41/2009-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 17 јуни 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 4 став 1 точка 10 и член 14 став 1 точка 4 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 142/2008)

2. Адвокатот Ангеле Илиевски од Скопје и други 30 адвокати од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителите на иницијативата, од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување (член 4 став 1 точка 10, член 7 став 1 точките 1 и 5, член 10 став 1 точките 1 и 3 и член 14 став 1 точка 4) и од неговата примена (член 18 ставовите 1 и 2 и член 19), јасно произлегувало дека лицата кои се занимаваат со адвокатура, законодавецот ги категоризирал како самовработени лица, кои имаат обврска за пресметка и плаќање придонеси за социјално осигурување во износ од две просчни плати во Републиката објавен во тековниот месец. Меѓутоа, за подносителите на иницијативата, адвокатите не биле лица кои спаѓаат во категоријата самовработени лица кои вршат професионална и друга интелектуална услуга од која се остварува приход. Ова затоа што согласно член 53 од Уставот, адвокатурата била самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши други јавни овластувања во согласност со закон. Со тоа се искажувала јасната определба дека правната помош дадена од стручно-квалификувана, самостојна и независна служба била основна гаранција за остварување и заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Во функција на операционализацијата на оваа уставна определба, со член 2 став 1 од Законот за адвокатурата, адвокатурата била утврдена како самостојна и независна јавна служба која обезбедува и дава правна помош согласно со овој и со друг закон. Според член 5 на истиот закон, самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба се остварувала со слободно и независно вршење на адвокатската дејност, слободен избор на адвокатот, организирање на адвокатите во Адвокатска комора и нејзино финансирање, автономно донесување на акти за работа на Адвокатската комора и нејзините органи и запишување и бришење од Именикот на адвокатите, Именикот на адвокатските стручни соработници, Именикот на адвокатските приправници и донесување кодекс на адвокатската етика. Од наведените законски одредби произлегувало дека адвокатурата не можело да се подведе под содржината на поимникот од член 4 став 1 алинеја 10 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, бидејќи било очигледно дека адвокатурата не претставувала економска дејност или професионална и друга интелектуална услуга од која се остварува приход.

Според подносителите на иницијативата, постоела јасна теориска и поимна дистинкција, односно разграничување што е јавна служба, а што е услуга и услужна дејност. Под јавна служба се подразбирале пренесени јавни функции од државата што се вршеле во интерес на општеството како целина, а поимот на услуга и услужна дејност подразбирал стручна услуга, односно дејност што се вршела во интерес на граѓаните. Произлегувало дека суштествената разлика помеѓу нив била таа што првите или јавната служба, го носела обележјето на јавни функции пренесени од државата, а другите, односно услугите, ги карактеризирала исклучиво стручноста и тие немале карактер на јавност.

Тргнувајќи од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија за владеењето на правото и за поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и принципот за утврдување на правата и обврските на граѓаните и другите правни лица исклучиво со закон, подносителите на иницијативата сметаат дека посебните права на адвокатите по прашањето за плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување не можеле да бидат уредени на ваков начин, бидејќи со таквата законска регулатива само се создавала конфузија, недоследност и несигурност на целиот правен систем.

Врз основа на наведеното, се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби, во делот со кој се утврдувало дека адвокатурата не претставува економска дејност или професионална и друга интелектуална услуга од која се остварува приход, а основица за плаќање придонеси за социјално осигурување не бил износот на две просечни плати, на кој начин се повредувале член 51 и член 53 од Уставот.

Исто така, се предлага Уставниот суд, до донесување на одлука по иницијативата, да определи мерка со која ќе ја одложи примената на оспорените одредби, со што ќе се обезбеди единствена примена и спречување на поголема материјална штета за адвокатите.

3. Судот на седницата утврди дека според член 4 точка 10 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 142/2008), под поимот „самовработено лице“ во смисла на овој закон, се подразбира физичко лице кое врши самостојна економска дејност или професионална и друга интелектуална услуга од која се остварува приход, во согласност со овој закон.

Според член 14 став 1 точка 4 од истиот закон, основица за пресметка и плаќање на придонеси е износот од две просечни плати во Републиката објавена во тековниот месец за самовработено лице кое врши професионална и друга интелектуална услуга и лице од членот 7 став 1 точки 10 и 11 на овој закон.
Судот, исто така, утврди дека по поднесувањето на иницијативата, донесен е Закон за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 64/2009), со кој е изменета содржината на оспорениот член 14 став 1 точка 4 од Законот.
По извршената измена , член 14 став 1 точката 4 гласи:
„ месечната аконтација на нето приходот, односно на паушално утврдениот нето приход на кој се плаќа данок, согласно Законот за персонален данок на доход, за самовработено лице.“

4. Согласно член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето или ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 142/2008 и 64/2009), се уредуваат видовите на придонеси за задолжително социјално осигурување, обврзниците за плаќање на придонеси, обврзниците за пресметка и уплата на придонеси, основиците на кои се плаќаат придонеси, стапките на придонеси, начинот на пресметка, роковите на плаќање на придонеси, контрола на пресметување и уплата на придонеси, како и други прашања кои се значајни за утврдување и плаќање на придонесите (член 1).

Во член 4 од овој закон е утврден поимник, односно значењето на поимите кои се употребуваат во овој закон, и тоа:
1. „Обврзник за плаќање на придонеси“ е осигуреникот во чие име и за чија сметка се плаќаат придонесите;
2. „Обврзник за пресметка и уплата на придонесите“ е работодавач, самовработено лице, индивидуален земјоделец, верско службено лице, државна институција, орган или организатор кој има обврска на товар и за сметка на обврзникот за плаќање на придонеси да ги пресмета, задржи и уплати придонесите;
3. „Осигуреник“ е физичко лице задолжително осигурено според законите кои го уредуваат системот на задолжително социјално осигурување;
4. „Работодавач“ е правно и физичко лице, како и друг субјект (орган на државна власт, орган на единица на локалната самоуправа, подружница на странско друштво, дипломатско и конзуларно претставништво), кое вработува работници врз основа на договор за вработување;
5. „Плата“ е плата утврдена согласно со закон, колективен договор и договорот за вработување;
6. „Дополнителни примања од работен однос“ се исплатите по основ на деловна успешност на работодавачот и надоместоци на плата утврдени со Законот за работните односи и колективен договор;
7. „Исплата по основ на деловна успешност“ претставува делот кој вработениот го добива по основ на деловна успешност на работодавачот;
8. „Надоместок на плата“ претставува делот кој вработениот го добива по различни основи утврдени со Законот за работните односи и колективен договор;
9. „Институции за задолжително социјално осигурување“ се Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, Фондот за здравствено осигурување на Македонија и Агенцијата за вработување на Република Македонија;
10. „Самовработено лице“ е физичко лице кое врши самостојна економска дејност или професионална и друга интелектуална услуга од која остварува приход, во согласност со закон;
11. „Индивидуален земјоделец“ е лице на кого земјоделската дејност му е единствено занимање и koe остварува приход по основ на вршење на земјоделска дејност;
12. „Припадник на монашки и други верски редови и верско службено лице“ е лице вршител на верски обреди и други верски работи согласно со закон и прописите на верската заедница;
13. „Најниска месечна основица“ е најнискиот износ на кој се пресметуваат и плаќаат придонеси;
14. „Највисока месечна основица“ е највисокиот износ до кој се пресметуваат и плаќаат придонеси;
15. „Просечна месечна плата“ е просечен износ на месечна заработка исплатен по вработен во Република Македонија, согласно со објавените податоци на Државниот завод за статистика и
16. „Странец“ е лице кое не е државјанин на Република Македонија и лице без државјанство.

Со член 14 став 1 од Законот се утврдува основицата за пресметка и плаќање на придонесите, при што со точката 4 се утврдува дека оваа основица за самовработено лице изнесува месечната аконтација на нето приходот, односно на паушално утврдениот нето приход на кој се плаќа данок, согласно Законот за персонален данок на доход.

Според член 28 став 3 од Законот за персоналниот данок на доход („Службен весник на Република Македонија“, бр. 80/1993, 3/1994, 70/1994, 71/1996, 28/1997, 8/2001, 50/2001, 2/2002, 44/2002, 96/2004, 120/2005, 52/2006, 139/2006, 160/2007, 159/2008 и 20/2009), под приходи од професионални и други интелектуални услуги се подразбираат приходите од здравствена, стоматолошка, ветеринарна, адвокатска, нотарска, консултантска, ревизорска, инженерска, архитектонска, новинарска, спортска, културна и друга интелектуална дејност.

Од анализата на наведените законски одредби, како и од целината на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, произлегува дека законодавецот не ги определил лицата кои пружаат адвокатски услуги како посебна категорија на осигуреници кои имаат обврска за плаќање на придонес за задолжително пензиско и инвалидско осигурување. Меѓутоа, со Законот за персоналниот данок на доход, на кој упатува законодавецот при определувањето на основицата за пресметка на придонеси за самовработените лица, неспорно е утврдено дека под приходи од професионални и други интелектуални услуги се подразбираат и приходите од адвокатската дејност, од каде произлегува дека лицата кои вршат адвокатска дејност плаќаат придонеси од задолжително здравствено осигурување како самовработени лица, што пак, од друга страна, упатува на констатација дека нема основ тврдењето во иницијативата дека ваквото законско уредување во Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, создавало конфузија, недоследност и несигурност на целиот правен систем.

Наводите во иницијативата за потребата и основаноста за тоа адвокатите да бидат прикажани како посебна категорија на осигуреници кои вршат јавни овластувања во согласност со закон, различна од категоријата на самовработени лица кои пружаат стручни услуги на граѓаните, во суштина претставува барање за тоа законодавецот да го уреди ова прашање на начин различен од постојниот. Тоа практично значи дека одредбата од член 4 став 1 точка 10 од Законот не се оспорува поради нејзината постојна содржина, туку се оспорува поради содржина која ја нема и всушност се бара законската одредба да се измени и дополни така како што смета подносителот на иницијативата, што е прашање во надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд.

Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби, содржината на оспорениот член 4 став 1 точка 10 од Законот и причините за нејзиното оспорување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата во овој дел.
Со оглед дека со Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 64/2009), е изменет оспорениот член 14 став 1 точка 4 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, кој се оспорува со иницијативата, произлегува дека оспорената одредба од Законот има друга содржина, различна од оспорената, односно дека оспорената одредба во текстот во кој се оспорува не е повеќе дел од правниот поредок на Република Македонија.
Тргнувајќи од фактот дека со иницијативата се оспорува одредба која не е дел од правниот поредок на Република Македонија, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата во тој дел и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.41/2009
17 јуни 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски