У.бр.199/2008-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 март 2009 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА членот 24-а во делот: „која е со место на живеење во општините во кои порастот на природниот прираст е под 2,1 живородено дете по жена, а според податоците на Државниот завод за статистика на Република Македонија, објавени за претходната година“ од Законот за здравственото осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.25/2000, 34/2000, 96/2000, 50/2001, 11/2002, 31/2003, 84/2005, 37/2006, 18/2007, 36/2007, 82/2008 и 44/2008).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата поднесена од Исмет Фетаи од Гостивар, со Решение У.бр.199/2008 од 17 декември 2008 година, поведе постапка за оценување на уставноста на делот на членот 24-а од Законот означен во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел на членот 24-а од Законот со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 24-а од Законот, посебен паричен надоместок за живородено дете остварува мајката за раѓање и мајчинство на живородено дете која е со место на живеење во општините во кои порастот на природниот прираст е под 2.1 живородено дете по жена, а според податоците на Државниот завод за статистика на Република Македонија, објавени за претходната година.

5. Уставот на Република Македонија во членот 1 став 1 определил дека Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.

Според членот 8 став 1 алинеја 8 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, а според членот 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во членот 34 од Уставот е предвидено дека граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Според член 35 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Согласно членот 39 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита, а граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Согласно членот 41 од Уставот, право на човекот е слободно да одлучува за создавање на деца.

Републиката, заради усогласен економски и социјален развој, води хумана популациона политика.

Според членот 42 став 1 од Уставот, Републиката посебно го заштитува мајчинството, децата и малолетните деца.

Од наведените уставни одредби произлегува дека здравственото осгурување, како елемент на правото на социјално осигурување, за своја темелна основа ја има определбата на Уставот според која Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност, како и уставната определба дека хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок.

Тргнувајќи од уставната определба со закон и со колективен договор да се уредат правата на граѓаните во сферата на социјалното осигурување врз основа на наведените уставни начела, со Законот за здравственото осигурување се уредува здравственото осигурување на граѓаните, правата и обврските од здравственото осигурување, како и начинот на спроведување на здравственото осигурување.

Здравственото осигурување на граѓаните со Законот е уредено преку востановување на задолжително и доброволно здравствено осигурување и во тие рамки се уредени правата и обврските на овие два вида на здравствено осигурување.

Задолжителното здравствено осигурување се востановува, според член 2 од Законот, за сите граѓани на Република Македонија заради обезбедување на здравствени услуги и парични надоместоци врз начелата на сеопфатност, солидарност, еднаквост и ефективно користење на средствата под услови утврдени со овој закон, а доброволното здравствено осигурување се установува за обезбедување на здравствени услуги кои не се опфатени со задолжителното здравствено осигурување.

Во членот 3 од овој закон е определно дека задолжителното здравствено осигурување го спроведува Фондот за здравствено осигурување на Македонија, кој согласно членот 53 се основа за таа цел, дејноста која ја врши е од јавен интерес и врши јавни овластувања утврдени со овој закон. Во делот на одредбите од Законот кои се однесуваат на задолжителното здравствено осигурување, со членот 4 е определено дека осигурени лица, во смисла на овој закон, се осигурениците и членовите на нивното семејство.

Согласно оспорениот член 24-а од Законот, посебен паричен надоместок за живородено дете остварува мајката за раѓање и мајчинство на живородено дете која е со место на живеење во општините во кои порастот на природниот прираст е под 2.1 живородено дете по жена, а според податоците на Државниот завод за статистика на Република Македонија, објавени за претходната година.

Посебниот паричен надоместок од ставот 1 на овој член го остварува мајката на живороденото дете и се исплатува за период од девет месеца непрекинато, а доколку роди повеќе деца одеднаш (близнаци, тројки или повеќе) една година од денот на раѓањето во висина на 30% од просечно исплатената нето плата по работник во Република Македонија објавена за тековниот месец.

Посебниот паричен надоместок од ставот 1 на овој член не се исплатува во случаите кога мајката на живороденото дете има право на надоместок на плата за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство, согласно со овој закон или тоа право го користи таткото, согласно со прописите за работните односи.

Посебниот паричен надоместок од ставот 1 на овој член се обезбедува согласно со Програмата за посебен паричен надоместок за живородено дете која на предлог на Министерството за здравство ја донесува Владата на Република Македонија.

Средствата за реализација на Програмата од ставот 4 на овој член се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија.

Согласно изнесеното, грижата на Републиката за социјалната сигурност и праведност на граѓаните покрај нормативната функција за остварување на правото опфаќа и обезбедување на материјални и финансиски средства затоа што без остварување на оваа компонента правата би биле како декларација без никаква вредност, што ја осмислува државата и како социјална држава.

Тргнувајќи од содржината на оспорениот дел на членот 24-а од Законот произлегува дека тој всушност не го обезбедува рамноправниот третман на жената при остварувањето на правото на паричен надоместок за живородено дете од причина што тоа право им се пропишува само на жените- мајки кои се со место на живеење во општините во кои порастот на природниот прираст е под 2.1 живородено дете по жена, а кое се утврдува според податоците на Државниот завод за статистика на Република Македонија, објавени за претходната година.

Имено, според мислењето на Судот во овој контекст треба да се гледа и еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите утврдено во членот 9 од Уставот. Суштината на оваа уставна норма е нејзиниот антидискриминаторски карактер и што забранува секаква привилегија и облик на повластување, меѓу другото, и по основ на општествената положба на граѓаните. Ова право не допушта воспоставување на основи за било какви разлики меѓу луѓето кога тие остваруваат одделни свои права. Со оспорената законска одредба, исто така, не се обезбедува еднаква заштита на мајчинството и децата како што предвидува членот 42 став 1 од Уставот на Република Македонија.

Оспорениот дел на членот 24-а од Законот, излегува надвор од смислата и концептот на целината на Законот за здравственото осигурување кој се востановува за сите граѓани на Република Македонија заради обезбедување на здравствена заштита, меѓу другото, и врз начелата на солидарност и еднаквост што значи, дека остварувањето на овие начела не може да зависи од тоа во која општина живее едно лице – мајка на живородено дете, туку начелото на праведност се манифестира токму во обврската на државата да пропише и обезбеди еднакви бенефиции – привилегии за сите граѓани подеднакво без оглед во која општина тие живеат.

За Судот, не е спорен фактот дека законодавецот има право со закон да пропише одредени услови, начинот и средствата за остварување на правата од здравственото осигурување и социјалната заштита, а во тие рамки и да ја определува стратегијата како што е случајот со порастот на природниот прираст предвидено во оспорениот член 24-а од Законот, а се со цел државата да води хумана популациона политика, меѓутоа, законодавецот во уредувањето на односите е должен да пропише еднакви права за граѓаните без разлика во која општина тие живеат, исклучувајќи било какви разлики и дискриминации меѓу луѓето кога тие остваруваат одделни свои права, имајќи ги предвид при тоа и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Законското решение дека право на паричен надоместок за живородено дете согласно оспорената законска одредба имаат само мајките кои се со место на живеење во општините во кои порастот на природниот прираст е под 2,1 живородено дете по жена, според мислењето на Судот претставува ограничување на остварување на правата од здравственото осигурување на лицата – мајки кои припаѓаат на општините кои не се опфатени со оспорената законска одредба со што се повредуваат принципите на еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, социјалната праведност, еднаквата заштита на мајчинството и децата, како и уставната определба за хуманизмот, социјалната правда и солидарноста како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.199/2008
18 март 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски