Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 мај 2009 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА насловот пред член 145 и член 145 став 1 и став 2 во делот „или од обештетувањето за годишниот одмор во случаите од ставот 1 на овој член“ од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2005, 106/2008 и 161/2008).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива поднесена од Сојузот на синдикатите на Македонија, со Решение У.бр.200/2008 од 4 март 2009 година поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точка 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека насловот пред член 145 од Законот за работните односи гласи: „Плаќање на неискористениот дел од годишниот одмор“.
Судот, исто така, утврди дека според член 145 став 1 од овој закон, ако работодавачот не му овозможил искористување на годишниот одмор, работникот има право на обештетување за неискористените денови на годишен одмор, во висина на просечната плата на работникот за тие денови. Според став 2 од истиот член, ништовна е каква било спогодба со која работникот би се откажал од правото на годишен одмор или од обештетувањето за годишниот одмор во случаите од ставот 1 на овој член.
5. Според член 8 став 1 алинеите 3 и 8 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествена положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно член 32 став 4 од Уставот, секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат. Според став 5 на истиот член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Со Законот за работните односи се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување (член 1 став 1).
Со оспорениот член 145 став 1 од овој закон, се утврдува основот и висината за плаќање на неискористениот дел од годишниот одмор. Така, се утврдува дека ако работодавачот не му овозможил искористување на годишниот одмор, работникот има право на обештетување за неискористените денови на годишен одмор, во висина на просечната плата на работникот за тие денови. Во ставот 2 на овој член се утврдува дека ништовна е каква било спогодба со која работникот би се откажал од правото на годишен одмор или од обештетувањето за годишниот одмор во случаите од ставот 1 на овој член.
Според Судот, со законското решение од став 1 на членот 145 од Законот, спротивно на уставната гаранција од член 32 став 4 од Уставот, која значи обврска за работодавачот да создаде услови за користење на годишен одмор на работникот и тој одмор да го плати, законодавецот пропишува можност работодавачот, наместо овозможување на користење на платен годишен одмор, на работникот да му исплати обештетување за неискористените денови на годишен одмор, односно користењето на годишниот одмор да го замени со парично обештетување. Ваквата одредба остава простор за толкување во смисла дека доколку за работодавачот е тоа поисплатливо, користењето на годишниот одмор на работникот може да го замени со исплата на парично обештетување и тоа без никакви санкции.
Тргнувајќи од тоа дека наведената законска одредба значи ускратување на уставно утврденото право на користење на платен годишен одмор на работниците, од кое тие не можат да се откажат, Судот оцени дека член 145 став 1 од Законот не е во согласност со член 32 став 4 од Уставот.
Со оглед дека член 145 став 2 од Законот во делот „или од обештетувањето за годишниот одмор во случаите од ставот 1 на овој член“ ја следи правната судбина на ставот 1 на овој член, Судот оцени дека натамошното опстојување на овој дел од одредбата би значел повреда на начелото на владеењето на правото, утврдено со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Од истите причини, Судот оцени дека и натамошното опстојување на насловот пред оспорениот член 145, кој гласи: „Плаќање на неискористениот дел од годишниот одмор“, исто така, би значело повреда на начелото на владеењето на правото. Тргнувајќи од наведеното, Судот утврди дека натамошното опстојување на овие одредби во правниот поредок е неуставно.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.200/2008
13 мај 2009 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски