207/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 мај 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 44 став 2 точките 1 и 2 од Законот за даночната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 88/2008 и 159/2008).

2. Петар Баришиќ од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 44 став 2 точките 1 и 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со оспорената одредба од Законот, даночниот управен акт се сметал за доставен до странки во земјата, третиот ден при предавањето во пошта и еден месец по предавањето во пошта за странство и не се определувала повратница за да постоел доказ дека странката го има примено даночниот акт. Членовите 160 и 174 од Законот за даночната постапка пропишувале право на приговор и жалба во рок од 15 дена од денот на доставување на даночниот обврзник. Со ваквото законско решение се изигрувале странките, бидејќи, објективно постоела можност пратката никогаш да не се примала или со големо задоцнување, со што даночниот управен акт станувал правосилен и извршен, што значело дека управниот орган имал основ да пристапи кон присилно извршување. Странката поради тоа се наоѓала во незгодна правна положба, бидејќи ако сакала да вложи жалба, голема била веројатноста таа да се отфрли како ненавремена, со што се повредувало уставното право на жалба. Во Законот за парничната постапка, Законот за кривичната постапкa, Законот за општата управна постапка известувањето на странките во однос на доставата било коректно предвидено, но само во Законот за даночната постапка се пропишувало дека не бил потребен доказ дека даночниот обврзник го примил даночиот акт, туку било доволно даночниот акт само да се предаде во пошта. Со вакви законски решенија подносителот на иницијативата смета дека странката не можела да го оствари правото на жалба поради тоа што постоела можност да се пречекори предвидениот рок, што било спротивно на членот 15 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 44 став 2 точките 1 и 2 во време на неговото важење предвидувал дека даночен управен акт се смета за доставен до даниочниот обврзник при пратка во земјата – третиот ден по предавањето во пошта и при пратка во странство – еден месец по предавање во пошта.

4. Според член 8 став 1 алинеи 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по неа.

Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У.бр.152/2008 („Службен весник на Република Македонија“ бр. 23/2009) го поништи членот 44 став 2 од Законот за даночната постапка. “Анализирајќи ја содржината на оспорената одредба дека доставувањето преку пошта се смета за уредно на денот на предавањето во пошта, Судот утврди дека е правно нејасна и неиздржана норма. Имено, не е јасно од каде и на каков начин лицето на кое се однесува даночниот управен акт ќе добие сознание дека за него, од некој орган, во поштата, на конкретен датум е доставен акт, по однос на кој, тој дополнително може или мора да презема процесни дејствија, да вложува жалба или пак да пристапи кон исполнување на обврската. Притоа, сметано од денот на доставување во поштата, односно токму од тој датум за лицето течат рокови и нивното пропуштање може да значи губење на правата, иако тоа и не мора да има сознание за доставувањето на писменото што се однесува на него и неговите права и обврски.

За Судот неспорна е потребата на законодавецот да обезбеди сигурен начин на доставување и намалување на можните изигрувања на уредното доставување, но оспорената одредба не е изведена докрај преку креирање на правно издржана норма, која нема да остави простор за правна несигурност и можност за губење на правата или неисполнување на обврските, едноставно заради немање на сознание дека во поштата на конкретен датум за лицето е оставен акт врз основа на кој течат права и обврски”

Со оглед на тоа што Судот со наведената Одлука го поништил оспорениот став 2 на членот 44 од Законот и тој веќе не се наоѓа во правниот поредок, согласно горецитираната деловничка одредба Судот иницијативата ја отфрли.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.207/2008
20 мај 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски