138/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 јуни 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување на Законот за празниците на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2007).

2. Риза Имери од Кичево на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со Законот за изменување на Законот за празниците на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2007) се повредувал членот 9 од Уставот на Република Македонија бидејќи со истиот припадниците на православната вероисповест имале пет неработни дена, а припадниците на муслиманска вероисповест само еден неработен ден. Со овој Закон, исто така, според подносителот на иницијативата се дозволувало ограничување на слободите и правата по однос на јазик, вера и национално потекло, што било спротивно на член 54 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 1 од Законот за изменување на Законот на празниците на Република Македонија, во Законот за празниците на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 21/98), членот 2 се менува и гласи:

“Државни празници на Република Македонија се:
– 24 Мај, “Св. Кирил и Методиј” – Ден на
сесловенските просветители;
– 2 Август, Ден на Републиката;
– 8 Септември, Ден на независноста;
– 11 Октомври, Ден на народното востание;
– 23 Октомври, Ден на македонската револуционерна
борба и
– 8 Декември, “Св. Климент Охридски”.

Празници на Република Македонија се:
– 1 Јануари, Нова година;
– Божик, првиот ден на Божик, 7 јануари според
православниот календар;
– Велигден, вториот ден на Велигден според
православниот календар;
-1 Мај, Ден на трудот и
– Рамазан Бајрам, првиот ден на Рамазан Бајрам.”

Според членот 2 од Законот, ченот 4 се менува и гласи:
“Во Република Македонија се празнуваат и неработни денови за верниците од православната вероисповест се:
– Бадник, ден пред Божик;
-19 Јануари, Богојавление (Водици);
– Велики Петок, петок пред Велигден;
– 28 Август, Успение на Пресвета Богородица (Голема
Богородица) и
– Духовден, петок пред Духовден.

Во Република Македонија се празнуваат и неработни денови се:
– Курбан Бајрам, првиот ден на Курбан Бајрам за
верниците од муслиманската вероисповест;
– 22 Ноември, Ден на албанската азбука за припадниците
на албанската заедница;
– 21 Декември, Ден на настава на турски јазик за припадниците на турската заедница;
– Јом Кипур, првиот ден на Јом Кипур за припадниците на еврејската заедница;
– првиот ден на Божик, вториот ден на Велигден и Празникот на сите светци, според Грегоријанскиот календар за верниците од католичката вероисповест;
– 27 Јануари, Свети Сава за припадниците на српската заедница;
– 8 Април, Меѓународен ден на Ромите за припадниците на ромската заедница;
– 23 Мај, Национален ден на Власите за припадниците на влашката заедница и
– 28 Септември, Меѓународен ден на Бошњаците за припадниците на бошњачката заедница. ”

Во членот 3 од Законот е определено дека Законот влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основа за поинакво одлучување.

Оспорениот закон во целина бил предмет на оценување на Уставниот суд на Република Македонија по однос на неговата согласност со одредби од Уставот од аспект на наводите во иницијативата и Судот со Решение У.бр.52/2008 од 12 ноември 2008 година не повел постапка за оценување на уставноста на Законот.

Имено, според ставот на Судот предвидувањето во Законот, различни денови да се неработни и да се празнуваат од страна на различни верски заедници е токму во суштина обезбедување еднаквост на граѓаните по верска основа преку славење на своите, но и покажување почит кон славењето на туѓите вредности, што е во согласност со членот 9 од Уставот. Оттаму, произлегува дека припадниците на различни верски заедници имаат различни вредности во кои веруваат или, пак, веруваат во исти вредности но со различен приоритет, како и тоа дека таквата содржинска различност предизвикува различно манифестирање на верувањето, односно имаат различни денови на славање на верските вредности кои се утврдени во оспорените законски одредби.

Тргнувајќи од изнесеното, а имајќи ги предвид изнесените уставни и деловнички одредби, бидејќи подносителот на иницијативата изнесува исти основи и наводи и во однос на исти одредби од Уставот, Судот оцени дека во конкретниов случај не постојат основи за поинакво одлучување по однос на иницијативата во овој предмет.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.138/2009
24 јуни 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски