151/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 мај 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на

– уставноста на член 91 став 3 од Законот за здравствена заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр. 38/1991, 46/1993, 55/1995, 10/2004, 84/2005, 111/2005, 65/2006, 5/2007 и 77/2008) и член 23 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр. 77/2008), и

– уставноста и законитоста на Одлуката за поделба на Јавната здравствена установа Универзитетски клинички центар Скопје, бр. 19-3434/1 од 8 јули 2008 година, донесена од Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2008).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од законите означени во точка 1 алинеја 1 од ова решение и за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точка 1 алинеја 2 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, со Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр. 77/2008), со член 1 со кој се дополнува член 91 од основниот текст на Законот за здравствена заштита, со додавање нов став 3 и со член 23, кој имал карактер на самостоен член со кој се уредувал преоден режим од Законот, донесен по донесувањето на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У. бр. 241/2007 од 11 јуни 2008 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 74/2008), со која е поништена Одлуката за поделба на Јавната здравствена установа Универзитетски клинички центар, бр. 19-3888/1 од 26 јуни 2007 година, законодавецот го повредувал членот 112 став 3 од Уставот, според кој одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.

Од оспорената одредба на членот 23 став 1 од Законот не можело да се утврди дека таа одредба се однесувала на Одлуката на Собранието на Република Македонија за основање на Клинички центар – Скопје, бр. 08-1402/1 од 17 април 1996 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 20/1996). Освен тоа, оспорените одредби биле неприменливи затоа што не биле определени неопходни критериуми и параметри за донесување на конкретна одлука од страна на Владата за потребите на населението од здравствена заштита и потребните услови по однос на просторот, опремата и кадрите, со што се повредувале темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска од член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51, член 91 алинеите 1 и 5 и член 112 став 3 од Уставот.

Според подносителот, новоизбраното Собрание на Република Македонија не можело да го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита, затоа што Владата се уште не била избрана, со што биле повредени член 90 став 3 и член 91 алинеите 1 и 2 од Уставот.

Оспорената одлука Владата ја донела врз основа на претходно наведените законски измени, со слична и идентична содржина како Одлуката за поделба на Јавната здравствена установа Универзитетски клинички центар, бр. 19-3888/1 од 26 јуни 2007 година, која Одлука е поништена од страна на Уставниот суд на Република Македонија, освен членовите 35, 36, 38 и 39 кои претставуваат нови одредби. Меѓутоа, одредбите на членовите 35 и 36 од оспорената одлука имале повратно дејство од 5.09.2008 година, со што се повредувала одредбата на член 54 став 4 од Уставот, според која законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога е тоа поповолно за граѓаните. При нормирањето на одредбите на членовите 35 и 36 од оспорената одлука, Владата не го зела предвид фактот дека со поништување на Одлуката за поделба на Јавната здравствена установа Универзитетски клинички центар, бр. 19-3888/1 од 26 јуни 2007 година, се поништуваат и правните последици што ги произвела таквата одлука. Имено, постапките за јавни набавки започнати до денот на влегување во сила на оспорената одлука не можеле да продолжат сметано од 5.09.2008 година, по поништувањето на Одлуката од страна на Усатавниот суд на Република Македонија, ако се почитувал членот 52 став 4 од Уставот.

Според подносителот на иницијативата, немало никаква уставна, законска и економска основа и потреба една Јавна здравствена установа Универзитетски клинички центар Скопје, која функционирала од 1996 година до крајот на 2007 година, да се подели и раздроби дури на 30 правни субјекти.

Со оспорената одлука не бил утврден и фактот дека Одлуката за основање на Клинички центар – Скопје, била донесена од Собранието на Република Македонија, врз член 91 став 2 на Законот за здравствена заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр. 38/1991, 46/1993 и 55/1995).

Владата, со оспорената одлука, во својство на основач на нови јавни здравствени установи укинувала постоење на јавна здравствена установа на друг основач – Собранието, што уставно и законски не било дозволено, за што впрочем и била донесена Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија, У. бр. 241/2007

Понатаму, се наведува дека со член 34 став 1 од Законот за установите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 32/2005 и 120/2005), за идните односи било утврдено дека основачот на установата можел да одлучи установата да се припои кон друга установа, две или повеќе установи да се спојат во една установа или установа да се подели на две или повеќе установи, а во ставот 3 на истиот член, било определено дека само со закон и статут на установата може да се уреди начинот на донесувањето на одлуката за статусни промени. Меѓутоа, во случајов, оспорената одлука не се засновала на ниту една одредба од Статутот на Јавната здравствена установа Клинички центар Скопје или на некој друг аналитички елаборат за конкретната поделба, што ја правело оспорената одлука противуставна и противзаконита.

Оспорената одлука не била во согласност со одредбите на член 91 став 3 од Законот за здравствена заштита и член 23 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита, затоа што не била заснована со критериумите – потребите на населението од здравствена заштита и условите по однос на просторот, опремата и кадрите утврдени со овој закон, што ја правело Одлуката противуставна и противзаконита, бидејќи Владата своите права и должности морала да ги врши само врз основа и во рамките на Уставот и законите (член 51 став 2 и член 88 став 2 од Уставот).

Со оспорената одлука се повредувал член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51, член 52 став 4, член 88 став 2, член 91 алинеите 1 и 5 и член 112 став 3 од Уставот, член 91 став 3 од Законот за здравствена заштита, член 23 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита и член 34 став 3 од Законот за установите.

Врз основа на наведеното, се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените законски одредби и на уставноста и законитоста на оспорената одлука.

Воедно, се предлага Уставниот суд на Република Македонија да донесе и решение за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорените законски одредби и оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека според член 91 став 3 од Законот за здравствена заштита, одлука за статусни промени (припојувување, спојување и поделба) на установите од ставот 2 на овој член Владата на Република Македонија ја донесува согласно потребите на населението од здравствена заштита и условите по однос на просторот, опремата и кадрите утврдени со овој закон.

Според член 23 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр. 77/2008), основачките права над постојните јавни здравствени установи основани од Собранието на Република Македонија до денот на влегувањето во сила на овој закон ги превзема Владата на Република Македонија од денот на влегувањето во сила на овој закон. Согласно став 2 на овој член, одлуката за статусни промени (припојување, спојување и поделба) на установите од ставот 1 на овој член Владата на Република Македонија донесува согласно со потребите на населението од здравствена заштита и условите по однос на просторот, опремата, кадрите утврдени со овој закон. Според став 3 на истиот член, со денот на влегување во сила на одлуката на Владата на Република Македонија од ставот 2 на овој член престануваат да важат основачките акти на јавните здравствени установи основани од Собранието на Република Македонија.

Судот, исто така, утврди дека според член 1 од Одлуката за поделба на Јавната здравствена установа Универзитетски клинички центар Скопје, Јавната здравствена установа Универзитетски клинички центар – Скопје, се дели на 30 јавни здравствени установи кои се поодделно набројани и за кои се утврдува дека се правни следбеници на Јавната здравствена установа Универзитетски клинички центар – Скопје.

Со членовите 2 – 32 од оваа одлука, се уредува поодделно дека секој дел од единствената Јавна здравствена установа Универзитетски клинички центар – Скопје, како организациона единица институт или клиника за болничките дејности, понатаму продолжува да работи како посебна јавна здравствена установа за секоја болничка дејност, како и дека продолжува во секоја од нив да се изведува образовната дејност и научно-истражувачката дејност. Воедно, се определуваат и лицата вршители на должноста во одделните јавни здравствени установи.

Според членот 33 од оваа одлука, изборот на членовите на органот на управување и именувањето на директорите на јавните здравствени установи од член 1 на оваа одлука ќе се изврши во рок од 30 дена од денот на нивниот упис во Централниот регистар на Република Македонија, а статутите на јавните здравствени установи ќе се донесат во рок од 15 дена од денот на именувањето на органот на управувањето на јавните здравствени установи.

Според членот 34 од оваа одлука, средствата за работа на јавните здравствени установи од членот 1 на оваа одлука, ќе се обезбедуваат од Фондот за здравствено осигурување на Македонија врз основа на склучување на договор, како и од сопствени приходи.

Согласно член 35 од истата одлука, новооснованите јавни здравствени установи продолжуваат да ги водат постапките пред надлежните судови и други органи и постапките за јавни набавки започнати до денот на влегување во сила на оваа одлука од јавните здравствени установи запишани во Централниот регистар на Република Македонија на 5 септември 2007 година.

Според член 36 од оваа одлука, побарувањата и долговите и другите права и обврски направени до денот на влегување во сила на оваа одлука од јавните здравствени установи запишани во Централниот регистар на Република Македонија на 5 септември 2007 година продолжуваат да ги побаруваат и да ги намируваат јавните здравствени установи основани согласно член 1 од оваа одлука.

Според членот 37 на оваа одлука, актите на Јавната здравствена установа Универзитетски клинички центар – Скопје, продолжуваат да се применуваат најдоцна до три месеци од денот на влегувањето во сила на оваа одлука.

Со членот 38 на Одлуката е определено дека евидентирањето на промените кои произлегуваат од оваа одлука ќе се извршат од страна на Централниот регистар на Република Македонија.

Согласно член 39 од оваа одлука, за спроведувањето на оваа одлука се грижи Министерството за здравство.

Според член 40 од Одлуката, оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

Одлуката е објавена во “Службен весник на Република Македонија” бр.83/2008, на 10 јули 2008 година.

4. Согласно член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно членот 61 од Уставот, Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката, а согласно членот 88 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт, а своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Согласно член 91 став 1 од Законот за здравствена заштита, здравствена организација можат да основаат: Републиката, правните и физичките лица. Според став 2 на овој член, јавна здравствена организација може да основа и да престане со одлука Владата на Република Македонија. Согласно став 3 на истиот член, одлука за статусни промени (припојувување, спојување и поделба) на установите од ставот 2 на овој член Владата на Република Македонија ја донесува согласно потребите на населението од здравствена заштита и условите по однос на просторот, опремата и кадрите утврдени со овој закон.

Според член 23 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр. 77/2008), кој има карактер на посебен член во овој закон со кој се уредува преоден режим на односите, основачките права над постојните јавни здравствени установи основани од Собранието на Република Македонија до денот на влегувањето во сила на овој закон, ги превзема Владата на Република Македонија од денот на влегувањето во сила на овој закон (став 1). Одлуката за статусни промени (припојување, спојување и поделба) на установите од ставот 1 на овој член Владата на Република Македонија ја донесува согласно со потребите на населението од здравствена заштита и условите по однос на просторот, опремата и кадрите утврдени со овој закон (став 2). Со денот на влегување во сила на одлуката на Владата на Република Македонија од ставот 2 на овој член престануваат да важат оснивачките акти на јавните здравствени установи основани од Собранието на Република Македонија (став 3).

Од анализата на наведените законски одредби произлегува дека Владата на Република Македонија, по влегувањето во сила на наведениот Закон за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита, односно по 3 август 2008 година, освен да основа јавна здравствена установа, кое право го имаше и пред наведените законски измени, може да донесе и одлука за престанување на постоењето на јавна здравствена установа, како и да донесе одлука за статусни промени (припојувување, спојување и поделба) на јавна здравствена установа, согласно потребите на населението од здравствена заштита и условите по однос на просторот, опремата и кадрите утврдени со овој закон.

Истовремено, согласно наведениот член 23 од Законот, законодавецот своите основачки права над постојните јавни здравствени установи основани од Собранието на Република Македонија пред влегувањето во сила на последните измени на Законот за здравствена заштита, ги пренесува на Владата на Република Македонија, со посебно овластување дека Владата има право да носи одлука за статусни промени на овие установи (припојување, спојување и поделба), согласно со потребите на населението од здравствена заштита и условите по однос на просторот, опремата и кадрите утврдени со овој закон. Тоа значи дека со наведената законска одредба законодавецот, во согласност со своето уставно овластување со закон да ги пропишува прашањата од сферата која ја уредува, основачките права над постојните здравствени установи основани од Собранието на Република Македонија ги пренел на Владата на Република Македонија, во која смисла утврдил и правен режим за статусните промени на веќе основаните јавни установи, овластувајќи ја Владата да одлучува за статусните промени.

Со наведената законска регулатива, Владата на Република Македонија е овластена да основа, укинува или статусно да менува нови здравствени установи, но исто така, врз Владата се пренесени основачките права на веќе основаните здравствени установи од страна на Собранието на Република Македонија, што значи дека Владата е овластена да одлучува за статусните промени на веќе основаните здравствени установи, со што законодавецот, имајќи ја предвид Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија, У.бр. 241/2008, со која е поништена Одлуката за поделба на Јавната здравствена установа Универзитетски клинички центар – Скопје, бр. 19-3888/1 од 26 јуни 2007 година, ги отстранил недостатоците во законската регулатива на кои укажал Уставниот суд, така што правниот режим во однос на постојните здравствени установи, основани од Собранието на Република Македонија, во однос на нивните идни статусни промени, го уредил со закон, како единствено уставно оправдано решение, на начин за кој оценил дека е оправдан и целисходен. Поради тоа, Судот ги оцени како неосновани наводите во иницијативата дека со наведената законска регулатива се повредувал член 112 став 3 од Уставот на Република Македонија, во смисла на непочитување на одлука на Уставниот суд на Република Македонија.

Наводите во иницијативата дека оспорените законски одредби биле неприменливи затоа што не биле определени неопходни критериуми и параметри за донесување на конкретна одлука од страна на Владата за потребите на населението од здравствена заштита и потребните услови по однос на просторот, опремата и кадрите, со што се повредувале темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска од член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51, член 91 алинеите 1 и 5 и член 112 став 3 од Уставот, Судот ги оцени како неосновани. Ова од причина што согласно член 92 став 1 од Законот, здравствена установа може да се основа и да врши здравствена дејност ако се обезбедени градежни објекти, стручни кадри, медицинска опрема, средства и други услови за вршење на дејноста, утврдени со закон и прописи донесени врз основа на закон.

Со Законот за установите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 32/2005 и 120/2005) се уредуваат условите и начинот на вршење на јавните услуги од јавен интерес (во натамошниот текст: јавни услуги ), установите и други видови на облици и дејности во кои се вршат овие јавни услуги, условите и постапката за нивното основање и статусните белези, давањето и одземањето на дозвола за вршење на дејноста, управувањето, надзорот, статусните промени и престанок, развојот, средствата за работа (финансирање), вложувањето на средства, имотот, статутот и другите акти, организационите единици и формите на соработка и здружување, сопственичката трансформација како и други прашања од значење за вршење на јавните услуги. Одредбите на овој закон имаат супсидиерна примена и се применуваат доколку со друг закон не е поинаку уредено (член 1).

Согласно член 16 став 1 на истиот закон, установа може да се основа ако: 1) со елаборатот за основање на установата е утврдено дека основачот обезбедил, или дал гаранција дека ќе обезбеди: потребен број стручни кадри кои ги исполнуваат условите утврдени за вршење на дејноста и кои ќе засноваат работен однос; објекти и опрема соодветни за вршење на дејноста; заштита при работа на вработените; заштита на корисниците на јавната услуга; други услови за вршење на дејноста, утврдени со закон; и 2) основачот со финансиски план обезбедил или дал гаранција дека ќе обезбеди одржливо ниво на финансирање на дејноста на установата. Според став 2 на истиот член, условите од ставот 1 на овој член за основање на установа и вршење на дејност поблиску се утврдуваат во нормативи и стандарди за основање на установа и вршење на дејност (во натамошниот текст: нормативи и стандарди). Согласно став 3 на овој член, нормативите и стандардите од став 2 на овој член ги донесува надлежниот министер на предлог на професионална комора или друг орган или организација утврдени со закон.

Анализирајќи ја целината на Законот за здравствената заштита, произлегува дека видовите на здравствени установи кои можат да се основаат, нивната надлежност и дејност, стручните кадри – здравствените работници и здравствените соработници неопходни за основање и работа на секој конкретен вид здравствена установа се утврдени со овој закон, како посебен закон со кој се уредуваат правата од здравствената заштита на граѓаните и системот и организацијата на здравствената заштита. Тоа значи дека законодавецот утврдил прецизна регулатива за тоа какви здравствени установи можат да се основаат, под кои услови може да се основа здравствена установа, кои лица и под кои услови можат да вршат дејност на здравствени работници и здравствени соработници, од каде произлегува дека постои јасно определена законска рамка која го обврзува основачот на здравствена установа, во случајов Владата на Република Македонија како основач на јавна здравствена установа, според кои мерила и критериуми треба да се раководи при операционализација на законското овластување за основање на јавна здравствена установа и за одлучување за статусни промени на јавните здравствени установи, од каде произлегува дека не се точни наводите во иницијативата дека законското овластување на Владата за одлучување за статусни промени на јавните здравствени установи немало критериуми и параметри утврдени со закон и дека значело навлегување на извршната во законодавната власт, а со тоа и повреда на начелото на владеење на правото.

Во однос на наводите во иницијативата дека новоизбраното Собрание на Република Македонија не можело да го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита, затоа што Владата се уште не била избрана, и дека тоа значело повреда на член 90 став 3 и член 91 алинеите 1 и 2 од Уставот, Судот го имаше предвид фактот дека согласно член 93 став 5 од Уставот, Владата на која и е изгласана недоверба, која поднела оставка или на која мандатот и престанал поради распуштање на Собранието, останува на должност до изборот на нова Влада. Тоа значи дека Уставот утврдил дека мандатот на Владата трае до избор на нова Влада, во сите случаи кога се врши избор на нова Влада, односно кога на Владата и е изгласана недоверба, кога Владата поднела оставка или кога мандатот на Владата престанал поради распуштање на Собранието, поради што произлегува дека Владата, до избор на нова Влада, има уставно право и должност да ги врши надлежностите утврдени со член 91 од Уставот и со Амандманот XXIV на Уставот, меѓу кои и да предлага закони.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека донесувањето на наведениот закон за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, по предлог на Владата како овластен предлагач, што е видно од дописот на Владата до претседателот на Собранието на Република Македонија, бр. 19-4465/2 од 21.06.2008 година, е во согласност со уставните овластувања на Владата да предлага закони, утврдени во член 91 алинеја 2 од Уставот, поради што Судот не го прифати тврдењето во иницијативата дека во периодот на донесување на Законот, Владата немала вакво законско овластување.

5. Врз основа на член 93 став 3 од Законот за здравствената заштита и член 23 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, Владата на Република Македонија ја донела Одлуката за поделба на Јавната здравствена установа Универзитетски клинички центар Скопје.

Според содржината на оспорената одлука, произлегува дека Владата на Република Македонија, согласно законски пренесените овластувања на основач на Јавната здравствена установа Универзитетски клинички центар – Скопје, одлучила за поделба на оваа јавна здравствена установа, како една од можните статусни промени, при што одлучила наведената јавна здравствена установа да ја подели на 30 јавни здравствени установи кои се правни следбеници на Јавната здравствена установа Универзитетски клинички центар – Скопје, сметано од наредниот ден од денот на објавувањето на Одлуката во „Службен весник на Република Македонија“, односно од 11 јули 2008 година. Тоа значи дека Владата одлучила во рамките на своите законски овластувања, поради што со ваквата одлука не се повредуваат владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Наводите во иницијативата дека согласно член 34 став 3 од Законот за установите, начинот на донесување на одлуката за статусни промени на установата се уредувал со закон и со статутот на установата, а во конкретниот случај оспорената одлука не се засновала на ниту една одредба од Статутот на Јавната здравствена установа Универзитетски клинички центар – Скопје, поради што истата не била во согласност со Законот за установите, Судот ги оцени како неосновани од аспект на оцена на законитоста на Одлуката. Имено, Законот за установите има супсидијарен карактер, односно одредбите на овој закон се применуваат доколку со друг закон не е поинаку уредено. Во конкретниот случај, со наведениот член 23 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита, во целост се уредува прашањето на идните статусни промени на јавните здравствени установи кои биле основани од Собранието на Република Македонија, а над кои основачките права се пренесени на Владата на Република Македонија. Поради тоа, токму оваа законска одредба од Законот за здравствената заштита, како посебен закон со кој се уредува здравствената заштита, претставува основ за начинот и постапката за извршените статусни промени на Јавната здравствена установа Универзитетски клинички центар – Скопје, како што е сторено со оспорената одлука, што значи дека примената на Законот за установите, во однос на наведената статусна промена, е основано исклучена. Поради тоа, Судот не го постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со член 34 став 3 од Законот за установите.

Во однос на тоа дали оспорената одлука се заснова на аналитички елаборат за оправданоста на конкретната поделба, како прашање кое се покренува со иницијативата, Судот оцени дека тоа претставува дел од постапката за донесување на Одлуката, а тргнувајќи од уставно определените надлежности на Уставниот суд, овој суд не е надлежен да ја испитува постапката за донесување на Одлуката од тој аспект.

Според Судот, наводите во иницијативата дека оспорените одредби од член 35 и 36 од Одлуката имале повратно дејство од 5 септември 2007 година што било спротивно на член 52 став 4 од Уставот, според кој законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните, се неосновани. Ова од причина што во конкретниот случај не станува збор за повратно дејство на прописот, туку се работи за одредби со кои се утврдува преоден режим во однос на започнатите судски постапки, постапки за јавни набавки и создадени побарувања и долгови во процесот на поделба на Јавната здравствена установа Универзитетски клинички центар -Скопје, со што се овозможува континуитет на овие процеси што е во функција на обезбедување услови за работа на новите установи, при што е неспорно дека овие установи се правни следбеници на Јавната здравствена установа Универзитетски клинички центар – Скопје.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.151/2008
20 мај 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски