178/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 29 април 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 155-б став 2 алинеја 4 од Законот за заштита и спасување („Службен весник на Република Македонија„ бр.36/2004, 49/2004, и 86/2008).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 155-б став 2 алинеја 4 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорената законска одредба од член 155-б став 2 алинеја 4 немала уставна основа од причини што со неа се вршело ограничување на правото за вршење на функцијата претседател, односно член на прекршочна комисија на лице ако е осудено со првосилна судска пресуда за кривично дело, а кое ограничување не било последица што произлегувала од извршувањето на изречената кривична санкција, односно казна, туку претставувала дополнителна последица што граѓаните ја трпеле по основ на осудуваноста по сила на закон, што не било допуштено.

Освен тоа, осудуваноста на лицето се однесувала за било кое кривично дело, независно од видот на изречената санкција од судот и во случаи кога кривичното дело за кое лицето било осудено не било во никаква врска со вршењето на функцијата претседател, односно член на прекршочната комисија, па оттука и формулацијата на оспорената законска одредба била недоволно прецизна и јасна и како таква не обезбедувала правна сигурност на граѓаните, што било еден од елементите на уставниот принцип на владеењето на правото.

Со оглед на наведеното, оспорената законска одредба не била во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и членовите 9, 13, 14, 23 и 51 од Уставот на Република Македонија. Врз основа на тоа, се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на членот 155-б став 2 алинеја 4 од Законот за заштита и спасување.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 155-б став 2 алинеја 4 од Законот, претседател, односно член на Прекршочната комисија може да се разреши, меѓу другото и ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело.

4. Според член 8 став 1 алинја 3 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владе­ењето на правото.

Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби и одредбите на Законот за заштита и спасување, а разгледувајќи ја оспорената одредба од овој закон од аспект на причините наведени во иницијати­вата, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за нејзината согласност со уставното начело на владеењето на правото содржано во член 8 став 1 алинеја 3 и со членовите 13 и 14 став 1 од Уставот.

При оценување на уставноста на оспорената законска одредба како основен критериум се имаше во вид постоењето на двата принципи на казнено-правниот однос утврдени во членовите 13 став 1 и 14 став 1 од Уставот, а тоа се прво, дека казната може да се изрече само со судска одлука и второ, дека за извршено казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или друг пропис. Тоа, со други зборови значи дека согласно наведените уставни одредби казнено-правниот однос се исцрпува на релацијата казниво дело и судски изречената казна за сторителот и дека натамошни последици од неговото извршување, односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот.

Неспорно е дека со оспорената одредба од Законот се пропишува престанок на вршење на определено право, односно должност – функција член на Прекршочна комисија, како правна последица од осуда за кривично дело што настапува по сила на закон. Наспроти тоа, Судот смета дека губењето на правата во овој контекст може да настапи само ако тоа е утврдено со судска пресуда во форма на споредна казна.

Тргнувајќи од наведеното пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот со напред наведените одредби од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.178/2008
29 април 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски