88/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеа 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 јуни 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 203 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1993, 3/1994, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 49/1997, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005, 84/2005, 101/2005, 70/2006, 153/2007, 152/2008 и 161/2008).

2. Велика Пешова од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на членот 203 од Законот означен во точка 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, бришењето на член 203 од Законот за пенсикото и инвалидското осигурување било во спротивност се членовите 9, 34, 35 став 1 и 52 став 4 од Уставот на Република Македонија, бидејќи индивидуални земјоделци не биле еднакви пред Уставот на Република Македонија.

Имено, по бришењето на член 203 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, повеќе индивидуални земјоделци кои сега ги исполнувале условите за пензија биле обесправени и не можеле да остварат право на старосна, инвалидска или семејна пензија затоа што во стаж на осигурување не им се
сметале платените придонеси за пензиско и инвалидско осигурување согласно Законот за старосно осигурување на земјоделците, односно стажот за осигурување што го имале до 1989 година.

Поради изнесеното, подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот член 203 од Законот.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 203 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување во време на неговото важење по денот на почетокот на примената на овој закон, на индивидуалните земјоделци кои на денот на поднесеното барање го имаат овој статус заради исполнување на минималните услови за остварување право на старосна, инвалидска или семејна пензија, во стаж на осигурување им се смета и времето поминато во осигурување според Законот за старосното осигурување на земјоделците, ако придонесот за тоа осигурување е платен во време на важењето на тој закон.

4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со членот 52 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 153/2007) членот 203 е избришан.

Со оглед на тоа што членот 203 од Законот веќе не постои во правниот поредок, Судот согласно наведената деловничка одредба, иницијативата за оценување на уставноста на членот 203 од Законот поради процесни пречки за одлучување по неа одлучи да ја отфрли.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.88/2009
24 јуни 2009 година
С к о п ј е
ви.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски