164/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на
Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република
Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата
одржана на 22 април 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 34
ставови 3 и 4 од Законот за Управата за јавни приходи („Службен весник на
Република Македонија„ бр.81/2005 и 81/2008) и

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на
уставноста на член 24 став 1 во делот: „донесен по предходна согласност на
министерот за финансии„ од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија
му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на
делот на ставот 1 на членот 24 и член 34 ставовите 3 и 4 од Законот за управата
за јавни приходи.

Според подносителот на иницијативата делот од оспорената одредба што
гласи „донесен по претходна согласност на министерот за финансии“ немал уставна
основа, затоа што со колективниот договор на Управата за јавни приходи се
уредувале правата и обврските на договорните страни кои го склучиле тој
договор, а министерот за финансии, во случајот, не бил договорна страна и
оттаму немал никаква потреба на колктивниот договор тој да дава претходна
согласност. Дотолку повеќе што министерот за финансии имал право и да не даде
претходна согласност на подготвениот текст на колективниот договор и на тој
начин да го закочел или спречел колективното договарање, со што се повредувале
темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – основните
слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и
утврдени со Уставот и владеењето на правото од член 8 став 1 алинеи 1 и 3,
членовите 32 ставовите 1 и 5, 51, 95 став 3 и 96 од Уставот на Република
Македонија.

Оспорениот став 3 на членот 34 од Законот бил во директна спротивност
со преходните два става од овој член, затоа што со наведените ставови изрично и
точно било уредено каде службениците не смееле да вршат други функции и
дејности, па, затоа оспорениот став 3 бил апсолутно непотребен и излишен, од
уставно-правен аспект. Освен тоа, оспорената одредба не била во согласност и со
одредбите на членот 61 став 2 од Законот за организација и работа на органите
на државната управа, според кои со актите кои ги донесувал директорот кој
раководи со самостојниот орган на државната управа, односно со управната
организација не можело за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат
права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи. Според тоа,
со оспорената законска одредба подносителот на иницијативата смета дека се
повредувале наведените одредби од Уставот.

Оспорениот став 4 на членот 34 од Законот немал уставна основа, затоа
што остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредувале со
закон и со колективни договори (член 32 став 5 од Уставот), а не со оперативна
инструкција донесена од страна на директорот на Управата за јавни приходи. Така
што оспорената законска одредба не била во согласност со членот 32 став 5 од
Уставот на Република Македонија.

Поради наведените причини, се предлага Уставниот суд на Република
Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на член 24 став 1 во
делот „донесен по претходна согласност на министерот за финансии„ и на член 34
ставови 3 и 4 од Законот за Управата за јавни приходи.

4. Судот на седницата утврди дека членот 24 став 1 од Законот пред
неговата измена утврдувал дека на службениците се применува Законот за
работните односи и општите и посебните прописи од областа на здравственото,
пензиското и инвалидското осигурување и колективниот договор на Управата за
јавни приходи донесени по претходна согласност на министерот за финансии (во
натамошниот текст: колективен договор), доколку со овој закон поинаку не е
уредено.

Со измените од 2008 година членот 24 став 1 од Законот се менува и
гласи: “За даночните службеници во Управата за јавни приходи во однос на
правата, обврските и одговорностите од работен однос, покрај овој закон се
применуваат и одредбите од Законот за работните односи, прописите од областа на
здравственото, пензиското и инвалидското осигурување и колективниот договор на
Управата за јавни приходи”.

Судот на седницата, исто така, утврди дека според оспорениот
член 34 став 3 од Законот, вработените можат да вршат други работи и дејности
само со претходно одобрение од директорот, а според оспорениот став 4 на овој
член од Законот, работите и дејностите кои се во судир со службените должности
на вработените ги пропишува директорот со оперативна инструкција.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е
една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат
да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и
граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а според
став 3 на истиот член, ограничувањето на слободите и правата не може да биде
дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално
или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Согласно член 19 став 2 од Законот за организација и работа на
органите на државната управа („ Службен весник на Република Македонија“ број
58/2000), Управата за јавни приходи е основана како орган во состав на
Министерството за финансии, со својство на правно лице.

Со Законот за управата за јавни приходи се уредува
делокругот, организацијата, начинот на вршење на работата и раководењето со
Управата за јавни приходи, како и овластувањата и одговорностите при
собирањето, евидентирањето, обработката и заштитата на податоци во врска со
работите на Управата.

Според член 34 став 1 од Законот вработените не смеат да вршат
никаква друга функција, должност или дејност поврзана со остварување на профит
која е во судир со нивната службена должност. Според ставот 2, вработените не
смеат да вршат дејност која е во судир со нивната службена должност како
сопственици или партнери во трговски друштва, членови на управни одбори или на
надзорни органи на трговски друштва, според ставот 3 вработените можат да вршат
други работи и дејности само со претходно одобрение од директорот, според
ставот 4 работите и дејностите кои се во судир со службените должности на
вработените ги пропишува директорот со оперативна инструкција, а според ставот
5 на овој член од Законот, вработените кои се однесуваат спротивно на одредбите
на овој член одговараат дисциплински.
Со овој закон се уредуваат и специфичностите во правата, обврските и
одговорностите на вработените од работен однос, кодексот на однесување,
наградите и признанијата, како и финансирањето на Управата за јавни приходи.
Видно од образложението за донесување на овој закон, ваквата регулатива е
резултат на потребата од регулирање на работно-правниот статус на вработените
во оваа управа, од причина што со Законот за изменување и дополнување на
Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“,бр.
69/2004), лицата со посебни должности и овластувања вработени во Управата за
јавни приходи се изземаат од примената на Законот за државните службеници. Оваа
регулатива има за цел да го подигне степенот на професионализам кај даночните
службеници со посебни должности и овластувања, како и да се зајакне нивната
одговорност.
Согласно член 9 од Законот, со работата на Управата за јавни приходи
раководи директор, кој може да има заменик. Директорот и заменикот на
директорот, на предлог на министерот за финансии, ги именува и разрешува од
должност Владата на Република Македонија за период од четири години со право на
повторно именување. Именувањето на директорот и заменикот на директорот се врши
врз основа на нивната стручност и компетентност.

Тргнувајќи од содржината на наведените уставни и законски одредби,
оспорената законска одредба од член 34 ставови 3 и 4 од Законот, како и од
наводите во иницијативата, Судот утврди дека треба да се има предвид
значењето на работите кои се извршуваат од страна на Управата за јавни приходи
во сферата на спроведување на даночната политика на Република Македонија, од
една страна, како и значењето и одговорноста на функцијата директор на
Управата, кој е надлежен да организира и обезбедува законито и ефикасно вршење
на работите и задачите на Управата преку донесување оперативни инструкции во
писмена форма од сите области на даночното работење, па оттука и неговото право
да дава претходно одобрение за вршење на други работи од страна на вработените,
како и да gi определи работите и дејностите кои се во судир со службените
дејности.

Со наведенaта оспорена одредбa од Законот не се доведува во прашање
примената на одредбата на членот 32 став 5 од Уставот на Република Македонија
кој предвидува дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба
се уредуваат со закон и со колективни договори. Ова од причина што со членот 24
од Законот конкретно е наведено кои прописи во однос на правата, обврските и
одговорностите од работен однос важат за даночните службеници, за вработените
кои вршат работи од областа на финансиското и материјално работење и јавните
набавки и за вработените кои вршат општи, административно-технички и помошни
работи, а со оспорената одредба директорот со оперативна инструкција само
пропишува кои работи и дејности се во судир со службените должности, поради што
не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените ставови 3 и 4 од
членот 34 од Законот со Уставот на Република Македонија.

6. Подносителот на иницијативата, исто така, го оспорува и делот на
членот 24 став 1 од Законот кој веќе не постои во правниот поредок поради
неговата измена која е направена со Законот за изменување и дополнување на
Законот за Управата за јавни приходи („Службен весник на Република Македонија
„ бр.81/2008). Имено, со членот 14 од наведениот закон оспорениот член 24 став
1 е изменет со нова содржина кој веќе не го предвидува делот на одредбата:
“донесен по претходна согласност на министерот за финансии” koj e osporen so
inicijativata.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република
Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки
за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што оспорениот дел од одредбата од член 24 став 1 од
Законот веќе не постои во правниот поредок, бидејќи неговата содржина целосно е
изменета со наведените измени, Судот, согласно наведената деловничка одредба
иницијативата за оценување на уставноста на делот на ставот 1 од член 24 од
Законот поради процесни пречки за одлучување по неа, одлучи да ја отфрли.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова
решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р
Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта,
Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Гзиме Старова и
д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.164/2008
22 април 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски