Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 8 април 2009 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА член 24-а став 3 и член 57-а од Законот за трговија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 16/2004, 128/2006, 63/2007 и 88/2008).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива поднесена од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.179/2008 од 11 февруари 2009 година поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точка 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека согласно член 24-а став 3 од Законот за трговија, се забранува купување на алкохолни пијалоци од 19:00 часот до 06:00 часот наредниот ден.
Според член 57-а став 1 од истиот закон, глоба во износ од 200 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичкото лице кое купува алкохолни пијалоци од 19:00 часот до 06:00 часот наредниот ден (член 24-а став 3). Согласно став 2 на истиот член, државниот пазарен инспектор за прекршокот од ставот 1 на овој член може да изрече мандатна казна во износ од 50 евра во денарска противвредност. Според став 3 на овој член, глоба во износ од 200 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на родител или старател на дете, односно штитеник ако неговото дете, односно штитеник со возраст под 18 години купува алкохолни пијалоци (член 24 став 3). Според став 4 на истиот член, за прекршоците од овој член прекршочната постапка ја води и прекршочната санкција ја изрекува надлежниот суд.
5. Според член 8 став 1 алинеите 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.
Според членот 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.
Согласно член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Со Законот за трговија се уредуваат условите и начинот за вршење на трговија на внатрешниот и надворешниот пазар, мерките на ограничување на вршење на трговијата и заштитните мерки (член 1).
Согласно член 2 став 1 на истиот закон, трговија, во смисла на овој закон, е купување и продавање на стоки, како и вршење на трговски услуги.
Со одредбите на Законот за изменување и дополнување на Законот за трговија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 88/2008) се регулира купопродажбата на алкохолни пијалоци, на начин што Законот се дополнува со нов член 24-а со кој се забранува продажбата на алкохолни пијалоци во продавниците во состав на бензинските станици, во продавниците во состав на зелените пазари и преку киосците во трговијата; се забранува продажбата на алкохолни пијалоци од 19:00 часот до 06:00 часот наредниот ден и се забранува купување на алкохолни пијалоци од 19:00 часот до 06:00 часот наредниот ден. Понатаму, со дополнувањето на Законот со нов член 57-а , се пропишува дека на физичкото лице кое купува алкохолни пијалоци од 19:00 часот до 06:00 часот наредниот ден ќе му се изрече глоба за прекршок, дека за овој прекршок може да се изрече мандатна казна, како и дека соодветна глоба за прекршок ќе му се изрече на родител или старател на дете, односно штитеник ако неговото дете, односно штитеник со возраст под 18 години купува алкохолни пијалоци. За прекршоците од овој член прекршочната постапка ја води и прекршочната санкција ја изрекува надлежниот суд.
Во однос на покренатото правно прашање со иницијативата дека само продажбата на алкохолни пијалоци спротивно на пропишаниот режим, може да претставува прекршок за кој се изрекува соодветна глоба, а дека купувањето на алкохолни пијалоци под истите услови не би можело да претставува прекршок, односно дека прекршокот не можат да го сторат и продавачот и купувачот истовремено, Судот го имаше предвид следното:
Легитимно право на законодавецот е да ги уредува односите во одделни области на општественото живеење, па во таа смисла да го уреди и режимот на продажба на алкохолни пијалоци, на начин што ќе ја забрани продажбата на алкохолни пијалоци во одредени продажни објекти и во одреден период од денот, што, според Владата на Република Македонија, како предлагач на Законот за трговија, претставува мерка која државата ја презема за контрола и заштита од прекумерната употреба на алкохол во вечерните часови, особено од страна на младите лица. Исто така, легитимно право е на државата, во функција на операционализација на оваа мерка, да определи санкции за продавачите – правни и физички лица, кои ќе го прекршат пропишаниот режим на продажба на алкохолни пијалоци и ќе овозможат реализација на забранетиот промет.
Меѓутоа, пропишувањето на санкции за физичките лица – купувачи на алкохолни пијалоци во наведениот период, според оцена на Судот, ја надминува смислата и оправданоста на мерка која е нужна за спречување на општествено штетни дејствија, како основа и граница за определување на прекршокот и прекршочната санкција. Имено, трговецот, односно продавачот е должен да се придржува кон пропишаниот режим на продажба на алкохолни пијалоци, во која смисла законодавецот пропишал обврска за трговецот на мало кој врши продажба на алкохолни пијалоци да поседува лиценца за продажба на алкохолни пијалоци, ги пропишал условите кои трговецот треба да ги исполни за добивање на ваква лиценца, како и постапката за добивање на истата. Тоа значи дека законодавецот обезбедил нормативни претпоставки за тоа трговците што продаваат алкохолни пијалоци да се придржуваат кон пропишаниот режим за продажба, во спротивност, лиценцата ќе им биде одземена, а со тоа и дејноста забранета.
Спроведувањето на пропишаниот режим за продажба на алкохолни пијалоци автоматски значи неможност за продажба на овие стоки на физичките лица – купувачи во времето од 19:00 часот до 06:00 часот наредниот ден, под закана за санкција за продавачот доколку го прекрши овој режим. Во ситуација кога овој вид на стока не е достапен, сосема е ирелевантно дали физичкото лице е запознаено со законската регулатива која забранува продажба на алкохол во наведениот период. Ова од причина што станува збор за трговија на мало во продажни објекти каде стоката за продажба е јавно изложена и непосредно достапна до потрошувачот, во која смисла логично произлегува дека за купувачот сé што е јавно изложено и достапно во продажниот објект, значи дека е дозволено да се купи, од каде произлегува дека доколку му биде продадена одредена стока и тој ја плати цената на истата, легитимно е неговото очекување дека прометот е дозволен и дека неговото дејствие на купување на стоката нема карактер на противправно однесување како учесник во воспоставените пазарни односи. Оттука, сосема основано произлегува дека само продавачот може да биде одговорен доколку понуди на продажба и продаде стока чиј промет е забранет и пропишувањето на санкција за неговото однесување е единствено оправдана и нужна мерка со која може да се постигне саканата цел – контрола над продажбата на алкохол како легитимна цел.
Според тоа, казнувањето на физичките лица – купувачи на овој вид стока не може да се прифати како правно оправдана рационална мерка со која се постигнува баланс во намерата на државата да ја контролира продажбата на алкохол, поради што, според Судот, ваквата мерка не е во согласност со владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија и значи неосновано навлегување и повреда на достоинството и угледот на граѓанинот и неговиот морален интегритет.
Тргнувајќи од напред наведеното, Судот оцени дека член 24-а став 3 и член 57-а од Законот за трговија не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 11 став 1 и член 25 од Уставот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.179/2008
8 април 2009 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски