Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 8 април 2009 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА Одлуката за основање на Државен студентски дом во Гостивар („Службен весник на Република Македонија“ број 97/2007) донесена од Владата на Република Македонија.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива поднесена од Невзат Бејта, градоначалник на општина Гостивар, со Решение У.бр.234/2007 од 18 февруари 2009 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.
Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето на согласноста на оспорената Одлука со Уставот и со закон.
4. Судот на седницата утврди дека Владата на Република Македонија ја донела Одлуката за основање на Државен студентски дом во Гостивар, со која во членот 1 е определено дека се основа Државен студентски дом „Бранко Станоевиќ“ во Гостивар, во членот 2 е утврдено дека називот на студентскиот дом е „Бранко Станоевиќ“ со седиште во Гостивар, а во членовите 3 и 4 е определено дека неговата дејност е реализирање и остварување на обезбедување и сместување, исхрана, како и културни, информативни и спортско рекреативни потреби на студентите почнувајќи од 15 август 2007 година.
Според членот 5 од Одлуката, за извршување на подготовките за почетокот со работа на Државниот студентски дом „Бранко Станоевиќ“ во Гостивар се формира четиричлена комисија, а според членот 6 со денот на влегувањето во сила на оваа одлука Државниот ученички дом „Бранко Станоевиќ“ во Гостивар продолжува да работи како Државен студентски дом „Бранко Станоевиќ“ во Гостивар.
Во членот 7 од Одлуката е определено дека вработените, средствата, просторот, опремата и нагледните средства од Државниот ученички дом „Бранко Станоевиќ“ во Гостивар ги презема Државниот студентски дом „Бранко Станоевиќ“ во Гостивар, а во членот 8 од Одлуката е утврдено дека формирањето на управниот одбор, донесувањето на статутот и именувањето директор на студентскиот дом ќе се изврши во рок од еден месец од денот на уписот во Централниот регистар на Република Македонија. Со членот 9 е определено дека оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
5. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 6 од Уставот, владеењето на правото и правната заштита на сопственоста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според членот 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост.
Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Законот за ученички стандард („Службен весник на Република Македонија“ бр.52/2005 и 117/2008) е донесен на 4 јули 2005 година. Во преодните и завршните одредби од овој закон е уредено дека со денот на неговата примена престануваат да важат одредбите од Законот за ученичкиот и студентскиот стандард („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/1998 и и 40/2003) кои се однесуваат на ученичкиот стандард (член 92); потоа уредува дека постојните државни ученички домови продолжуваат со работа како општински ученички домови односно ученички домови на градот Скопје, согласно со одредбите на овој закон од 1 септември 2007 година (член 85); основачките права и обврски спрема ученичките домови од членот 85 на овој закон ги преземаат општините односно градот Скопје, за ученичките домови на своето подрачје од 1 септември 2007 година; и правото на сопственост на објектите и имотот на овие ученички домови со одлука на Владата се пренесува на општината односно на градот Скопје (член 86).
За Судот не е спорно дека законодавецот со закон може да ги уреди односите на пренос на правата од постојните државни ученички домови, како што тоа го уредил со одредбите од Законот за ученички стандард со што законот не задира во сопственичките и други имотни права и односи на други носители во правниот поредок, имајќи го предвид уставно гарантираното право на сопственост и правната заштита на сопственоста како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Оспорената одлука за основање на Државен студентски дом во Гостивар е донесена од Владата на Република Македонија на 31 јули 2007 година и со неа всушност е спречено по 1 септември 2007 година предметната установа како таква да премине на општината, поради тоа што со Одлуката постојниот ученички дом престанал да постои и не можел да стане општинска установа, како што тоа било уредено со одредбите од Законот за ученички стандард.
Во уводниот дел Одлуката се заснова на Законот за ученички и студентски стандард кој воопшто не бил објавен во „Службен весник на Република Македонија“ број 37/1995 како што е наведено, туку во „Службен весник на Република Македонија“ бр.37/ 1998 и 40/2003), ниту има став 12 на членот 9 од Законот, на што се повикува Одлуката.
Понатаму, со оспорената одлука на Владата на Република Македонија фактички се основа конкретна нова установа на материјална, кадрова и статусна основа која постоела на претходна друга установа.
Од анализата на изнесената правна и фактичка состојба произлегува дека Владата на Република Македонија со оспорената одлука пренесува права на нова установа која ја основа со Одлуката, без да ја определи статусната состојба на претходната установа, кога таа била основана, кој ја основал, и дали со оспорениот пропис – Одлуката на Владата, се задира во основачки и други права на други субјекти од кои била основана, со што се повредува принципот на владеењето на правото и правната сигурност на субјектите во правото. Имено, со оспорената Одлука, Владата не врши исклучиво основање на нова државна установа за да се прифати исклучиво како основачки акт, туку е пропис со кој се одлучува и за друга претходно постоечка установа чиј статус и права кои произлегуваат, ги презема во новата државна установа со што Владата си презела права, без уставен и законски основ за тоа, да одлучува и во случај кога е во прашање постоечка установа за која претходниот основачки и сопственички статус не е ниту определен во Одлуката. Воедно, спротивно на наведениот Закон за ученички стандард со кој законодавецот дал законски основ за статусни промени на постојните ученички домови во општински установи, Владата си презела овластување да ја донесе оспорената одлука, и тоа во јули 2007 година кога Законот бил во сила и претстоела негова примена од 1 септември 2007 година со што извршната власт наспроти законодавната власт одлучувала за прашање кое веќе било одлучено односно уредено со закон.
Тргнувајќи од напред наведените причини Судот оцени дека оспорената Одлука не е во согласност со наведените одредби од Уставот и со членот 85 од Законот за ученички стандард.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова – Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.234/2007
8 април 2009 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски