263/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 3 јуни 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 14 став 7 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост (“Службен весник на Република Македонија” број 4/05 и 165/08).

2. Тодор Апостолоски од Прилеп, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точка 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, членот 14 став 7 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, бил спротивен на членот 30 став 3 од Уставот на Република Македонија, бидејќи не дозволувал тој со трансформацијата на земјиште од корисничко во сопственичко право, да стане сопственик на земјиштето на кое имал корисничко право врз основа на Договор за доживотна издршка на кој претходел Договор за купопродажба на недвижен имот и пренос на право на трајно користење на градежно земјиште, со платен надоместок на продавачот, а уште понелогична за подносителот била околноста што на дел од таа парцела која била предвидена за проширување на постојна сообраќајница, ќе му се утврдел долготраен закуп до реализација на соодветниот акт за планирање на просторот. Поради временската неизвесност за тоа кога делот од парцелата на која подносителот имал корисничко право требало фактички да се реализира во сообраќајница, неизвесно било и времето до кога ќе плаќал закупнина, поради што подносителот на иницијативата бара да се поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба.

3. Судот на седницата утврди дека Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, во делот на основните одредби со членот 1 определил дека со овој закон се уредува приватизацијата, долготрајниот закуп, времениот закуп, одземањето и престанувањето на правото на користење на градежното земјиште во државна сопственост, на кое право на користење имаат физички и правни лица.

Судот, исто така утврди дека во член 2 точките 3 и 4 од Законот, дефинирана е приватизацијата на градежното земјиште и истата претставува стекнување на право на приватна сопственост на градежното земјиште во државна сопственост на кое право на користење имаат физички и правни лица, кои правото на користење на градежно земјиште во државна сопственост го стекнале со правна основа.

Според членот 3 став 1 од Законот, регулирана е и должноста на физичките и правните лица, корисници на градежно земјиште во државна сопственост, под услови, на начин и во постапка утврдени со одредбите од овој закон, да поднесат барање за стекнување на право на сопственост, долготраен закуп и времен закуп на градежно земјиште во државна сопственост.

Предмет на приватизација согласно членовите 6, 6-а и 7 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, може да биде градежно изградено и градежно неизградено земјиште, а предмет на приватизација не може да биде градежното земјиште во општа употреба (јавни плоштади, улици, сообраќајници, паркови и јавно сообраќајни-површини), градежното земјиште кое со актите за планирање на просторот е наменето за добро во општа употреба, градежното изградено земјиште на кое се изградени станови, деловни простории, визби, гаражи и други посебни делови од станбени и деловни згради што имаат два или повеќе станови, односно деловни простории и други посебни делови кои се во сопственост на различни физички или правни лица (етажна сопственост) и градежно неизградено земјиште во државна сопственост кое физички или правни лица го користат врз основа на закуп, заради поставување-изградба на времени објекти или други намени.

Градежното земјиште во државна сопственост, може да се приватизира од државна сопственост во сопственост на домашни физички и правни лица корисници на градежното земјиште, како и на странски физички и правни лица корисници на градежно земјиште согласно со одредбите на овој закон и Законот за сопственост и други стварни права.

Во членот 14 од Законот, е утврден начинот на приватизација на градежното земјиште во државна сопственост, а истото може да се приватизира во целост или во дел.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, како темелна вредност на уставниот поредок е утврден принципот на владеењето на правото.

Според членот 30 став 3 од Уставот, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според членот 14 став 7 од Законот приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, градежното земјиште на кое постои право на користење, а не може да се приватизира заради тоа што влегува во друга градежна парцела, може да се даде во долготраен закуп до реализација на детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место.

Од содржината на оваа законска одредба произлегува дека градежното земјиште, кое според актите за планирање на просторот влегува во друга градежна парцела поради што и не може да се приватизира, законодавецот предвидел можност истото да се даде на долготраен закуп до реализација на детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место. Правото на законодавецот да ја определува политиката на приватизацијата, а во тие рамки и да ги определи начинот, условите и обемот на земјиштето кое ќе биде предмет на приватизација, не излегува надвор од рамките на уставните вредности на кои се повикува подносителот на иницијативата.

Околноста што подносителот смета дека корисничкото право го стекнал со правна работа за кое според неговите наводи бил платен надоместокот, не е предмет на оцена на овој Суд, туку на органите надлежни за спроведување на постапката за приватизација на градежното земјиште во државна сопственост.

Во конкретниот случај исто така, не може да стане збор за ограничување на правото на сопственост загарантирано со членот 30 став 3 од Уставот на Република Македонија, бидејќи градежното земјиште кое е предмет на приватизација, вклучувајќи го и градежното земјиште на кое право на користење има подносителот на иницијативата, е во државна сопственост и не може да стане збор за ограничување на сопственоста.

Во членот 16 од Законот е предвидено дека градежното земјиште на кое постои право на користење на физички лица-поранешни сопственици на градежното земјиште, се приватизира од државна сопственост во сопственост на поранешните сопственици, при што за приватизацијата на градежното земјиште поранешните сопственици немаат обврска да платат надомест за приватизација. Оттука, во имплементацијата на Законот треба да се ценат условите за примената на оваа законска одредба која на корисниците со статус на поранешни сопственици на градежното земјиште им е обезбедена приватизација без надомест, а со тоа и без обврска за плаќање закуп, но тоа е прашање на имплементација на Законот, а неговото спроведување не е прашање од надлежност на Судот.

Поради изнесеното, Судот смета дека нема основ за поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од Законот за приватизација и закуп на градежното земјиште.

5. Врз основа на напред изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 263/2008
03 јуни 2009 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски