Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Макеоднија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 29.04.2009 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ ПОНИШТУВА членот 20 од Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон (“Службен весник на Република Македонија” број 4/08).
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесените иницијативи од Панче Докузов, адвокат од Штип, Шефајед Хајдари од Скопје и Стамен Филипов од Скопје, со Решение У. Бр. 251/2008 од 18 февруари 2009 година, поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од оваа одлука.
Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот со Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон бил објавен на 10 јануари 2008 година, а стапил во сила на 18 јануари 2008 година, но со оспорениот член 20 став 1 пропишана е ретроактивна примена на одредбите од членовите 9, 10, 11, 12, 13 и 18 на овој закон, кои ќе се применуваат од 1 септември 2007 година, а со ставот 2 од истиот член е предвидена ретроактивна примена на одредбите од членот 3 на овој закон, односно од 1 јануари 2008 година.
5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, како темелна вредност на уставниот поредок е утврден принципот на владеењето на правото.
Согласно член 52 од Уставот на Република Македонија законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Законите и другите прописи се објавуват во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.
Законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок што го утврдува Собранието со денот на објавувањето.
Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Од наведените уставни одредби произлегува дека објавувањето на законите и другите прописи е во функција на обезбедување на принципот на владеењето на правото и остварување на слободите и правата на човекот и граѓанинот како претпоставка за правната сигурност на граѓаните. Објавувањето на прописите претставува акт на обнародување и нивно ставање на увид на јавноста.
Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон е објавен во Службен весник на Република Македонија број 4/08 на 10 јануари 2008 година, а влезе во сила осмиот ден од денот на објавувањето односно на 18 јануари 2008 година. Тоа значи дека измените и дополнувањата на Законот ќе имаат примена и ќе важат по нивното влегување во сила и ќе уредуваат идни односи. Меѓутоа со оспорениот член 20 е пропишано дека одредбите од членовите 9, 10, 11, 12, 13 и 18 на овој закон ќе се применуваат од 1 септември 2007 година, а одредбите од членот 3 на овој закон ќе се применуваат од 1 јануари 2008 година.
Со членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон, како новина, се додаваат нови одредби со кои се уредува статусот на овластениот економски оператор, условите и критериумите за стекнување со таков статус, начинот и постапката на одобрување на статусот на овластен оператор и одземањето и укинувањето на иститот.
Поаѓајќи од тоа дека со овој член од Законот се уредуваат идните нови односи, истиот може да произведува правно дејство само после објавувањето и влегувањето во сила на Законот за изменувањето и дополнувањето на Царинскиот закон.
Со членовите 9, 10, 11, 12 и 13 од истиот закон, се уредува надлежноста на царинскиот орган за водење на прекршочна постапка и се прецизира мандатната постапка, при што и во овој случај ретроактивната примена не наоѓа правна основа.
Со членот 18 од Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон се менува членот 266 од основниот закон при што опфатот на прекршоците за кои е предвидено мандатно постапување е поограничен во однос на прекршоците опфатени со членот 263 од Царинскиот закон, односно се однесува само за сторени прекршоци од точките 10 и 11 од членот 263 од истиот закон и пропишува повисока глоба за правните и физичките лица.
Ретроактивноста предвидена во оспорениот член 20 од Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон, конкретно во делот за примената на членот 18 (266 од основниот закон), се однесува на мандатна постапка, што значи дека нема можност со измените на Царинскиот закон кои влегле во сила на 18 јануари 2008 година, ретроактивноста да се примени на период од 2007 година бидејќи казнената интервенција со мандатната постапка има смисла само ако се оствари во моментот кога сторителот е затекнат во вршењето на царински прекршок од страна на службеното лице, што значи мандатните постапки за период од кога се упатува на ретроактивна примена на членот, веќе се исцрпиле.
Со оглед на изнесеното, Судот утврди дека оспорениот член 20 од Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ број 4/08), не е во согласност со член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Ова одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.251/2008
29.04.2009 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски