Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 3 јуни 2009 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 73 став 1 алинеја 5 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2006 и 35/2008).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 на ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорената одредба се однесувала генерално за сите судии во случај кога се осудени за сторени кривични дела и за кои им била изречена казна затвор од најмалку шест месеци, без оглед на видот на кривичното дело и неговата природа. Со оспорената одредба од Законот се ограничувало, по сила на закон, правото на едно лице да продолжи да ја врши судиската функција и во случаи кога кривичното дело за кое тоа лице е осудено не е во никаква врска со вршењето на оваа функција, па оттука формулацијата на оспорената одредба била непрецизна и нејасна и како таква не обезбедувала правна сигурност на граѓаните, како еден елемент на уставниот принцип на владеењето на правото. Поради овие причини, подносителот на иницијативата смета дека со оспорената законска одредба се повредувал член 8 став 1 алинејите 3 и 4, член 9 став 2, член 13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија, и предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на член 73 став 1 алинеја 5 од Законот за судовите.
3. Судот на седницата утврди дека согласно членот 73 став 1 алинеја 5, на судијата му престанува судиската функција, ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеца.
4. Согласно членот 8 став 1 алинеите 1 и 3 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото.
Согласно членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Со одредбата од членот 13 став 1 од Уставот е определено дека лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.
Со членот 14 став 1 од Уставот е определено дека никој неможе да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.
Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.
Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност. Според ставот 2 на истио член од Уставот, секому, под еднакви услови му е достапно секое работно место.
Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите морааат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а според ставот 3 на истиот член од Уставот, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.
Според Амандман XXV со кој е заменет членот 98 од Уставот, судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Забранети се вонредни судови. Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите како и постапката пред нив се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Според Амандман XXVI од Уставот со кој е заменет ставот 3 на членот 99 од Уставот на Република Македонија, на судијата му престанува судиската функција:
– ако тоа сам го побара,
– ако трајно ја загуби способноста за вршење на судиската функција, што го утврдува Судскиот совет на Република Македонија,
– ако ги исполни условите за старосна пензија,
– ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеца и
– ако е избран или именуван на друга јавна функција, освен кога судиската функција мирува под услови утврдени со закон.
Уставните одредби за судството се операционализирани во Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2006 и 35/2008) кој ги уредува видовите, надлежноста, организацијата на судовите, како и статусот на носителите на судиската функција односно судиите.
Законот за судовите ги утврдува општите и посебните услови за избор на судиите, а во поглед на основите за престанокот на судската функција Законот за судовите речиси во целост ги презема уставните одредби. Тоа значи дека и оспорената одредба од членот 73 став 1 алинеја 5 од Законот за судовите која предвидува престанок на судиската функција поради осуда со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеца, всушност е идентична со уставната одредба од точка 1 алинеја 4 од Амандманот XXVI на Уставот.
Според подносителот на иницијативата со оспорената одредба се ограничувало, по сила на закон, правото на едно лице да продолжи да ја врши судиската функција во случаи кога кривичното дело за кое тоа лице е осудено не е во никаква врска со вршењето на оваа функција и како таква била нејасна и непрецизна.
Ваквото толкување на оспорената одредба според оценката на Судот не е во согласност со Уставот, од причина што директна основа за ваквата одредба во Законот е уставната одредба од точка 1 алинеја 4 од Амандманот XXVI на Уставот, со која всушност се пропишува правна последица од осудата која настапува по сила на Уставот.
Во врска со уставниот третман на правните последици од осудата кои како посебен правен институт се познати и во правната наука и правните системи и на некои други земји, Уставот на Република Македонија нив не ги уредува на експлицитен начин, односно со ниту една одредба изречно не ги дозволува, ниту пак ги забранува.
Меѓутоа, тоа не значи дека Уставот на Република Македонија воопшто не ги познава правните последици и не ги дозволува. Напротив, во самиот Устав се содржани конкретни решенија кои посредно упатуваат токму на спротивното, а тоа се решенијата на членот 65 ставовите 2 и 3, членот 99 став 3 алинеја 4, односно на Амандман XXVI на Уставот на Република Македонија, со чија точка се заменува ставот 3 на овој член од Уставот, како и членот 111 став 4 од Уставот. Имено, од овие одредби на Уставот произлегува дека всушност самиот Устав пропишува правни последици од осудата затоа што престанувањето на мандатот на пратеникот или одземањето на неговиот мандат кога тој е осуден за кривично дело предвидено во член 65 ставовите 2 и 3, како и разрешувањето на судија на Уставниот суд или на друг суд ако е осуден за кривично дело предвидено во точка 1 алинеја 4 од Амандманот XXVI , односно член 111 став 3 од Уставот, и по вид и по карактер се правни последици од осудата што настапуваат по сила на Уставот.
Тргнувајќи од тоа дека правните последици од осудата не се забранети со Уставот на Република Македонија, законодавецот општите правила и рамки за нивно пропишување ги утврдил во Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008 и 139/2008) во кој во посебна глава е уредено настапувањето, почетокот и траењето на правните последици. Така, во членот 101 став 1 од Кривичниот законик е утврдено дека правните последици од осудата што се надоврзуваат на осудите за определени кривични дела, може да настапат само кога за кривично дело на сторителот му е изречена казна затвор. Според ставот 2 на овој член, правни последици можат да се предвидат само со закон.
Според членот 102 од Кривичниот законик правните последици од осудата настапуваат со денот на правосилноста на пресудата (став 1), правните последици од осудата што се состојат во забрана на стекнување на определени права траат најдолго десет години од денот на издржаната, простената или застарената казна (став 2) и правните последици од осудата престануваат со бришење на осудата (став 3).
Од наведените одредби на Кривичниот законик јасно произлегува дека правните последици од осудата се предвидуваат со закон, дека тие се состојат во забрана на стекнување на определени права и дека еден од основите за нивно престанување е бришењето на осудата од казнената евиденција.
Од наведените законски одредби, како и од означените одредби на членовите 65 и 99 чиј став 1 е заменет со Амандман XXVI на Уставот, како и членот 111 од Уставот, исто така, произлегува дека правните последици било во вид на губење на определени права или забрана на стекнување определени права, настапуваат со денот на правосилноста на пресудата.
Фактот што оваа одредба се однесува генерално за сите судии во случај кога се осудени за кривично дело на казна затвор од најмалку шест месеци без оглед на видот на кривичното дело и неговата природа (што за подносителот е спорен), според мислењето на Судот, произлегува од легитимното правото на уставотворецот да ги определува условите за вршење и престанок на вршењето на најзначајните функции во државата, како што се функциите пратеник и судија, и во таа смисла да ја определи осудуваноста за кривично дело како основ за престанок на овие функции. Во однос на судиската функција, од содржината на наведената уставна одредба со која е идентична оспорената одредба,
произлегува дека интенцијата на уставотворецот била судиската функција во Република Македонија да можат да ја вршат само неосудувани лица. Со оглед на тоа што се работи за уставна определба, законодавецот бил должен истата да ја почитува и во Законот за судовите можел одредбата само да ја препише (што и го сторил), а не и да ја операционализира.
Иако со повеќе одлуки Уставниот суд укинал слични одредби од други закони (на една од нив, У.бр. 87/2008 од 4 февруари 2009 година, упатува подносителот во иницијативата), Судот оцени дека не може да се прави паралела помеѓу овој предмет и останатите предмети, токму од причина што во овој случај станува збор за судиска функција што е јавна функција за која што основите за престанок се утврдени во самиот Устав, а не и за други функции чие што вршење и престанок се уредуваат со закон.
Според мислењето на Судот, во конкретниот случај не станува збор за повреда ниту на принципот на презумција на невиноста на лицето утврден во член 13 став 1 од Уставот, ниту на начелото на законитост во казненото право изразено преку забраната за казанување утврдена во член 14 став 1 од Уставот, на кои се повикува подносителот на иницијативата. Ова од причини што оспорениот член од Законот не се однесува за лице чија вина не е утврдена со правосилна судска одлука, за какво што станува збор во член 13 став 1 од Уставот, туку напротив, се однесува за лице чија вина за определено казниво дело кое пред сторување било утврдено со закон е утврдена со правосилна судска одлука и му е изречена казна затвор која, исто така, била предвидена со закон.
Оттука, врз основа на изнесеното Судот не го постави прашањето за согласноста на член 73 став 1 алинеја 5 од Законот за судовите со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова – Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр. 73/2009
3 јуни 2009
Скопје
тјт
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски