У.бр.209/2008-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 мај 2009 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 9-а од Правилникот за обука и полагање на стручен испит за работење со хартии од вредност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 122/2006, 28/2008 и 84/2008).

2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на одредбата од Правилникот означен во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива поднесена од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр. 209/2008 од 1 април 2009 година, поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата од Правилникот означен во точка 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.

5. Судот на седницата утврди дека според член 9-а од Правилникот за обука и полагање на стручен испит за работење со хартии од вредност, членовите и вработените во Комисијата за хартии од вредност се ослободени од плаќање на надомест за посетување на обуката и полагање на стручниот испит.

6. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 1 од Законот за хартии од вредност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 95/2005, 25/2007 и 7/2008), со овој закон се уредуваат начинот и условите на издавање и тргување со хартии од вредност; начинот и условите за регистрирање на хартиите од вредност, утврдување и порамнување на трговските трансакции и нетрговските преноси со хартии од вредност, како и ограничувањата на правата од сопственоста на хартиите од вредност; начинот и условите за функционирање на пазарот на хартии од вредност и на овластените учесници на пазарот; обврските за обелоденување од страна на акционерските друштва со посебни обврски за известување, членовите на органите на управување, директорите и одделни акционери; забранетите дејствија во врска со работењето со хартии од вредност; статусот и надлежностите на Комисијата; начинот и условите на работење на овластените учесници на пазарот при стечај и ликвидација и други прашања што се од значење за хартиите од вредност.

Со Законот за хартии од вредност е основана Комисијата за хартии од вредност, чиј статус, состав, функции, организација и работење се уредени во Глава VIII од Законот.

Според член 181 од Законот, во областа на пазарот на капитал се основа Комисија за хартии од вредност која претставува самостојно и независно регулаторно тело, со јавни овластувања утврдени со овој закон. Комисијата го регулира и контролира работењето со хартии од вредност на територијата на Република Македонија. Комисијата, во рамките на своите законски надлежности и овластувања, се грижи за законито и ефикасно функционирање на пазарот на хартии од вредност и за заштитата на правата на инвеститорите, со цел за постојано јакнење на довербата на јавноста во институциите на пазарот на хартии од вредност во Република Македонија. Комисијата има својство на правно лице. Седиштето на Комисијата е во Скопје.

Во членот 182 од Законот е уреден составот на Комисијата. Според овој член, Комисијата е составена од пет комисионери (членови) од кои еден е претседател. Мандатот на комисионерите (членовите) е пет години, со можност за реизбор. (3) Претседателот и комисионерите (членови) се професионално ангажирани во Комисијата со полно работно време и не можат да имаат друга функција и да бидат вработени на друго работно место или да добиваат друг надомест освен платата како комисионери (членови) и надоместоци од повремени едукативни и авторски хонорари.

Според член 183 од Законот, претседателот и комисионерите ги избира и разрешува Собранието на Република Македонија, по предлог на Владата на Република Македонија.

Надлежностите на Комисијата се детално утврдени во член 184 од Законот.

Според член 190 став 1 од Законот, Комисијата донесува правилници, по обезбедување на јавна расправа за предлог на правилници и поднесување на писмени забелешки од заинтересираните лица во период од 30 календарски дена.

Согласно член 112 став 1 од овој закон, услугите поврзани со извршувањето на налозите на клиентите, информирањето на клиентите за купување или продавање на хартии од вредност кое не претставува инвестиционо советување во брокерска куќа можат да ги вршат само овластени брокери. Според став 2 на истиот член, брокерот треба да биде полнолетен и да има положено стручен испит за работење со хартии од вредност. Согласно став 6 на овој член, Комисијата ги пропишува начинот и условите за полагање на испитот од ставот 2 на овој член.

Од анализата на наведените одредби на Законот за хартии од вредност, како и од целината на Законот, произлегува дека Комисијата за хартии од вредност е основана со Законот, како самостојно регулаторно тело, со јавни овластувања утврдени со овој закон.

Комисијата за хартии од вредност е институција чија задача е да го регулира и да врши надзор над финансискиот пазар во Република Македонија и да го поттикнува неговиот развој. Поради тоа, таа претставува регулатор на финансискиот пазар. Таа не претставува класичен орган на државната власт, туку самостојна и независна регулаторна институција која има голема одговорност, односно бројни регулаторни, надзорни, развојни и други функции. Заради нејзината независност и самостојност, Комисијата за хартии од вредност не се финансира од Буџетот на Република Македонија, туку таа самостојно, согласно член 227 од Законот, обезбедува средства за нејзината работа. Самостојноста и независноста на Комисијата за хартии од вредност и нејзината регулаторна функција се изразуваат и во овластувањето за донесување на акти заради примена на законите за чиешто спроведување таа е надлежна, кои што акти имаат задолжителен карактер за сите учесници на пазарот на хартии од вредност.

Врз основа на член 190 став 1 и член 112 став 6 од Законот, Комисијата донела Правилник за обука и полагање на стручен испит за работење со хартии од вредност.

Според член 2 став 1 на овој правилник, стручниот испит за работење со хартии од вредност го организира и спроведува Комисијата за хартии од вредност, врз основа на претходно спроведена обука. Согласно став 2 на истиот член, за спроведување на обуката и стручниот испит, Комисијата со одлука формира посебна работна група.

Според член 3 став 5 од овој правилник, трошоците за следење на обуката и полагање на стручниот испит за работење со хартии од вредност ги сносат кандидатите со плаќање на соодветен надомест утврден со Тарифникот за содржината и висината на одделните надоместоци што ги наплатува Комисијата за хартии од вредност.

Согласно член 8 став 1 од Правилникот, доколку кандидатот не го положи испитот со првото полагање, има право на две повторни полагања на испитот, во рок од две години од денот на завршување на обуката. Според член 9 од истиот правилник, при повторното полагање, лицата уплатуваат на сметката на Комисијата надомест за повторно полагање на стручниот испит.

Според оспорениот член 9-а од Правилникот (дополнувањето на Правилникот со овој член е извршено со Правилникот за дополнување на Правилникот за обука и полагање на стручен испит за работење со хартии од вредност, донесен на 9 јули 2008 година и објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 84/2008 од 11 јули 2008 година, со кој ден и влегол во сила), членовите и вработените во Комисијата за хартии од вредност се ослободени од плаќање на надомест за посетување на обуката и полагање на стручниот испит.

Од анализата на наведените одредби на Правилникот, произлегува дека со Правилникот, Комисијата го утврдила начинот и условите за полагање на стручен испит за работење со хартии од вредност, пропишувајќи дека трошоците за следење на обуката и полагање на стручниот испит за работење со хартии од вредност ги сносат кандидатите, со плаќање соодветен надомест утврден со Тарифникот за содржината и висината на одделните надоместоци што ги наплатува Комисијата за хартии од вредност. Меѓутоа, со оспорениот член 9-а од Правилникот, Комисијата од ваквата обврска за плаќање надомест за следење на обуката и полагањето на стручниот испит ги ослободила членовите и вработените во Комисијата за хартии од вредност.

При ваква состојба, се поставува прашањето дали статусот на член или вработен во Комисијата за хартии од вредност, може да претставува основ за ослободување од обврската за плаќање одреден надоместок за обука и полагање на стручен испит за работење со хартии од вредност, кои ги организира и спроведува Комисијата, како јавно правно овластување и дали со тоа се повредува начелото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и закон. Имено, Законот за хартии од вредност, утврдува дека положувањето на стручниот испит за работење со хартии од вредност е услов одредено лице да стекне статус на брокер, при што Комисијата за хартии од вредност е овластена да ги пропише начинот и условите за полагање на овој испит. Со оспорениот правилник, Комисијата утврдила дека за полагање на стручниот испит, претходно се организира и спроведува соодветена обука, при што пропишала дека трошоците за следење на обуката и за полагање на стручниот испит за работење со хартии од вредност ги сносат кандидатите, со плаќање соодветен надомест што го наплатува Комисијата.

Според Судот, организирањето и спроведувањето на обуката и стручниот испит од страна на Комисијата е јавно овластување на Комисијата утврдено со Законот за хартии од вредност, од каде произлегува дека сите лица кои се во ситуација да ја следат оваа обука и да го полагаат стручниот испит, односно сите лица над кои се протега реализацијата на ова јавно правно овластување, имаат исти права и обврски и во делот на следење на обуката и при полагање на испитот, но исто така и при плаќање на соодветниот надоместок за покривање на трошоците на работењето на Комисијата. Статусот на член или вработен во Комисијата не може и не смее да биде основ за утврдување на различни права и обврски на овие лица во однос на другите лица кои ја следат обуката и го полагаат испитот, што значи дека ослободувањето на овие лица од обврската за плаќање на надоместокот за следење на обуката и полагање на стручниот испит, пропишано со оспорениот член 9-а од Правилникот, неспорно претставува привилегија за оваа категорија на граѓани, за која нема основ и која води кон повреда на начелото на еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека член 9-а од Правилникот за обука и полагање на стручен испит за работење со хартии од вредност не е во согласност со член 9 став 2 од Уставот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.209/2008
20 мај 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски