитира и член 36 од Правилата за тргување на Македонската берза АД Скопје, кој како подзаконски акт бил донесен согласно член 81 од Законот за хартии од вредност од страна на Комисијата за хартии од вредност, а со кој се дефинирала официјалната дневна просечна цена и дневната просечна цена на хартиите од вредност.

Од наведените одредби на Законот за трговските друштва, Законот за хартии од вредност и Правилата за тргување на Македонската берза АД Скопје, се гледало дека дневната пазарна вредност на акциите била регулирана, заради што истата и се објавувала во официјалната дневна листа на Берзата. Тоа значело дека законодавецот имал можност со член 138 став 5 од Законот за банките да регулира дека намалувањето на цената на јавната берзанска аукција ќе можело да се врши најмногу до висината на пазарната вредност, како што било определено со претходно наведените законски прописи, со што на сопственикот на акциите ќе му бил гарантиран праведен надоместок кој не можел да биде понизок од пазарната вредност, што била смислата на член 30 став 4 од Уставот. Тоа значело дека не можела како пазарна вредност да се земе цената по која ќе се продадат акциите на јавната берзанска аукција (како што било образложено во Решението на Уставниот суд У. бр. 138/2008 од 14.01.2009 година со кое не била поведена постапка за оценување на уставноста на член 138 од Законот за банките), бидејќи пред нивната продажба веќе имало формирана пазарна цена, како што всушност и предвидувал член 30 став 4 од Уставот. Со оспореното законско решение од Законот за банките, при евентуална продажба на акциите на јавна берзанска аукција под пазарната цена што веќе била формирана на денот на продажбата на акциите, нова пазарна цена можела да се формира по продажбата, но тоа би била идна пазарна цена која би била параметар при идни продажби на акции.

Во иницијативата, понатаму, се наведува дека не било јасно зошто законодавецот во истиот закон (Законот за банките) давал различни законски решенија при продажба на акции на јавни берзански аукции при преземање мерки од страна на гувернерот заради непочитување на прописите со кои било уредено банкарското работење. Имено, кај мерките воведување на администрација и ограничување права од акции (член 149 став 9), определено било дека ако на јавната берзанска аукција никој не ја прифати почетната цена, на следната берзанска аукција акциите ќе се понудат по цена која е за 10% пониска од почетната и ќе се продолжи со намалувањето на продажната цена за уште 10% се додека еден или повеќе инвеститори не изјават спремност за купување на понудените акции. Намалувањето не можело да биде под 50% од почетната цена. Со ваквите различни решенија во ист закон, законодавецот во едниот случај гарантирал праведен надоместок на сопственикот на акциите, а во другиот случај не го гарантирал праведниот надоместок, со што се повредувале темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото (член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот) и – правната заштита на сопственоста (член 8 став 1 алинеја 6 од Уставот). Со неопределувањето на некоја најниска граница (пазарната цена) под која не би било дозволено продажба на акциите, на сопственикот на акциите можело да му се нанесе штета од несогледливи размери со тоа што не му се гарантирал праведен надоместок согласно член 30 став 4 од Уставот. Ваквите различни законски решенија во Законот за банките биле и во спротивност со член 55 ставовите 1 и 2 од Уставот, бидејќи сопственикот на акциите од член 138 став 5 од Законот чии акции се на продажба бил во нееднаква положба на пазарот во однос на банката како продавач на акциите од член 148 став 9 од Законот чии акции, исто така, биле на продажба.

Подносителот на иницијативата наведува дека со образложението дадено во оваа иницијатива, смета дека има основ за поинакво одлучување од Решението на Уставниот суд У. бр. 138/2008, поради што предлага Уставниот суд да ја прифати иницијативата и да поведе постапка за оценување на уставноста на член 138 став 5 од Законот за банките и да донесе одлука со која одредбата ќе ја поништи.

3. Судот на седницата утврди дека според член 138 став 5 од Законот за банките, ако на јавната берзанска аукција никој не ја прифати почетната цена, на следната јавна берзанска аукција акциите ќе се понудат по цена која е за 10% пониска од почетната и ќе се продолжи со намалување на продажната цена за уште 10% се додека еден или повеќе инвеститори не изјават спремност за купување на понудените акции.

4. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот на Република Македонија и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеите 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У. бр. 138/2008, помеѓу другото, не повел постапка за оценување на уставноста на член 138 од Законот за банките. Ова затоа што, според Судот, од оспорената одредба произлегувало дека законодавецот определил наведените акции да се продаваат по пат на јавна берзанска аукција, согласно со правилата на овластена берза од Комисијата за хартии од вредност, со што се овозможува транспарентност на постапката и примена на правилата на организиран пазар на хартии од вредност во Република Македонија, што значи можност преку понуда и побарувачка на берзата, да се постигне пазарна вредност на акциите. Законското определување на почетната цена на акциите како просек на официјалната дневна просечна цена на акциите во последните три месеци пред денот на донесувањето на одлуката од страна на гувернерот за продажба на акциите, односно определувањето дека почетната цена на акциите е нивната книговодствена вредност, доколку во последните три месеци пред донесувањето на одлуката за нивната продажба немало трансакции со акциите кои се предмет на продажба, како и законската определба за намалување на почетната цена на акциите доколку никој не ја прифати понудената цена на акциите, е само основа за отпочнување на продажбата на акциите по цена која е најблиску до пазарните услови, при што, од реалната понуда и побарувачка на акциите на берзата зависи постигнувањето на пазарната цена на акциите. Поради тоа, Судот ги оценил како неосновани наводите во иницијативата дека со намалувањето на почетната цена на акциите на начин утврден со наведениот член, се обезбедувал надоместок понизок од пазарната вредност, затоа што правилата на берзанско работење обезбедуваат токму услови за постигнување пазарна вредност на акциите како хартии од вредност. Тргнувајќи од наведеното, Судот не го поставил прашањето за согласноста на член 138 од Законот за банките со член 30 став 4 од Уставот.

Со новодоставената иницијатива се оспорува член 138 став 5 од Законот за банките, од истите причини поради кои бил оспорен овој член во целина во претходната иницијатива по која Судот расправал и по која оценил дека нема елементи на неуставност. Според Судот, причините и аргументите изнесени во новодоставената иницијатива не се од влијание за поинакво одлучување на Судот од она што веќе одлучил со Решението У. бр. 138/2008, поради што Судот оцени дека нема основи повторно да одлучува по оваа иницијатива и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

Наводите во иницијативата за тоа дека законодавецот имал можност со членот 138 став 5 од Законот за банките да регулира дека намалувањето на цената на акциите на јавната берзанска аукција треба да се врши на начин како е тоа уредено со Законот за трговските друштва, Законот за хартии од вредност и Правилата за тргување ма Македонската берза АД Скопје, наместо тоа да го уреди на посебен начин како што е нормирано со оспорената одредба, претставува барање за поинаква регулатива од постојната законска регулатива, што е прашање во надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд.

Наводите во иницијативата за неоснованоста на пропишувањето на различни законски решенија во Законот за банките при продажба на акции на јавни берзански аукции при преземање мерки од страна на гувернерот заради непочитување на прописите со кои е уредено банкарското работење, претставува барање за оцена на меѓусебна согласност на одредбите од ист закон, што не е прашање за кое е надлежен Уставниот суд, поради што Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 на Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата и во овој дел.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.114/2009
1 јули 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски