45/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 мај 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 121 став 1 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на дел од одредбите од членот 121 ставови 1 и 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорените делови од членот 121 ставови 1 и 3 од Законот, биле нејасни, непрецизни и непотполни, бидејќи не можело да се заклучи на кои посебни закони се мислело, така што со нив се создавала збрка и правна несигурност за граѓаните и субјектите кои ги применувале овие одредби. Поради тоа, се предлага за оспорените делови од членот 121 ставови 1 и 3 од Закионот Судот да поведе постапка за оценување на уставноста, како несогласни со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека во делот од Законот, кој се однесува на „градење без одобрение за градба“, е содржан членот 121, кој во ставот 1 предвидел: „На градежен објект изграден без одобрение за градење градителот со самата градба не стекнува сопственост, а до легализација или рушење на тој објект врз основа на одлука на надлежен орган ужива соодветна судска заштита која му припаѓа на сопственик, ако со закон поинаку не е определено“.

Според ставот 3 од овој член од Законот е уредено дека: „Ако за земјиштето каде што е изграден градежен објект без одобрение за градење не постои урбанистички план, а надлежниот орган утврди дека поминале десет години од изградбата на објектот и ја потврди градбата со одобрение за градење, градителот стекнува сопственост со упис во јавната книга за запишување на правата на недвижностите, ако со посебен закон поинаку не е предвидено“.

4. Според членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со Решение У.бр.184/2003 од 3 ноември 2004 година Судот не повел постапка за оценување на уставноста на членот 121 од Законот за сопственост и други стварни права.

Со оглед на тоа што Судот веќе ја ценел уставноста на членот 121 од наведениот закон и нема основ по повод оваа иницијатива за поинакво одлучување, Судот оцени дека врз основа на изнесените уставни и деловнички одредби во случајов се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.45/2009
13 мај 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски