Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 29 април 2009 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА член 33 став 2 во делот: „и според природата на работите“ од Законот за судска служба („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2008, 161/2008 и 6/2009).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Уставниот суд на Република Македонија, на иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.173/2008 од 11 март 2009 година поведе постапка за оценување на уставноста на наведениот дел од одредбата на Законот означен во точката 1 од оваа одлука.
Постапката беше поведена затоа што пред Судот се постави прашањето за согласноста на оспорената законска одредба со член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 32 став 5, член 38 и член 51 став 1 од Уставот на Република Македонија..
4. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 33 од Законот е систематизиран во Поглавје III. – „Права и должности на судската служба“, Пододдел – „Работа во услови на штрајк“.
Според став 1 од тој член од Законот: „За време на штрајк на судските службеници, во судот се извршуваат работите во врска со закажаните расправи и рочишта, односно со јавните седници за донесување и доставување на сите одлуки во законскиот рок.“ Во став 2 од истиот член на Законот се определува дека: „Во постапките за кои со закон е утврдено дека се итни, односно за работите кои според закон и според природата на работите се нужни, судот е должен да работи и за време на штрајк.“. Оспорениот дел од оваа законска одредба-„и според природата на работите“, не е поблиску разработен во Законот.
5. Согласно членот 8 став 1 алинеите 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото, претставуваат темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според членот 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Согласно членот 38 од Уставот, се гарантира правото на штрајк. Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.
Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Тргнувајќи од содржината на наведените уставни одредби, произлегува дека правото на штрајк е едно од основните слободи и права на човекот и граѓанинот утврдени со Уставот. Тоа право, како едно од основните економски и социјални права е уставно загарантирано, при што Уставот препушта со закон и со колективен договор да се уреди начинот на остварувањето на ова право, со цел да не се доведе во прашање остварувањето на другите уставно гарантирани слободи и права. Во оваа смисла, не постои пречка со закон да се уреди начинот на остварување на правото на штрајк во судовите, водејќи притоа сметка при уредувањето на овие односи да не се доведе во прашање уставната гаранција за остварување на правото на штрајк, но и другите со Уставот гарантирани слободи и права.
Со оглед на тоа што делот „и според природата на работите“ на член 33 став 2 од Законот не е поблиску разработен со закон, таквата одредба остава простор за арбитретност од страна на судот при определувањето на овие работи, а тоа Уставот не го дозволува определувајќи дека со закон и со колективен договор се уредуваат условите за остварување на правото на штрајк. Поради тоа, Судот оцени дека наведениот дел од законската одредба не е во согласност со означените уставни одредби.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.173/2008
29 април 2009 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски