172/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 6 мај 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 50 став 1 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точка 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорениот дел од одредбата немал уставна основа, затоа што имал повратно дејство, со што се повредувал член 52 став 4 од Уставот.

Вакви и слични одредби како оспорената, според подносителот на иницијативата, постоеле во членовите 51, 52, 53, 55, 66 став 1 во делот „ и условите“, 67 и 70 од Законот за градежното земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр. 53/2001), но Уставниот суд на Република Македонија, со Одлука У.бр. 172/2001 ги укинал. При одлучувањето за основаноста на оваа иницијатива, подносителот на истата предлага да се има предвид и одредбата од член 84 став 1 од Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 61/2004), според која правото на утврдување на данокот застарува за пет години по истекот на годината во која требало да биде утврден. Меѓутоа, со оспорениот дел на одредбата, законодавецот сакал со закон да утврди данок на промет на недвижности за период повеќе од 20 години, назад-повратно, иако тоа не било поповолно за граѓаните.

Според тоа, со оспорениот дел од одредбата се повредувале член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 52 став 4 од Уставот, поради што се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба.

3. Судот на седницата утврди дека според член 50 став 1 од Законот за градежното земјиште, лице кое користи градежно неизградено и изградено земјиште пренесено од поранешен сопственик, може да стекне право на сопственост на тоа земјиште ако истото го користи врз основа на договор склучен со поранешен сопственик повеќе од 20 години од денот на склучувањето на договорот и кога ќе плати данок на промет за земјиштето.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Со Законот за градежното земјиште се уредуваат правата и обврските во поглед на градежното земјиште и уредувањето на тоа земјиште (член 1).

Според член 2 на овој закон, градежното земјиште е добро од општ интерес за Републиката и ужива посебна заштита на начин и услови утврдени со овој закон. Уредувањето на градежното земјиште е дејност од јавен интерес.

Согласно член 3 став 1 на истиот закон, градежно земјиште во смисла на овој закон е изградено и неизградено земјиште планирано за градење со просторните и урбанистичките планови и/или со урбанистичките проекти согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Според член 6 од овој закон, градежното земјиште може да биде во сопственост на Република Македонија и во сопственост на домашни и странски физички и правни лица, под услови утврдени со овој закон и друг закон.

Оспорениот член 50 од овој закон е поместен во глава IV. Посебни случаи на стекнување на право на сопственост на градежно земјиште. Согласно став 1 на овој член, лице кое користи градежно неизградено и изградено земјиште пренесено од поранешен сопственик, може да стекне право на сопственост на тоа земјиште ако истото го користи врз основа на договор склучен со поранешен сопственик повеќе од 20 години од денот на склучувањето на договорот и кога ќе плати данок на промет за земјиштето. Со ставот 2 на овој член се пропишува дека постапката за стекнувањето на правото на сопственост од ставот 1 на овој член ја води органот на државната управа надлежен за работите на управување со градежното земјиште и се поведува врз основа на барање. Со ставот 3 од истиот член се пропишуваат доказите кои треба да се приложат кон барањето за стекнување право на сопственост на градежно неизградено и изградено земјиште пренесено од поранешен сопственик, а според ставот 4 на овој член, по барањето од ставот 2 на овој член органот на државната управа надлежен за работите на управување со градежно земјиште одлучува согласно одредбите на Законот за општата управна постапка.

Судот оцени дека наводите во иницијативата за тоа дека обврската за плаќање данок на промет на земјиштето, утврдена со оспорениот член 50 став 1 од Законот, предизвикувала повратно дејство на Законот, спротивно на член 52 став 4 од Уставот, се неосновани. Ова од причина што со оспорениот член 50 од Законот се утврдува и уредува посебен случај на стекнување право на сопственост на градежно земјиште, и тоа по пат на трансформација на правото на користење на земјиштето во право на сопственост на тоа земјиште, под јасно утврдени услови: користењето на земјиштето да било пренесено од поранешниот сопственик на земјиштето, врз основа на договор склучен со поранешниот сопственик повеќе од 20 години од денот на склучувањето на договорот. Како услов за трансформацијата од корисничко во право на сопственост на земјиштето е утврдена обврска да се плати данок на промет на земјиштето.

Судот имаше предвид дека вакво решение било присутно и во преодните и завршните одредби на Законот за градежното земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр. 53/2001), кој Закон престанал да важи со донесувањето на сега важечкиот закон, каде во член 68 став 1 било утврдено дека лице кое користи земјиште пренесено од поранешен сопственик може да стекне право на сопственост на неизградено градежно земјиште според одредбите на овој закон ако земјиштето го користи врз основа на договор склучен со поранешниот сопственик повеќе од 20 години и доколку плати данок на промет на градежно земјиште.

Како во претходната законска регулатива, така и во сега важечката регулатива која се однесува на трансформацијата на корисничко во сопственичко право на градежно земјиште, законодавецот прифаќа дека користењето на земјиштето, како единствено можно во услови кога продажба на градежно земјиште не била дозволена, било платено на поранешниот сопственик и овој факт се прифаќа како неспорен. Притоа, неспорно е дека прометот на недвижности се оданочува, во која смисла, според член 19 став 1 од Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија” бр. 61/2004), на остварениот промет на недвижности се плаќа данок на промет на недвижности. Под промет на недвижности, во смисла на овој закон, се смета преносот со надоместок на правото на сопственост на недвижности, замената на една недвижност за друга недвижност, како и друг начин на стекнување на недвижности со надоместок меѓу правни и физички лица.

Според оспорениот член 50 ставовите 2 и 4 од Законот, постапката за стекнување на правото на сопственост на земјиштето, ја води органот на државната управа надлежен за работите на управувањето со градежно земјиште, врз основа на поднесено барање, согласно со одредбите на Законот за општата управна постапка. Тоа значи дека постапката за трансформација завршува со донесување конечно решение со кое ќе се констатира дека корисничкото право на градежното земјиште се трансформира во право на сопственост на истото земјиште.

Според член 23 став 1 од Законот за даноците на имот, даночната обврска на данокот на промет на недвижности настанува со денот на склучувањето на договорот за пренос на правото на сопственост на недвижности, односно на замена на недвижностите, а според став 3 на овој член, ако пренос на правото на сопственост се врши врз основа на одлука на судот или друг државен орган, даночната обврска настанува на денот на правосилноста на таа одлука.

Со оглед дека со конечноста на претходно наведеното решение дотогашниот корисник на земјиштето станува сопственик на тоа земјиште, правно основано произлегува дека за истиот настапува обврска да плати данок на промет на земјиштето, на ист начин како што на тоа подлежат и другите сопственици на недвижност која ја стекнале на законски начин. Обврската за плаќање данок на промет на земјиштето настанува со моментот на утврдувањето на правото на сопственост на земјиштето, односно со конечноста на решението со кое е утврдено правото на сопственост на земјиштето, а не се поврзува со плаќањето надомест за користење на земјиштето, на што упатува иницијативата, поради што не станува збор за ретроактивност во плаќањето на данокот, како што погрешно се наведува во иницијативата.

Земајќи го во предвид наведеното, Судот оцени дека не можат да се прифатат наводите во иницијативата дека обврската за плаќање данок на промет на земјиштето била застарена, поради што нејзиното воведување со оспорениот дел на одредбата од член 50 став 1 од Законот предизвикувало повратно дејство на Законот.

Според Судот, подносителот на иницијативата неосновано упатува при анализата на оспореното законско решение, да се има предвид Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија, У. бр. 172/2001 со која се укинуваат членовите 51, 52, 53, 55 став 1, 66 став 1 во делот “ и условите“, 67 и 70 од Законот за градежното земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр. 53/2001), затоа што наведените одредби од Законот биле оспорени и укинати поради моделот на трансформација на градежното земјиште од право на негово користење во право на сопственост, кој подразбирал докажување во секој случај дека е платен надоместокот за користење на земјиштето генерално, за сите корисници, што Уставниот суд оценил дека е неосновано, а што воопшто не е случај со сега оспорената одредба.

Тргнувајќи од наведеното, Судот не го постави прашањето за согласноста на член 50 став 1 во делот:„ и кога ќе плати данок на промет на земјиштето“ од Законот за градежното земјиште со член 52 став 4 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.172/2008
6 мај 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски