Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 мај 2009 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 47 став 1 и член 172 став 4 алинеја 2 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.103/2008).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите 47 став 1 и 172 став 4 алинеја 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата се наведува дека оспорените законски одредби не биле во согласност со Уставот затоа што детето од шест години не било во состојба, поради психичкиот и физичкиот развој, да го совлада образованието, како што тоа можело да го стори дете од седум или повеќе години, каква пракса била и до сега. Ова од причина што според одредбите од членот 42 став 1 од Уставот на Република Македонија, Републиката посебно ги заштитувала мајчинството, децата и малолетните лица.
Според тоа, со оспорените законски одредби се повредувале член 8 став 1 алинеите 1 и 3, членовите 42 став 1, 44 и 51 од Уставот на Република Македонија. Врз основа на изнесеното се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на членовите 47 став 1 и 172 став 4 алинеја 2 од Законот за основното образование.
3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 47 став 1 од Законот, во прво одделение на основното училиште родителот е должен да го запише детето кое до крајот на календарската година ќе наполни шест години.
Според оспорениот член 172 став 4 алинеја 2 од Законот, глоба во износ од 2.500 до 3.000 евра во денарска противвредност ќе му изрече за прекршок на основното училиште ако ученикот не е запишан во рокот утврден во членот 47 став 1 од овој закон.
4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијатиата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Со Законот за основното образование се уредува задолжителното основно образование што се остварува во основните училишта, како и дејноста на основното образование како дел од единствениот воспитно-образовен систем.
Според оспорениот став 1 на членот 47 од Законот, во прво одделение на основното училиште родителот е должен да го запише детето кое до крајот на календарската година ќе наполни шест години.
Според ставот 2 на овој член од Законот, по исклучок од ставот 1 на овој член, детето може да се запише во прво одделение, доколку наполни шест годнини до 31 јануари наредната година, по претходно барање од родителот и добиено мислење од педагогот или психологот во училиштето, а во ставот 3 на овој член од Законот е утврдено дека запишувањето на детето, на барање на родителот, здравствената установа може да го одложи за една година ако се утврди дека детето не е подготвено да оди на училиште.
Подносителот на иницијативата смета дека детето од шест години не било во состојба, поради психичкиот и физичкиот развој, да го совлада образованието, како што тоа можело да го стори дете од седум години.
Имајќи ги предвид овие наводи, Судот утврди дека прашањето дали родителот детето треба да го запише кога ќе наполни шест или, пак, седум години возраст во прво одделение на основното училиште во зависност од физичкиот и психичкиот развој на детето, не е прашање од уставен карактер, туку прашање на целисходност за кое одлучува Собранието на Република Македонија .
Имено, законодавецот несомнено има право да утврдува определена политика, во случајов на областа на образованието, да ги утврдува условите и целите на основното воспитание и образование, да ја утврди програмата и организацијата на воспитно образовната работа во основното училиште, запишувањето на учениците во тие рамки да утврди и кога (на која возраст) едно дете стекнува статус на ученик, поради што оспорената одредба од член 47 став 1 од Законот не може да се постави под сомнение по однос на нејзина согласност со Уставот.
Оттука, од исти причини Судот одлучи и за членот 172 став 4 алинеја 2 од Законот согласно наведената деловничка одредба иницијативата да ја отфрли.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.106/2009
27 мај 2009 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски