Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 24 јуни 2009 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за исплата на платите во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија„ бр.161/2008) во целина и посебно делот
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение. Според подносителот на иницијативата оспорениот закон спротивно ги поставувал работите, што не било во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, затоа што во целиот текст на Законот се бришел зборот „нето“ освен во членот 9 (член 4 од оспоре-ниот Закон). Тоа значело дека темелно се менувале работите, од каде подносителот на иницијативата смета дека тоа можело да се направи само со нов закон, но не и со изменување и дополнување на Законот, кое нешто пак можело да се заклучи и од натамошниот тек на иницијативата.
Понатаму во иницијативата се цитира членот 1 став 1 од оспорениот Закон и посебно се означува неговиот дел: „и превоз до и од рабоата“ па се наведува дека „тука посебно се појавувал про-блемот околу износот на трошоците поврзани со работа по основ на превоз до и од работа, бидејќи сите лица ова право не го користат, затоа што еден поголем дел од вработените живеат блиску до своето работно место“. Затоа, подносителот на иницијативата заклучува дека на тие работници на кои не им се засметувале трошоците поврзани со работа по основ на превоз до и од работа, за тој износ нивната осно-вица за пензија немало да им биде пресметана, што, според него, значело оштетување на работниците и непоставување во рамно-правен и еднаков однос со другите на кои истите трошоци ќе им се засметале, на кој начин се повредувал членот 9 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека, според член 1 од оспорениот Закон, во Законот за исплата на платите во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/94, 62/95, 33/97, 50/2001, 26/2002, 46/2002, 37/2005 и 121/2007), членот 3 се менува и гласи:
“Работодавачот од членот 2 на овој закон, почнувајќи со исплатата на платите за јануари 2009 година, утврденото право на нето плата со овој закон за декември 2008 година го зголемува за износот на пресметаниот данок од плата, задолжителните социјални придонеси, согласно со пропишаните законски стапки за декември 2008 година и за износот на трошоците поврзани со работа по основа на исхрана за време на работа и превоз до и од работа, пресметани согласно со закон, колективен договор и договор за вработување.
Правото од ставот 1 на овој член, месечно може да се зголеми до 50% од остварената стапка на пораст на трошоците на живот во тековниот во однос на претходниот месец, во рамките на обезбедените средства.
По исклучок од ставовите 1 и 2 на овој член, почнувајќи со исплатата на платите од јануари 2009 година, корисниците на Буџетот на Република Македонија, јавните здравствени установи, корисниците на локалната самоуправа, буџетите на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Агенцијата за државни патишта и Агенцијата за вработување на Република Македонија, утврденото право на нето плата согласно со овој закон за декември 2008 година го зголемуваат за износот на пресметаниот данок од плата, задолжи-телните социјални придонеси, согласно со пропишаните законски стапки за декември 2008 година и за износот на трошоците поврзани со работа по основа на исхрана за време на работа и превоз до и од работа, пресметани согласно со закон, колективен договор и договор за вработување, a во рамките на обезбедените средства.”
Според членот 2 од Законот, по членот 3-а се додава нов член 3-б, според чија содржина утврденото право на плата согласно со овој закон, може да се зголеми во случаи на организациони промени кај работодавачот, промени во квалификационата структура на вработените, промени во висината на додатокот за работен стаж на вработените, со цел да не дојде до намалување на правото на плата на вработените, по претходно потврдена пресметка од мини-стерот за труд и социјална политика во согласност со министерот за финансии.“
Според членот 3 од Законот, во членот 5 бројот “65%” се заменува со бројот “50%”.
Според членот 4 од Законот, во целиот текст на Законот зборот “нето” се брише, освен во членот 9.
Според членот 5 од Законот, неисплатените плати за декември 2008 година и неисплатените плати до 31 декември ќе се исплатуваат согласно со прописите кои важеле до денот на примената на овој закон.
Во членот 6 од Законот е предвидено влегување во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македо-нија“ и негова примена со исплатата на платите за јануари 2009 година.
4. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владе-ењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, поли-тичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Тргнувајќи од анализата на оспорениот Закон произлегува дека со него се воспоставува ситемот на договарање, пресметка и исплата на бруто платите на вработените, кој започна со примена со исплатата на јануарската плата во 2009 година.
Од посебната анализа на членот 1 од Законот прои-злегува дека почнувајќи од исплатата на јануарската плата за 2009 година законодавецот предвидел утврденото право на нето плата со овој закон за декември 2008 година да се зголеми за износот на пресметаниот данок од плата, задолжителните социјални придонеси, согласно со пропишаните законски стапки за декември 2008 година и за износот на трошоците поврзани со работа по основа на исхрана за време на работа и превоз до и од работа, пресметани согласно со закон, колективен договор и договор за вработување. Според тоа, во прашање е регулатива која предвидува зголемување на утврдениот износ на нето платата со износот на наведените даноци, придонеси и трошоци, меѓу кои и трошоците поврзани со превоз до и од работа, пресметани согласно со закон, колективен договор и договор за вработување, при што корисниците означени во ставот 3 на истата одредба пресметката ја вршат во рамките на обезбедените средства. Очигледно од оваа одредба е дека трошоците за превоз до и од работа се составен дел на претходно утврдената нето плата на вработените опфатени со Законот.
Со оглед на тоа што од содржината на одредбата не произлегува декав е оставена можност утврдениот износ на нето плата за декември 2008 година да не се зголеми за трошоците поврзани со превоз до и од работа, произлегува дека се несоновани наводите на подносителот на иницијативата дека се појавувал проблем околу износот на трошоците поврзани со работа по основ на превоз до и од работа, од причина што сите лица ова право не го користеле, бидејќи еден поголем дел од вработените живееле блиску до своето работно место.
Од друга страна констатацијата на подносителот на иницијативата за постоење на поголем број на лица на кои износот на трошоците поврзани со превоз до и од работа не го користеле, како и тоа дека бројот на ваквите лица е поголем, Судот го цени како паушален навод кој навлегува во примената на Законот и како навод кој во никој случај не е заснован на релевантен статистички или други показатели. Ова и од причина што оспорениот Закон и посебно оспорениот дел од член 1 став 1 од Законот не оставаат можност во бруто платата да не влезат наведените трошоци, па нејасно е од каде подносителот на иницијативата го влече таквиот заклучок. Напротив предвидено е зголемување на нето платата утврдена за декември 2008 година, меѓу другото и за трошоците поврзани со превоз до и од работа.
Според оцена на Судот, определбата на законодавецот да пристапи кон измена и дополнување на Законот заради воспо-ставање на ситемот на договарање, пресметка и исплата на бруто платите на вработените, наместо тоа да го направи со сосема нов закон е прашање на техника на изготвување на законските текстови или уште повеќе на целисходност за уредување на одредено праша-ње за кое Уставниот суд, согласно член 110 од Уставот не е надлежен да одлучува.
Судот, со цел да утврди во што се состои „спротивноста“ во определбата на законодавецот со оспорениот Закон да го избрише зборот „нето“ освен во членот 9 (член 4 од оспорениот Закон), направи увид во содржината и на членот 9 (не е оспорен со иницијативата) од основниот текст на Законот, кој гласи:
„Работодавецот може да врши исплата на надоместоците кои имаат карактер на заедничка потрошувачка и материјални расходи и тоа најмногу до:
– 60% за регрес за годишен одмор и
– двократен износ за отпремнина при заминување на работникот во пензија.
Надоместоците од ставот 1 на овој член се пресметуваат врз основа на просечната месечна нето плата по работник во Републиката објавена до денот на исплатата.
Надоместокот од ставот 1 алинеја 1 на овој член се исплатува еднаш во текот на годината. Доколку надоместокот се исплатува во два дела, вкупниот износ не може да биде повисок од правото утврдено при првата исплата.“
Од содржината на оваа одредба произлегува дека се во прашање надоместоци кои се сосема различни од правото на плата, како и тоа дека не се поврзани со формирањето на пензиската основица, како што погрешно смета подносителот на иницијативата, бидејќи истите имаат карактер на заедничка потрошувачка и мате-ријални расходи чија пресметка се врши по сосема друг основ. Според тоа, надоместокот за отпремнина при заминување на рабо-тникот во пензија од членот 9 став 1 алинеја 2 од Законот не е иста правна категорија со правото на плата или со пензиската основица. Од значење за висинатата на отпремнината при заминување на работникот во пензија е само просечната месечна нето плата по работник во Републиката објавена до денот на исплатата.
Судот, врз основа на сето наведено, оцени дека оспорениот закон во целина и посебно делот: „и превоз до и од рабоата“ од член 1 став 1 од Законот се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.30/2009
24 јуни 2009 година
С к о п ј е
м.л.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски